Агрегатни состојби

30.10.2013 09:27
Агрегатни состојби

Понекогаш

Понекогаш сомнежот доаѓа како ластовица
Понекогаш
Сонцето повеќе го нема истото значење
Понекогаш
Се покривам преку глава
И сакам сѐ да исчезне
Понекогаш
Сивата е најубавата не-боја
Понекогаш месечината ми вели „што да правиш!“
И што да се прави друго
Освен да се оди понатаму
Во самракот.


Агрегатни состојби

Сеприсутни како пороен дожд
Во предизборно време
Тврди и одлучни како мраз
Во изборна ноќ
Нејасни како пари
Во првите сто дена
А потоа оган и
суша.

 

Gestalt! Gestalt! Gestalt!

Кога имав тринаесет години
Мама и тато се разделија
Им реков на пријателите
Дека тоа не ме допира
Дека не ме интересира
Таа нивна „тарапана“
Од тогаш со години се разделувам на парчиња
И го барам она што недостасуваше
За да останеме заедно.

Со саботната супа на мама
И неделниот коњак на тато
Сѐ најпосле си дојде на свое место.


Пролетно расчистување

Го стуткав вчерашниот весник во голема мека топка.
Со проневерите ќе ги гланцам прозорците
Со финансиските малверзации ќе го чистам стаклото
Со оловната боја ќе ја бришам закоравената прашина.
Старите лаги
Ќе ми помогнат подобро да го видам
Новиот ден.

Други песни од Јака Приморац:

Поспано утро
Голтачи на сонцето



Превод: Иван Шопов
Слика: Бред Филипс

ОкоБоли главаВицФото