Зошто младите Јапонци не сакаат да имаат секс? (2)

30.10.2013 09:57
Зошто младите Јапонци не сакаат да имаат секс? (2)

Ова чувство на неверојатен притисок влијае и врз мажите. 31-годишниот Сатору Кишино е дел од голема група мажи помлади од 40 кои учествуваат во еден вид пасивен бунт против традиционалната јапонска мажественост. Пригмечени од рецесијата и несигурните плати, мажите како Кишино веруваат дека притисокот според кој тие би требало да бидат економските воини кои ќе ги обезбедуваат своите жени и семејства - е нереален. Тие одбиваат да имаат и кариери и успешни врски.

„Тоа е премногу напорно“, вели Кишино кога го прашувам зошто не е заинтерсиран да има девојка. „Не заработувам доволно пари за да можам да си дозволам да одам на состаноци и не ја сакам одговорноста која би ја чувствувал поради надежите за брак на некоја жена.“ Јапонските медиуми кои имаат име за секоја социјална појава ги нарекуваат мажите како Кишино „хербивори“ или soshoku danshi (буквално, „тревопасни мажи“). Кишино вели дека не му пречи терминот, бидејќи тоа е толку честа појава. Тој ја дефинира како „хетеросексуални мажи за кои сексот и врските немаат значење.“

Феноменот се појави пред неколку години по прикажувањето на една јапонска манга ТВ серија. Главниот лик во „Otomen“ (Женствени мажи) беше висок шампион во боречки вештини, еден вид силен кул маж. Но тајно, тој обожаваше да пече колачиња, да собира „розови светкави предмети“ и да плете облека за неговите плишани играчки. За ужас на стариот корпоративен свет во Јапонија, серијата доживеа вистински успех во генерацијата која тие денес се обидуваат да ја вратат на „вистинскиот пат“.

Кишино кој работи како дизајнер и менаџер во една компанија за модни додатоци не плете. Но вели дека ги сака готвењето, велосипедизмот и платонските врски. „Дел од моите пријателки навистина ме привлекуваат, но се научив да живеам без секс. Емотивните односи се премногу комплицирани“, вели тој. „Не можам да се оптоварувам со тоа.“

Без разлика на романтичната апатија, Кишино, како и Томита, вели дека ужива во неговиот активен живот на самец. Иронично, конзервативниот економски систем кој креира толкава сегрегација помеѓу брачните партнери – ги затвора жените во домот, додека мажите се на работа по 20 часа во денот – создава и идеална атмосфера за оние кои сакаат да живеат сами. Јапонските градови се исполнети со удобности за самците, од баровите за тестенини со маси за самци, преку хотелите за самци до сеприсутните konbini (малите продавнички) со нивните полици со оброци за еден и долна облека за една употреба. Сите овие удобности беа првично наменети за јапонскиот бизнисмен, но сега има и ресторани кои опслужуваат само жени, посебни катови во хотелите, па дури и станбени згради. И јапонските градови имаат неверојатно ниска стапка на криминал.

Некои стручњаци веруваат дека оддалечувањето од бракот не е едноставно одбивање на застарените норми и родовите улоги. Ова може да биде и долготрајна состојба. „Да се остане сам некогаш го означуваше најголемиот личен неуспех“, вели Томоми Јамагучи, професорка по антропологија на Универзитетот во Монтана во САД, родена во Јапонија. „Но сè повеќе луѓе ја одбираат оваа опција како најдобра.“ Изборот да се биде сам, станува „новата реалност“, верува таа.

Дали Јапонија може да ни послужи како увид во иднината која сите ќе ја доживееме? Многу од промениве се случуваат и во другите развиени држави. Низ урбаните делови на Азија, Европа и Америка луѓето се одлучуваат за брак сè подоцна или воопшто не го прават тоа, стапките на наталитет опаѓаат, се зголемува бројот на луѓе кои живеат сами, а во државите каде што економската рецесија го достигнува својот врв, младите живеат дома. Но демографот Николас Еберстад вели дека посебна група фактори ги забрзува овие трендови во Јапонија. Меѓу овие фактори се и недостигот од религиозен авторитет кој има контрола врз бракот и семејството, специфичната еколошка состојба во државата во која земјотресите се многу чести и која произведува чувство на бескорисност, и високите животни трошоци кои ги обесхрабруваат луѓето кои би имале деца.

Постепено, но сигурно, Јапонија се претвора во вид општество чии одлики и насоки досега беа предвидувани само во научната фантастика“, напиша Еберстад минатата година. Со огромен број повозрасни луѓе и млада генерација која полека исчезнува, Јапонија може да се претвори во „предводничка нација“ каде што поединците кои никогаш не стапуваат во брак постојат во значителен број, вели тој.

Јапонија треба да внимава на младите луѓе кои денес се во нивните 20-ти. Повеќето од нив се премногу млади за да имаат конкретни идни планови, но очекувањата за нив се веќе изложени. Според владиниот институт за популација, 25% од жените во раните 20-ти најверојатно никогаш нема да се омажат. А уште поголем е бројот на оние кои нема да имаат деца: 40%.

Но, тие не се премногу загрижени за тоа. Еми Кувахата која има 23 години и нејзината пријателка, 22-годишната Ери Асада ме пречекаа во трговската област Шибуја. Кафе-барот кој го одбраа се наоѓа под една уметничка галерија во близина на железничката станица, сместен во уличка помеѓу многуте играчници и видеотеките за порнографија. Кувахата, дипломирана студентка по дизајн е во несериозна врска со маж кој е 13 години постар од неа. „Се гледаме еднаш неделно и се забавуваме низ клубовите“, вели таа. „Немам време за посериозни обврски. Се обидувам да станам модна дизајнерка.“ Асада, која студира економија не е заинтересирана за љубов. „Се откажав од состаноците пред три години. Не ми недстигаат момчињата и сексот. Не го сакам ни држењето за раце.“

Асада инсистира дека не се случило ништо што ја предизвикало нејзината одбивност кон физичкиот контакт. Таа едноставно не сака да има врска, а сексот без обврски не е добра опција, вели таа, зашто „девојките не можат да се забавуваат без да бидат осудувани“. Иако во Јапонија владее сексуална либералност, моменталната фантазија за жените под 25 години е да бидат неверојатно симпатични и девици. Двојните стандарди сепак се во игра.

Во истражувањето за сексуалните навики на младите луѓе спроведено во 2013 од страна на Јапонската организација за семејно планирање има многу повеќе податоци за мажи отколку за жени. Го прашав директорот на организацијата, Кунио Китамура, зошто е тоа така. „Сексуалните нагони доаѓаат од мажите“, вели човекот кој ја советува владата. „Жените не ги доживуваат истите нивоа на желба.“

Пиејќи го ледениот чај со кој нè послужи едно момче со тесни фармерки и прецизно разбушавена коса, Асада и Кувахата ми велат дека ги делат вообичаените страсти на самците кон облека, музика и шопинг, и дека имаат мошне бурен социјален живот. Сепак, со паметните телефони во рацете признаваат дека поминуваат многу повеќе време комуницирајќи со нивните пријатели преку социјалните мрежи отколку што ги гледаат во живо. Асада додава дека ги поминала „последните две години“ опседната со виртуелна игра во која ја има улогата на раководител на експлоататорски фабрики.

Роланд Келтс, автор со јапонско-американско потекло кој пишува за младите луѓе во Јапонија, вели дека е неизбежно иднината на јапонските врски во голема мера да биде одредена од технологијата. „Јапонија има развиено мошне софистицирани виртуелни светови и онлајн комуникациски системи. Јапонските апликации за паметните телефони се најимагинативните апликации на светот.“ Келтс вели дека во Јапонија потребата за бегство во приватните, виртуелни светови произлегува од фактот дека се работи за пренаселена нација со ограничени физички простори. Но во исто време тој верува и дека останатиот дел од светот не е многу зад нив.

Враќајќи се кон почетокот, поранешната домина Аи Аојама – Кралицата Љубов – е решена да ги подучува нејзините клиенти за вредноста на блиската интимност. Таа прифаќа дека технологијата ќе ја обликува иднината, но вели дека општеството мора да се осигура дека таа нема да го преземе целиот простор. „Не е здраво тоа што луѓето се толку физички дистанцирани едни од други“, вели таа. „Сексот со друга личност е човечка потреба која создава хормони кои прават луѓето да се чувствуваат добро и им помага да функционираат подобро во нивните секојдневни животи.“

Аојама вели дека секојдневно се среќава со луѓе кои копнеат по човечки допир, иако не сакаат да бидат оптоварени од шансите за брак и долготрајна врска. Таа ја критикува владата за тоа што „не им овозможува на оние кои сакаат да се сами да живеат како што сакаат“ и за „ширење страв за опаѓањето на стапките на наталитет“. Предизвикувањето страв кај народот нема да помогне никому, вели таа. Ова доаѓа од жена која знае многу за намерното предизвикување страв и болка.

Кон првиот дел

Извор: The Observer
Фотографии: Eric Rechsteiner

ОкоБоли главаВицФото