Рецензија: Другата страна на случајот Кежаровски, за што е осуден новинарот?

26.10.2013 05:18
Рецензија: Другата страна на случајот Кежаровски, за што е осуден новинарот?

„Томислав Кежаровски нанесе неправда, не само на Бреза, туку и на оние кои чекаа правда за убиството во ова село. Фактот што е новинар не смееше да биде причина за тој да не биде казнет.“

Жанровски нејасниот текст, објавен ден по главниот настан, има проблем со неколку професионални и етички стандарди. Но, реченицата што ја цитиравме, а што се наоѓа на крајот од текстот, може да биде сечија, но никако не и дел од новинарски текст, зашто истата е екстраполиран пример на непрофесионалност и отсуство на морални норми.

Линк до оригиналниот напис: Другата страна на случајот Кежаровски, за што е осуден новинарот?

Датум и време на објавување: 22.10.2013 17:02

Датум на рецензирање: 24.10.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Текстот е мешавина на факти и непоткрепени тврдења. Кога станува збор за фактите, тие се темелат на обвинителен акт и (веројатно?) на брифинг, иако на момент се добива впечаток дека читаме образложение на пресуда. Но, за дел од тие факти ние не можеме да ја утврдиме веродостојноста.

Пример:

„Новинарот Томислав Кежаровски со тоа што во весник истакнал податоци, име, дел од телефонски број и останати податоци кои го скицираат, сликаат и откриваат иденитетот на сведокот Бреза го довел во опасност по живот, за што се жалел и самиот сведок Бреза.“

Делот што не се темели на факти е коментарот и заклучокот на крајот од текстот.

Извори на информации: Во текстот нема наведено извори, ниту авторот приближно посочил на нив. Изворите врз кои се темели текстот, ако ги има, се еднострани. Читателот не може да биде сигурен дека Кежаровски бил осуден токму заради тоа што пишува во текстот. Не е применета ниту една новинарска постапка за појаснување на контекстот на информацијата, т.е. дали станува збор за обвинителниот акт или, пак, образложението на судската одлука, т.е. пресудата. Ниту, пак, е даден бекграунд на причините што довеле до процес во кој му се судело на Кежаровски.

Содржајност: Текстот е несеопфатен. Нема баланс и втора страна, нема други значајни елементи за темата што се обработува, а бидејќи и нема наведено извори, во веста можеби и се прикриваат информации.

Пристрасност: Информацијата што ја анализираме е пристрасна, затоа што читателот ни за момент не може да ја слушне/прочита, другата страна. Бидејќи не е јасно дали се прикажува обвинителен акт или образложение на судска одлука, минимална професионална коректност ќе била искажана доколку во вториот дел од текстот биле прикажани главните аргументи на одбраната или на самиот обвинет, односно, осуден. Не е јасно од каква природа е оваа наклонетост, но дека истата постои во текстот, нема сомневање.

Коментирање: На крајот од текстот има коментар, со кој, без никаков аргумент, вината за тоа што тешко кривично дело убиство не е расветлено, а убијците и нарачателот биле на слобода, му се припишува на Кежаровски. Во една од коментаторските реченици е направен незначителен и несуштински обид да се направи ограда од таквиот коментар, во стилот дека тој е пренесен, а не е став на авторот или редакцијата, но во следната реченица авторот или редакцијата директно посочуваат на Кежаровски.

Оригиналност/Плагијат: Иако текстот нема автор и извор, може да се смета дека е оригинално дело. Тој е опремен графички и содржински со елементи кои укажуваат дека е пишуван од некој што работи во новинарството. Покрај тоа, истиот е пренесен во уште други три интернет изданија, со посочување на изворот на преземање.

Квалитет на насловот: Насловот не информира, туку е повеќе во прашална форма. Тој е сензационален, зашто сугерира дека во текстот читателот ќе прочита за некаква втора страна, иако целиот текст се темели на една страна.

Фотографија: Фотографијата и фотокопиите објавени во текстот се во функција на самиот текст. Нема авторство на фотографијата која е објавена и на други портали, а фотокопиите од текстовите на Кежаровски, кои биле основен материјален доказ во постапката, се во функција на поткрепа на тврдењата во текстот.

Говор на омраза: Нема говор на омраза, ниту елементи што поттикуваат насилство. Но, има дискриминација во однос на почитување на основните граѓански и човекови права. Со коментарот на крајот од текстот, неправосилно осудениот Кежаровски авторот го товари за виновен за нерасчистување на тешко кривично дело убиство и за слобода на сторителите на истото.

Заклучок: Текстот што беше предмет на нашата рецензија е проблематичен од аспект на почитување на новинарските стандарди и по професионална и по етичка линија. Најпрво, читателот има проблем со утврдување на фактите, т.е. со вистинитоста. Сосема е јасно дека во оваа фаза на судската постапка – изречена пресуда, но не и образложение на пресудата, не може да се говори за содржината на самата пресуда. Таа може да биде идентична со обвинителниот акт, но и не мора. Судот може да најде други елементи за определување на вината по основ на делото за кое се товари обвинетиот, кои не се наведени во обвинителниот акт.

Оттука произлегува и отсуството на јасност на текстот – еден од основните новинарски стандарди при известување и пишување. Станува збор за текст кој нема автор, кој е без извори и во кој не е јасно дали станува збор за образложение на пресуда или за повторување на делови од обвинителниот акт. И да е образложение – што би било повреда на процесните дејства, бидејќи образложението на одлуката најпрво треба да го добијат странките во постапката, а потоа јавноста – и да е препис на обвинителниот акт, авторот во текстот тоа јасно морал да го наведе, за да не дојде до збунетост кај читателот.

Текстот има проблем и со балансот, исто така еден од значајните новинарски стандарди. Во него нема воопшто, на ниту едно место посочено втора страна. Страната на одбраната или на осудениот Кежаровски. Кога ќе се земе предвид и тоа дека никаде во текстот не му е појаснето на читателот дека станува збор за неправосилна пресуда, може да се оцени дека структурата на текстот е лишена и од содржајноста, односно целовитоста на една професионална пласирана информација.

Доколку авторот се потрудил да наведе повеќе факти од процесот, но повеќе и за причините за него – самото нерасчистено убиство и што се говори во инкриминираните текстови на Кежаровски околу причините зошто тоа убиството долго време е нерасветлено – тогаш читателот би имал појасна слика околу фактите зошто, навистина, е осуден Кежаровски.

Ако авторот се потрудил да го избалансира текстот, би можел да наведе во име на јавноста и реторички прашања од типот: дали сведокот во моментот на објавувањата на текстовите на осудениот бил заштитен или загрозен (термин што не постои во Законот за заштита на сведоци)? Дали сведокот бил сведок или соработник на правдата? Дали сведокот навистина бил загрозен со објавувањето на текстовите на Кежаровски или се премислувал затоа што навистина не му исполнувале тоа што му го ветувале службите? Зошто правдата (полицијата, обвинителството, судството) не реагирала пред 5 години кога биле објавени текстовите, туку сега? Зошто сведокот, иако судот тоа го бараше, не се појави во текот на процесот самиот да појасни на кој начин бил загрозен неговиот живот со текстовите на Кежаровски? Зошто и покрај изречената пресуда и без образложение на барањето на обивнителството, осудениот Кежаровски доби судска наредба да остане во притвор до правосилноста на пресудата? ….

Но, наместо да ја понуди втората страна, наместо во име на јавноста да поставува прашања, неименуваниот автор на текстот сосема неетечки, ставајќи се во улога на судија, заклучува дека во овој случај Кежаровски помогнал да останат на слобода „двајца убијци“(од каде знае авторот на текстот дека убиството е извршено од двајца убијци?), „нарачател на убиство“(од каде знае авторт дека убиството е извршено по нарачка?) и „преплашен сведок“(од каде знае авторот дека сведокот е преплашен?).

На крај, авторот „судија“, без да земе предвид дека пресудата за Кежаровски е неправосилна заклучува:

„Томислав Кежаровски нанесе неправда, не само на Бреза, туку и на оние кои чекаа правда за убиството во ова село. Фактот што е новинар не смееше да биде причина за тој да не биде казнет“.

Фактот што нешто се објавува на страница со редакција не мора да значи дека станува збор за новинарски труд. Особено завршниот дел од текстот, предмет на нашата рецензија, може да се оцени како крајно неетичко и непрофесионално практикување на новинарство.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).