Универзалниот јазик на десницата

01.11.2013 09:23
Универзалниот јазик на десницата

Екстремниот национализам, како чума, повторно ја зафати Европа. Франција, заедно со Холандија, сепак е редок пример за држава чија радикална десница, според анкетите, е прва опција на гласачите. Според истражувањето на францускиот неделник Le Nouvel Observateu, крајно десната партија Национален фронт на Марина Ле Пен има 24% поддршка од гласачите и прв пат во историјата фигурира како најпопуларна француска партија, пред социјалистите и конзервативците. Голем успех Националниот фронт доживеа и во гратчето Брињол, на југот на Франција, каде нивниот претставник победи со 53,9% од гласовите на повторените избори, одржани пред две недели. Победата сама по себе е минорна и не е пресудна во смисла на власта во Брињол, но ситуацијата е загрижувачка ако се има на ум анкетата според која Националниот фронт е водечка партија и на национално ниво. Таа победа може да биде и добар показател како и под кои услови екстремната десница доаѓа на власт.

Во Брињол, гратче кое го мачи голема невработеност, Националниот фронт доби 2.728 гласови, речиси колку и на минатите избори, но разликата е во тоа што гласачите на социјалистите и Сојузот за народно движење (конзервативците) не излегоа на избори, па така на партијата на Марина Ле Пен ѝ овозможија победа. Од 20.000 регистрирани гласачи, на избори излезе една третина, така што на националниот фронт за победа му беа доволни само нешто повеќе од 13% од регистрираните гласачи. Тоа е модел за успех на крајната десница, која профитира од економската и општествената криза, носена од малодушноста на граѓаните, кои разочарани од политичката елита, не излегуваат на избори.

„Европската унија е глобална аномалија. Таа, како Советскиот сојуз, едноставно не може да се поправи. ЕУ ќе се урне како СССР“, е изјавата на претседателката на Националниот фронт, која пред европските избори фигурира како водечка француска партија, чијшто влез во Европскиот парламент од сегашна перспектива се чини несомнен. Марина Ле Пен за следниот месец најави патување во Холандија, за да договори идна групација со лидерот на тамошната партија од крајната десница Герт Вилдерс, која би требало да биде најдесна и најрадикална во Европскиот парламент. Неволјата е дотолку поголема што и Партијата на слободата на Вилдерс е водечка според анкетите за ЕУ-парламентот. Тие две партии профитираа од кризата и општествената апатија, ги поврзува антимиграциската политика, исламофобијата и силниот евроскептицизам, па не треба да се сомневаме дека во скорешната соработка ќе пронајдат заеднички јазик. Радикалната, екстремна десница повеќе не е на европските маргини, таа денес е дел од системот, со реална, застрашувачка можност утре да стане онаа која ќе го формира системот.

Според видувањето на Националниот фронт, во средиштето на проблемот не се директно расата и бојата на кожата, туку културата и „невозможноста за вклопување на имигрантите во општеството“. Така, расизмот на новото време не порачува дека една раса или нација е повредна од друга поради бојата на кожата, туку поради своите обичаи, начини на однесување и култура. Националниот фронт е популистичка партија која има типичен фашистички дискурс - ние или тие; ние ќе ве спасиме и вас и Франција, додека тие (останатите политички опции) ќе ве упропастат. Крајната француска десница се сврте кон протекционистички национализам, па така своите гласачи ги заплашува со расните, демографските и културните промени во структурата на населението. Марина Ле Пен сфати дека во денешната политичка арена негативистичките пораки и политики поминуваат многу подобро од конструктивните. Во средиштето на нејзиниот политички дискурс се антимиграциската и анти-ЕУ политиката. Граѓаните, притиснати од економската криза, невработеноста и, што е најлошо, недостигот на каква било перспектива, ја прифаќаат и поддржуваат симплификацијата на своите проблеми и непријателот на имиграцијата и ЕУ. Решение на проблемот гледаат во Националниот фронт, кој сосема би ја запрел имиграцијата и би се повлекол од ЕУ.

Идејата за модерна Европа на благосостојба и солидарност на граѓаните го овозможи стандардот во кој до неодамна уживаа. Заканите за таквата Европа и таквата идеја не се муслиманските имигранти, како што тоа го прикажува екстремната десница, туку токму таа десница. Отфрлајќи го начелото на човечка еднаквост и идејата за солидарност, Марина Ле Пен и останатите ги отфрлаат темелните постулати на кои почива модерното европско општество. За таквата ситуација во голема мера се одговорни досегашните политички елити, кои на Франција и Европа не им понудија ништо ново освен догматско пропагирање на мерките за штедење и скратување на државната потрошувачка. Предизборните ветувања, па дури и самиот почеток на мандатот на сегашниот претседател Франсоа Оланд, укажуваа на тоа дека Франција би можела да понуди нов рецепт за излегување од кризата. Но, идејата за поправедна распределба на добрата брзо ја заборавија, а Оланд се сврте кон моделот за зголемување на данокот и мерките за штедење. Токму тој модел помогна за подемот на екстремно десните, шовинистички партии во Франција и другаде во Европа. А на таквите одлучно им се спротивставија француските студенти и средношколци на протестите во Париз, одржани поради присилната депортација на нивни колеги - 15-годишната Леонарда Дибрани и 19-годишниот Качик Качатријан од Ерменија. Леонарда Дибрани за време на училишен излет полицијата ја извлекла од автобусот, ја одвела во полициска станица и на крајот ја депортирала. „Ако Леонарда не оди на училиште, не одиме и ние“, пишуваше на еден од транспарентите со кои демонстрантите покажаа дека идејата за европска солидарност ја разбираат многу подобро од некои свои постари сограѓани.

На стариот континент му претстои многу неизвесна и опасна трка: дали владејачките елити ќе престанат слепо да ги следат мерките за штедење и ќе пронајдат модел кој ќе ѝ овозможи стабилен раст на државата, а на граѓаните преспектива, или радикално десните партии ќе ја искористат неспособноста и промашената политика на сегашните елити и ќе дојдат на власт? Во триесеттите години на минатиот век Европа беше во слична ситуација како денес. Успешен модел за излез од економската криза тогаш не беше пронајден, што резултираше со подем на екстремистите. Катастрофите и разорувањата што уследија очигледно не се доволна опомена за денешните политичари. Европа мора да пронајде излез од кризата, во спротивно ѝ се заканува понатамошен подем на радикалната десница, која одамна не е маргинална, безопасна и неорганизирана.

Извор: www.novossti.com