Зошто младите Јапонци не сакаат да имаат секс? (1)

28.10.2013 12:01
Зошто младите Јапонци не сакаат да имаат секс? (1)

Што се случува со една земја кога младите луѓе ќе престанат да имаат секс? Јапонија ги открива последиците...

Аи Аојама е секс терапевт. Таа работи во нејзиниот мал дом на една уличка во Токио. Нејзиното прво име значи „љубов“ на јапонски и за неа тоа е еден вид спомен од нејзината претходна работа како професионална домина. Пред 15-тина години таа била Кралицата Аи или Кралицата Љубов и ги правела „сите вообичаени работи“: ги врзувала клиентите и посипувала врел восок врз нивните брадавици. Денес, вели таа, нејзината работа е многу потешка. 52-годишната Аојама се обидува да се справи со она што јапонските медиуми го нарекуваат sekkusu shinai shokogun или „синдром на целибат“.

Се чини дека младата популација во Јапонија (под 40 години) губи интерес за конвенционалните врски. Милиони не се заинтересирани за состаноци, а сè поголем е и бројот на оние кои не ни помислуваат на секс. За нивната влада, „синдромот на целибат“ е дел од претстојната национална катастрофа. Јапонија веќе се наоѓа на листата на земји на светот со најмал процент на пораст на населението. Се проценува дека бројот на популацијата од 126 милиони, кој постојано се намалува последнава деценија, ќе опадне за уште една третина до 2060. Аојама верува дека државата доживува „оддалечување од човечката интимност“ – што е делумно и вина на владата.

На знакот пред нејзината зграда пишува „Ординација“. Ме дочекува облечена во јога-панталони и меки плишани папучи, гушкајќи еден пекинезер кој го претставува како Мерлин Монро. Во флаерот за нејзината ординација, со великодушна незаслужена доверба ја нуди информацијата дека во текот на 1990-те ја посетила Северна Кореја каде што ги „зграпчила“ тестисите на еден висок воен генерал. Не кажува дали била поканета таму исклучиво за таа цел, но пораката за нејзините клиенти е јасна: таа не суди никому.

Внатре, ме носи по скалите во нејзината „соба за релаксација“ – соба без мебел, каде што има само еден голем јапонски душек. „Тука ќе биде тивко“, вели. Првата задача на Аојама со повеќето нејзини клиенти е да ги охрабри да „престанат да се извинуваат за нивното сопствено физичко постоење“.

Бројот на самците е рекордно висок. Едно истражување од 2011 покажува дека 61% од неоженетите мажи и 49% од немажените жени на возраст од 18-34 години не се во каков било вид романтична врска, што е за 10% повеќе од истражувањата од 2006. Според друго истражување, една третина од луѓето под 30 години никогаш не биле дел од романтична врска. (Не постојат податоци за истополовите врски). Иако веќе долго време постои прагматична поделба помеѓу љубовта и сексот во Јапонија – земја во која религиозниот морал нема речиси никакво влијание – сексот не е во подобра позиција. Едно истражување спроведено годинава од страна на Јапонската организација за семејно планирање покажува дека 45% од жените на возраст од 16 до 24 години „не се заинтересирани или пак ја презираат и помислата за сексуална врска“. Повеќе од една четвртина од мажите го мислат истото.

Голем дел од луѓето кои ја бараат нејзината помош се длабоко збунети, вели Аојама. „Некои од нив сакаат партнер, други сакаат да бидат сами, но само на мал дел од нив им е блиска помислата за нормална љубов и брак.“ Како и да е, притисокот да се прифати јапонскиот анахрон семеен модел според кој мажот финансиски го обезбедува семејството, додека жената е задолжена за домот е сè уште силен. „Луѓето не знаат каде да се обратат. Доаѓаат кај мене зашто мислат дека поради тоа што сакаат нешто различно, нешто не е во ред со нив.“

Официјалната загриженост не помага. Во 2012 биле родени најмалку бебиња во однос на сите забележани години. (Со зголемувањето на бројот на повозрасните луѓе, во 2012 година во Јапонија за прв пат бројот на продадени панталони за возрасни луѓе со инконтинеција го надминува бројот на продадени пелени.) Кунио Китамура, директорот на Јапонската организација за семејно планирање тврди дека демографската криза е толку сериозна што јапонската нација „евентуално може да изумре“.

Луѓето во Јапонија под 40 години не сакаат да се размножуваат од должност, според примерот на повоената генерација. Државата поминува низ голема социјална транзиција по 20 години економска стагнација. Во исто време, се бори и против ефектите на стравот од нуклеарна деструкција по земјотресот, цунамито и радиоактивната катастрофа од 2011. Нема враќање назад. „И мажите и жените ми велат дека не гледаат полза од љубовта. Не веруваат дека тоа би можело да води некаде“, вели Аојама. „Врските станаа премногу тешки.“

Бракот стана минско поле од непривлечни опции. Како што опаѓа сигурноста во доживотни работни позиции, јапонските мажи веќе не се толку заинтересирани за кариера и сè помалку можат да се снајдат. Јапонските жени се понезависни и поамбициозни. Но конзервативните ставови сепак опстојуваат во домовите и на работните места. Строгиот јапонски корпоративен свет не им овозможува на жените да комбинираат кариера и семејство, додека само семејствата во кои и двајцата родители работат можат да си дозволат деца. Вонбрачните заедници или родителите кои не се венчани се невообичаени појави, следени од бирократското неодобрување.

Аојама вели дека мажите и жените, особено во огромните јапонски градови, се „оддалечуваат едни од други“. Во отсуство на долготрајни заеднички цели, многумина се одлучуваат за она што таа го нарекува "Pot Noodle love" – лесно и инстант задоволство, во форма на секс без обврски, краткотрајни состаноци и вообичаените технолошки „помошници“: онлајн порнографија, виртуелни „девојки“, аниме цртани. Или пак целосно се откажуваат заменувајќи ги љубовта и сексот со други урбани разоноди.

Некои од клиентите на Аојама се меѓу малкуте за кои социјалната повлеченост се трансформирала во патолошки екстрем. Тие се hikikomori (целосни осаменици) кои закрепнуваат обидувајќи се да му се приклучат на надворешниот свет, otaku (гикови), и долгогодишни parasaito shingurus (паразити самци) кои се во нивните 30-ти и сè уште не успеале да се иселат од дома. (Од проценетиот број на 13 милиони самци во Јапонија кои во моментов живеат со нивните родители, околу 3 милиони имаат повеќе од 35 години). „Некои од нив не можат да стапат во никаков контакт, вклучучувајќи го и физичкиот, со личности од спротивниот пол. Веднаш се тргаат ако ги допрам“, вели таа. „Повеќето се мажи, но има и сè поголем број жени.“

Аојама раскажува за еден маж во неговите рани 30-ти, кој е девица и кој не може сексуално да се возбуди освен ако не гледа женски роботи во игра слична на Power Rangers. „Користам различни терапевтски методи, како јога и хипноза, за да му помогнам да се опушти и да го разбере начинот на кој функционираат човечките тела.“ Понекогаш, за дополнителен хонорар, таа се соблекува пред нејзините машки клиенти – „сексот е строго забранет“ – за да им помогне визуелно да го доживеат женското тело. Сакајќи да го потпомогне напредокот на својата нација, таа ја споредува својата улога со онаа на куртизаните од периодот Едо или пак со т.н. oiran, кои биле задолжени за иницијацијата на синовите на самураите преку уметноста на еротското задоволство.

Одбивноста кон брак и интимност како дел од модерниот живот не е карактеристична само за Јапонија. Ниту пак сè поголемата опседнатост со дигиталната технологија. Но она што безбројните јапонски одбори не успеваат да го разберат при нивната секојдневна окупација со младината која срамежливо одбива да го продоложи растот на нацијата е фактот дека благодарение на официјалната ограниченост, одлуката да се живее како самец многу често е најпаметно донесената одлука. Ова е точно и за двата пола, но може да се каже дека особено се однесува на жените. „Бракот е гроб за жената“, вели една стара јапонска поговорка, која реферира на жените кои се игнорирани од нивните сопрузи за сметка на љубовниците. За јапонските жени на денешницата, бракот е гроб за нивните тешко достигнати кариери.

Ја запознав 32-годишната Ери Томита, пиевме кафе едно саботно утро во областа Ебису во Токио. Томита има работа која ја обожава, во секторот за човечки ресурси на една француска банка. Зборува француски течно, има две универзитетски дипломи и ги одбегнува романтичните врски за да се фокусира на работата. „Едно момче ме запроси пред три години. Го одбив кога сфатив дека сум позаинтерeсирана за мојата работа. Потоа, веќе не бев заинтерeсирана за врски. Стана чудно кога почнавме да размислуваме за иднината.“

Томита вели дека шансите за напредок за жената исчезнуваат во моментот кога таа ќе се омажи. „Претпоставените веруваат дека ќе останете бремена.“ Откако жената ќе се породи, додава таа, долгите работни часови стануваат неиздржливи. „Морате да поднесете оставка. Ќе завршите како домаќинка без сопствен приход. Тоа не е опција за жените како мене.“

Околу 70% од јапонските жени ги напуштаат работните места по раѓањето на првото дете. Светскиот економски форум редовно ја рангира Јапонија на листата на најлошите нации на светот во однос на родовата еднаквост на работните места. Општествените предрасуди не помагаат. Омажените вработени жени понекогаш се демонизирани како oniyome, или „ѓаволски жени“. Во една илустративна балетска поставка на „Кармен“ на Бизе прикажана пред неколку години, Кармен беше претставена како бизнис жена која манипулира со податоци на компанијата само за да напредува и потоа го мести нејзниот понизен љубовник Хозе, кој работи како службеник на обезбедувањето. Приказната не завршува добро за неа.

Премиерот Шинзо Абе неодамна ги постави како приоритет одамна одобрените планови за зголемување на партиципацијата на жените во економијата преку подобрување на условите и на платената грижа за деца, но Томита вели дека нештата би требало „драматично“ да се променат за таа да се одлучи да стане вработена сопруга и мајка. „Имам одличен живот. Се дружам со моите пријателки – вработени жени како и јас – ги посетуваме француските и италијанските ресторани. Купувам квалитетна облека и одам на убави одмори. Си ја сакам независноста.“

Томита понекогаш има кратки авантури со некои од мажите кои ги запознава низ баровите, но вели дека сексот не ѝ е приоритет. „Оженетите мажи од работа често ме прашуваат дали би сакала љубовна афера со нив. Претпоставуваат дека сум очајна зашто не сум со некого.“ Таа се мурти, и ги крева рамениците. „Mendokusai.“

„Mendokusai“ може да се преведе како „премногу работа за ништо“ или пак „не би сакала да се оптоварувам со тоа“. Тоа е зборот кој ќе го слушнете најчесто кога и мажи и жени зборуваат за нивната фобија од врски. Се чини дека романтичните врски означуваат товар и мачење, од огромните трошоци за купување имот во Јапонија до несигурните очекувања на партнерот/партнерката и роднините. А и старото верување дека целта на бракот е имањето деца опстојува. Јапонскиот институт за популација и социјална сигурност известува дека неверојатни 90% од младите жени сметаат дека ако останат сами, нивниот живот „секако ќе биде подобар од она што тие си го замислуваат како брак“.

кон вториот дел

Извор: The Observer

Слични содржини

Живот
Општество / Живот / Историја

ОкоБоли главаВицФото