Хроника на најавената смрт на демократијата

26.10.2013 11:15
Хроника на најавената смрт на демократијата

Од Ангела Меркел преку Херман ван Ромпуј и некогашниот маоист Хозе Мануел Баросо, па до Зоран Миловановиќ и Славко Линиќ, континенталните политички елити едногласно ги повторуваат мантрите за нужното штедење, објаснувајќи ја кризата како „живот над нашите можности“ – со други зборови, како неодговорно однесување на разгалените маси кои би работеле малку, би живееле добро на туѓа сметка и најмногу би се излежувале безгрижно во ладовината на расипничката социјална држава. Последната книга на угледниот социолог Волфганг Стрик, директор на келнскиот Институт за општествени истражувања „Макс Планк“ – објавена во март преку Suhrkampf, еден од најреномираните европски издавачи, насловена како „Купено време: одложената криза на демократскиот капитализам“ („Gekaufte Zeit. Die vertagte Krise des demokratischen Kapitalismus“) – во германскиот печат предизвика големо внимание токму заради причината што Стрик на mainstream увото му изнесува провокативни и прилично аргументирани тези кои сакаат да ја разнесат на парчиња споменатата догма.

Прво, спротивно на недопирливото убедување од пост-периодот на студената војна за природниот соживот на капитализмот и демократијата, Стрик тврди дека станува збор за присилен брак во чии рамки капиталот, по искуствата од Големата депресија, фашизмот, војната и постоењето на социјалистичка конкуренција, по повторното стекнување легитимитет во 1945 година, се согласил со низа ограничувања. Западноевропските земји развиле голем јавен сектор, силно регулиран пазар и силни синдикати, а државното планирање и интервенирање кое како цел ја има полната вработеност и прераспределбата на богатството се подразбирало. Со цел пацификација на инхерентниот конфликт на капитализмот, на населението му била понудена дарежливата социјална држава, а императивот на конкуренцијата бил сметан за застарен облик на живот. Како резултат на тоа, повоените децении забележале незапаметени стапки на раст на стопанството, но и општествена благосостојба, период кој на француски јазик е познат како trente glorieuses, триесетте славни години. Меѓутоа, во седумдесеттите години бунтовните сопственици на капиталот, исплашени од сè „понепристојното“ работништво и сè пониските профити, ја покренаа неолибералната револуција. Со оглед на тоа дека во капитализмот голем дел од инвестициските средства се во приватни раце, нивните сопственици располагаат со општествена моќ: доколку ги скратат (Investitionsstreik), ќе дојде до пораст на невработеноста и запирање на економскиот раст. Значи, кризата е второто име за уцена на сопственичката класа, а под шифрата „доверба во пазарот“ се крие изобилното задоволување на нивната глад за профит. Сè на сè, капиталот е тој – а не широките маси – кој го предаде општествениот договор на повоениот демократски капитализам; се покажа дека тој е „играч наместо играчка, грабливец наместо домашно животно, со кој институционалната рамка на социјалната пазарна економија изгледала како кафез кој станал претесен и од кој итно морало да се ослободи сè.

Историјата на западните општества тогаш станува приказна за ослободување на капиталот од општественото регулирање и во таа повеќедецениска неолиберална трансформација лежат корените на денешната криза. Во комбинација со новите можности за сè поголема интернационализација на пазарот, веќе во осумдесеттите сè е доведено под прашалник: од универзалните социјални права заштитени од пазарите преку нееднаквоста намалена заради даночната политика, па до државната контрола на клучните индустрии. Притоа, државите настојувале да обезбедат масовна лојалност за проектот консумеристичко општество и затоа е спроведена прилично успешната кооптација на алтернативните животни стилови: студентските демонстранти против Konsumterrora и долгокосите деца на цвеќето пораснаа во јапи личности заљубени во шарениот свет создаден од пазарната експанзија, секогаш на нови подрачја; дури и “Der Spiegel” неодамна пишуваше дека германските Зелени денес се партија на богатите. Меѓутоа, како што „јазот помеѓу ветувањата на капитализмот и очекувањата на неговите клиенти и тоа (...) што сè помоќните пазари биле подготвени да го дадат (...) сè повеќе се зголемувал“, било потребно да се ублажи крахот на повоениот класен компромис со купување време во вид на производство и потрошувачка на непостоечки пари, и тоа на три различни начини. Најпрвин, дупката од сеумдесеттите се обиделе да ја затнат со инфлација, додека таа не станала контрапродуктивна, па централната банка на САД со Федералните резерви, започнала политика на стабилизација. Потоа, во осумдесеттите започна ерата на државно задолжување; спротивно од уште еден мит, државниот долг за инвеститорите претставува речиси најпожелна инвестиција, но функционира само до моментот во кој почнуваат да се сомневаат во можноста за враќање. Во деведесеттите за прв пат се премина кон политиката на штедење, односно консолидацијата, што е следено со паралелна финансиска дерегулација. Како што знаеме, таа овозможи експанзија на матни финансиски производи и кредити кои биле доделувани на приватни семејства, со кои масите – се разбира, за сè поголема корист на пазарите – го „надоместувале“ тоа што државата веќе не го обезбедувала.

