Гаврило Принцип, херој?

29.10.2013 09:53
Гаврило Принцип, херој?

Остана помалку од една година до одбележувањето на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, дотогаш најкрвавата војна во човечката историја. Како што се приближува 28 јуни 2014 година, сè поизвесно е дека во организацијата за одбележувањето на стогодишнината во Сараево, на местото каде Гаврило Принцип го изврши атентатот на австро-унгарскиот престолонаследник и неговата сопруга, ќе се вклучи дури и германската влада. Како што се приближува овој датум, најголемата ноќна мора на нашите баби и дедовци, помалку или повеќе почнува да нè измачува сите. Значи, прашањето што нè измачува е, „што ќе каже светот“?

При анализа на улогата на Гаврило Принцип во светската историја, најпрвин е потребно да се посочи епистемолошката грешка во доминантното, но за жал ревизионистичко толкување на атентатот во Сараево. Речиси целата литература која се занимава со причините за Првата светска војна веќе на првата страница го апострофира убиството на Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија, како повод за почетокот на војната. Наспроти тоа што во подоцнежната анализа, овој конфликт од светски размери се доведува во директна врска со судирите на империјалистичките претензии на големите сили од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, секогаш некако останува тој почетен горчелив вкус кога се споменува името на Гаврило Принцип.

Дека чинот на убиство на колонијален субјект од страна на угнетуваниот е знак за вистинско самоослободување, научивме од Жан Пол Сартр. Имајќи предвид дека во текот на деветнаесеттиот и дваесеттиот век колонизацијата ја следела промоцијата на таканаречениот „научен расизам“, според која колонизацијата била оправдана дотолку што била извршeна над оние кои биле неспособни да управуваат со себеси, на тие подрачја колонизираниот народ бил ставен во положба на инфериорна раса. Иако, често за татко на „научниот расизам“ се смета Аристотел, не е мал бројот на модерните, пред сè либерални мислители, кои токму со овој концепт ги оправдувале колонијалните освојувања на своите земји. Така Џ. С. Мил сметал дека е оправдано да се оди во империјални походи ако тоа значи дека „нецивилизираните“ ќе станат „цивилизирани“. И Токвил, пишувајќи за Алжир, ги артикулирал карактеристиките на францускиот идеал за „цивилизирачките мисии“. Единствено Бентам бил против британскиот империјализам и тоа само од причина што го сметал за неисплатлив, затоа што мислел дека со таквите походи се трошат драгоцени ресурси. Се разбира, покрај Велика Британија и Франција, тука биле и обединета Германија, Австро-Унгарија и царска Русија. Секоја од овие земји имала потреба од империјалистички походи. Се разбира, конфликтите на големите сили околу териториите се протегале низ целата историја на постоењето на модерните држави, а во нив освен набројаните, од 16 век па наваму, учествувале уште и Шпанија и Холандија. Така светот во еден историски момент станал тесен затоа што западот се развил токму заради тоа што во трката за светското богатство се вклучувале само ограничен број членови. Според многумина, Западот се развил само затоа што многу напредните земји како Кина и Индија биле опустошени со експлоатацијата. Одеднаш, во експлоататорските походи се вклучиле премногу земји и било прашање на време кога ќе ескалираат конфликтите на големите сили. А тогаш, од никаде, се појавил некојси Гаврило Принцип, го убил окупаторскиот симбол, го доживеал сартровското самоослободување и започнала Првата светска војна?

Велат дека Гаврило Принцип бил националист. Во регионот не го сакаат затоа што бил член на организацијата која за цел имала обединување на Србите под австро-унгарската власт (но и другите јужни Словени). Во светот го нарекуваат терорист, затоа што, во секој случај и во кои било околности, убиството е варварски чин – а особено убиството на еден престолонаследник. Да тргнеме од првото обвинување.

Ширум светот, сите (успешни) антиколонијални движења во дваесеттиот век, биле движења за „национално ослободување“. Како што пишува Алан Рајан, национализмот е опасен подарок кој колонизаторите ненамерно им го дале на колонизираните. Дури и Маркс сметал дека колонијалните освојувања се прогресивни, во смисла дека можат да доведат до експанзија на капиталистичкиот начин на социо-економска организација, а кој за последица би имал формирање на народноослободителни движења, кои по примерот на оние европските, најпрвин би се ослободиле од колонијалното владеење, а потоа би земале учество во светската социјалистичка револуција. Најпрвин, тие движења морале да бидат национални. Ослободувањето од „империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“ (како што гласи најпознатото дело на Ленин за овој феномен) почнува со групирање на нацијата, односно групата која има желба, по примерот на западните национални држави, најпрвин да се ослободи од окупаторот а потоа и да формира независна државна заедница. Оттука и дефинирањето на „неагресивниот национализам“ според доктрината „секој народ со своја заедница“ и јасното разликување во однос на „агресивниот национализам“ кој подразбира освојувања. Оваа класификација секако е резервирана за периодот на раниот дваесетти век и пред сè антиколонијалната борба и не е релевантна за денешната анализа на национализмот, пред сè како ретроградна општествена тенденција. Честопати таа борба, во сите делови од светот од почетокот на дваесеттиот век била многу радикална и тоа не значи дека можела да биде категоризирана како „агресивна“ – ако ја користиме претходно наведената категоризација. Во таа смисла, Гаврило Принцип е терорист, колку што, на пример, бил Симон Боливар, инаку симбол на антиколонијалната борба во Јужна Америка. Истото може да се каже и за второто обвинување, т.е дека Гаврило Принцип е терорист, колку што, на пример, бил Ернесто Гевара (без намера да ги споредувам историските или идеолошките улоги на овие двајца). Тука доаѓаме до она што го сметам за главна епистемолошка (сознајна) грешка во анализата на историската улога на Гаврило Принцип.

Од гледиштето на историската улога, потполно е ирелевантно дали Млада Босна, чив член бил Принцип, била за ослободување прво на Србите па потоа и на останатите, или само на Србите, или сите јужни Словени подеднакво (иако е ова првото). Исто така, помалку е битно дали оваа организација била во спрега со српската „Слобода или смрт“ (а била), меѓу другото и тоа што, на пример, идеологот на Млада Босна, Владимир Гачиновиќ, бил следбеник на рускиот анархизам (Кропоткин и Бакунин), додека со Троцки, кого го запознал во Швајцарија, бил дури и пријател. Помалку важно е и тоа дали Гаврило Принцип, доколку во каков било случај преживеел и останел во ослободената Босна, можеби во некој момент и би се предомислил во врска со своите убедувања (за кои и не можеме точно да тврдиме какви биле), како на пример египетскиот антиколонијален борец по име Саид Кутб, кој најпрвин бил херој, а потоа бил убиен од страна на режимот на Насер затоа што не ја поддржувал воената диктатура туку се залагал за Шеријат (инаку, овој човек во 1949 година ја напишал книгата со наслов “Social justice in Islam”). Значи, на тој начин за анализата на историското значење на атентатот во Сараево и неговиот извршител, варијаблите како карактерот на Млада Босна, нејзините врски со „Слобода или смрт“ или убедувањата на Принцип, се потполно ирелевантни. Единственото побитно нешто е историскиот контекст во кој се одиграл овој настан, затоа што атентатот бил израз на антиимперијалната борба на народот кој живеел под туѓа власт со векови. Народот кон кој големите сили се однесувале „научно расистички“, преку Гаврило Принцип го доживеал сартровското самоослободување. Овој народ кој и понатаму го зборува истиот јазик, а е со различни вери и етницитети, веќе стотина години чека на уште еден Принцип во оваа модерна империја која, како што велат Хардт и Негри во својата „Империја“, не се создава врз основа на силата туку на способноста силата да се претстави како да е во служба на мирот.

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото