Зошто Њујорк Тајмс го одби Банкси

28.10.2013 20:50
Зошто Њујорк Тајмс го одби Банкси

Уличниот уметник Банкси веќе некое време е „на работен одмор“ во Њујорк, каде ги одушевува минувачите со своите дела. Меѓутоа, неодамна успеа да разлути дел од јавноста поради изјава поврзана со тероризмот и 11 септември.

Банкси цел октомври го помина во Њујорк, каде тамошните улици ги украсуваше со своите графити. Неговите дела, кои ги претставуваше и на својата интернет страница, се окарактеризирани како ведри и забавни. Крајот на престојот требаше да го означи објавувањето на статија-уметничко дело во Њујорк Тајмс.

Меѓутоа, наместо во славниот весник, статијата е објавена на 27 октомври на сајтот на Банкси со порака на уметникот:

„Денешното дело требаше да биде колумна во Њујорк Тајмс. Но тие одбија да го објават она што им го понудив...“

Во статијата која Њујорк Тајмс одби да ја објави – а која потоа Банкси ја објави на својот сајт - уметникот наведува дека One World Trade Center, зданието подигнато во знак на сеќавање на настраданите во терористичкиот напад на Њујорк на 11 септември, всушност е доказ дека тероризмот победил.

Банкси наведува дека тоа здание го асоцира на „104 ката компромис“ кои ја покажуваат „победата на терористите“. Исто така, тој наведува дека зградата го потсетува на „срамежлив облакодер“ (англ. shyscraper) и претставува нешто што би можело да биде изградено во Канада.

„Неверојатно е за толку висока структура, но на WTC му недостига барем малку самодоверба. Како таа зграда да стои без ’рбет. Изгледа како да не ни сакала да биде изградена“, пишува Банкси.

„Многу е лесно да се посматра One WTC како предавство на сите кои ги изгубија животите на 11 септември, бидејќи јасно ни порачува дека терористите победија. Тие десет мажи направија да живееме во помедиокритетски свет отколку што тоа беше пред нападот, наместо да бидат канализатори за подобар, нов свет“, стои во статијата на уметникот.

„Навистина треба веднаш да изградите подобра зграда пред неа. Или уште подобро, да пуштите деца да ја довршат со своите боички. Во моментов имате само конструкција во изградба висока илјада стапки, која порачува: Њујорк, ги изгубивме нервите.“

Кога Њујорк Тајмс одби да ја објави неговата статија, Банкси одговори со уште едно уметничко дело, кое ја содржи пораката: This site contains blocked messages.

Извор: banksy.co.uk

ОкоБоли главаВицФото