Според Стрик, клучно е тоа што колапсот на државните финансии, односно фискалната криза не бил предизвикан од расипничката држава – наводно создадена со комбинација на ненаситното население и популистичките политичари – туку од премногу ниските државни приходи. Имено, во седумдесеттите започнува и трендот на политика на намалување на даноците, односно како што ја формулираа нејзините калифорниски првоборци, „изгладнување на чудовиштето“ (државата), starving the beast. Значи, „оние кои најмногу профитирале од капиталистичката економија, всушност сè повеќе уплатувале премалку во јавната каса“. Откако Бил Клинтон, докрајчувајќи ја државата на благосостојбата каква што ја познававме (welfare as we have come to know it), на Џорџ Буш помладиот му ја остави средена благајната, како еден од своите први потези овој драстично ги намали даноците за богатите – големо чудо е што и покрај двете војни напумпа рекорден дефицит! Најпосле – по избивањето на кризата во 2008 година, заради создадената ненаплатливост на големиот број кредити – сè што постигнаа државите на полето на консолидацијата беше уништено, кога приватните банки, претставени како „преголеми за да пропаднат“, се спасени со парите од даночните обврзници. Тројната криза е забетонирана – фискалната, банкарската и кризата на економскиот раст, при што Стрик ја истакнува јасната врска помеѓу големината на финансискиот сектор на некои земји и задолженоста по избивањето на последната криза.

Ниту едно решение за „купување време“ не траело повеќе од една деценија, старите проблеми секогаш се појавувале во нова форма, а западните влади „никогаш по војната не биле толку изгубени“. Сите капиталистички земји, повеќе или помалку, ги следат истите обрасци: даноците беа намалувани и во Шведска, а заедничко е и тоа дека државите сè повеќе се лишуваат од одговорност пред своите граѓани. Секој метод „бил поврзан со поразите на населението зависно од платите“: од слабеење на синдикатите – што е тесно поврзано со растот на нееднаквоста! – до комерцијализација на социјалната и здравствената помош, чии гаранти, наместо владите и политичките партии, станаа приватните фирми.

Конечно, ако растот на државниот долг го објасниме како резултат на нерационалноста на демократските маси, како е можно во исто време да се одвивала радикалната и историски беспримерната прераспределба на општественото богатство во корист на побогатите? Според “New York Times”, во 2010 година во Америка 93 проценти од растот на БДП (288 милијарди долари) му припаѓале на горниот, еден процент од населението; уште во времето на Клинтон, тој удел изнесувал „скромни“ 45 проценти.

Во Европа неолибералниот марш е нераскинливо поврзан со процесот на евроинтеграциите, при што Унијата забрзано еволуира во недемократска авторитарна империја каде пазарите и инвеститорите се законски заштитени од какви било политички барања на мнозинството. Граѓаните со сè пониски плати и одрекување од макотрпно изборените социјални права ќе го плаќаат одржувањето на таквиот систем, додека (пост)демократијата ќе се сведе на комбинација од вистинска правна држава и забава за средната класа: постои јасна врска помеѓу растот на политичкото штедење и падот на одѕивот на изборите, особено кај подолните слоеви на кои промената на партијата на власт не им менува речиси ништо.

„Патиштата на капитализмот и демократијата се одвојуваат“, пишува Стрик, цитирајќи го Јенс Веидман, претседателот на Deutsche Bundesbanka, кој јасно изложил дека – во случај на непридржување до договорените правила – националниот суверенитет на некоја членка автоматски преминува на ниво на Унијата, па можно е мерките за штедење „да се спроведуваат и таму каде за тоа го нема потребното парламентарно мнозинство“. На дело е ослободување на пазарот, но не од државата (таа дури му е нужна за што поуспешно да му ги испорача граѓаните), туку од демократијата. Капитализмот со тоа финално се имунизираше од коректурата во името на социјалната правда – за архинеолибералот Фридрих Хајек таа била „квазирелигиска бесмислица“ и „опасна злоупотреба на демократијата“ – со помош на политичкото едноумие на власта и опозицијата, уставните ограничувања на задолжувањето и греми наградите за разните експерти. Во тој сон за Европа на Хајек, националните држави сè повеќе се под контрола на меѓународните финансиски дипломатии, чиј жаргон на просечниот човек му изгледа како опскурна бесмислица. Хрватска пак, за таа трка го има Велимир Шоња кој во колумната на Т-порталот го нарекува Хајек „вистински хуманист“, иако истиот искрено го бранеше режимот на Пиноче во Чиле.

Авторот одоколу ги поддржува „неодговорните“ (па и насилни) протести против опишаната состојба: „Ако разумот значи да се прифати претпоставката дека барањата на пазарите кон општеството мораат да бидат исполнети, и тоа на штета на она мнозинство од општеството на кое по една деценија од неолибералната експанзија не му преостанува ништо освен загуба, тогаш токму неразумното (однесување) би можело да биде единствено разумно“. Еврото – тој „гарант за надмоќта на експортните земји“ и „политички фелер кој настојува насилно да ги унифицира различните општества“ – би требало да се укине и да се вратиме кон флексибилниот европски монетарен систем, кој на стопански послабите држави би им овозможил зголемување на компетитивноста со девалвација на валутата, додека во моментов овие држави се осудени исклучиво на намалување на трошоците за работа.

Во приказните за европската солидарност не се споменува дека не станува збор за спасувањето на Грците туку за спасување на паричниците на нивните доверители; и покрај тоа, тие нема да го доживеат потстрижувањето – туку неколкуте грчки сопственици на бродови кои со уставот се изземени од плаќање данок! – туку пензионерите и обврзниците на здравственото осигурување. Најпосле, комплексната конфигурација на кризата во основниот класен конфликт злокобно се претвора во меѓународна затоа што – од ранг-листите на конкурентноста како на некој турнир – се спротивставуваат нациите кои се мета на притисокот од истите финансиски пазари.

Токму залагањето за повторно јакнење на сувереноста на националните држави – кое Стрик, со сите резерви, го гледа како единствена можност на демократијата – ја предизвикало полемиката со Јирген Хабермас. Хабермас исклучително пофално проговорил за книгата на Стрик („заради политичкиот занес, критичкото осветлување на фактите и силата на аргументите“ ја споредил со „18 Brumaire of Louis Bonaparte“ на Маркс), но жестоко ја нападнал неговата носталгија за светот на националните „европски државички“ (Kleinstaaterai); наместо тоа, според Хабермас, требало да се залага за демократизација „на Унијата која заостанува половина пат“ и изградба на европски политички народ. Таков проект, одговара Стрик, би барал целосно повторно втемелување на Европа врз поинакви основи, што во постоечките околности е сосема нереално. Кога европските елити извикуваат „Повеќе Европа!“, всушност мислат на повеќе пазари и штедење (пример за фискалниот пакт), додека социјалната унија или конвергенцијата на вработеноста не се ни споменува. „Дали претседателите на Европската комисија или Советот (демократски) се избрани или не – толку долго додека во споредба со претседателите на Европската централна банка и Европскиот суд немаат право да кажат нешто (да не го ни споменуваме претседателот на Goldman Sachs) – нема никаква врска со демократијата“. Националната држава е единствената институција која – теоретски суверена и одговорна пред граѓаните, а не пред инвеститорите и доверителите – сè уште може да нè спаси од „вавилонското ропство на ослободениот пазар“, додека демократијата ЕУ нема да ја спаси, туку ќе ја елиминира.

Дијагнозата за смртта на демократскиот капитализам и останатите изложени тези на Стрик не се нови; левицата, меѓу другото, му забележа дека жали за деновите на регулираниот капитализам „компатибилен со демократијата само во многу тесно ограничено издание“, а не за демократија без капитализам. Дали се сложуваат со него или не, факт е дека Стрик обедини голема количина податоци од широк историско-теоретски контекст во динамичен, питок и депресивен наратив кој убедливо раскажува како Западот стигнал онаму каде што е и каде нè водат елитите со насмевка на лицето; заради тој труд Стрик влезе во најтесниот круг за награда на саемот на книгата во Лајпциг. Иако книгата не нуди премногу убедливи решенија – магијата за создавање пари е потрошена, преостануваат плачот и чкртањето со забите – аргументите на Стрик можеби ќе ги поттикнат на размислување и некритичките сонувачи на утописката Европа на благосостојбата и човековите права, исповедниците на верата во митскиот „вистински“ капитализам, наспроти нашиот „див“ капитализам, на несвесните за променетата реалност. „Во Западна Европа денес национализмот не е најголемата опасност, туку пазарниот либерализам на Хајек“, пишува Стрик. Ако е во право, повикувањето на Европа во постоечката форма значи ослободување од драстичната нееднаквост и диктатурата на финансиските пазари. Би било убаво да се надеваме дека не е така.

Извор: http://www.novossti.com

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото