Македонското судство е независно – од правда

01.11.2013 11:27
Македонското судство е независно – од правда

Останува многу малку да се каже за најновата манифестација на неправда кон новинарот Томислав Кежаровски со изречената пресуда од четири ипол години затвор. Зошто? Бидејќи толку сурова пресуда и беше за очекување, имајќи предвид како во мај годинава Кежаровски беше уапсен и задржан во притвор.

Шокантно неразумните дела ги оставаат луѓето без зборови. И така е веќе со години наназад. Случај по случај, гледаме како луѓето кои се осмелиле да се конфронтираат со владејачката партија завршуваат со долг притвор, а потоа жестоко им се пресудува.

Сведоци бевме на повеќе судски процеси во случаи на корупција, даночно затајување и друг финансиски криминал кои се водеа против луѓето кои се нашле на „погрешната“ страна на моќта. Еден таков случај ги збриша А1 и трите дневни весници познати по својот критички став кон владата. Таков е и случајот со затворањето на еден опозициски лидер, како и низа други.

Затворањето не застана на обвинителни акти за финансиски криминал. Неодамна, неколку луѓе беа уапсени за шпионажа. Наводно, шпионирале за Грција и Унгарија!

Најдиректниот удар против слободата на говорот, секако, беше апсењето на новинарот Томислав Кежаровски. Неговото апсење предизвика гласни реакции од неброено многу луѓе, од новинари и организации, дома и надвор од земјава. Најрелевантните институции во оваа сфера побараа негово ослободување од притвор и фер судење.

Во писмото од 29 август до премиерот Никола Груевски, Претставничката за слобода на медиумите на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, го опиша продолжувањето на притворот на Кежаровски за нови 30 дена како неприфатливо.

„Затворањето новинари поради нивното пишување е неприфатливо во едно демократско општество. Ова е единствен случај во регионот на Западен Балкан каде новинар е притворен пред да му се суди. Јас сум загрижена и поради неговото апсење и поради претереаната должина на притворот, бидејќи тие негативно влијаат на медиумските слободи во вашата земја“ – напиша Мијатовиќ.

Одгворот на премиерот дојде два дена подоцна.

„Начелото на поделба на власта не и дозволува на извршната власт да интервенира и дерогира одредени судски одлуки, колку и да не се согласува со истите и колку и да таквите одлуки можат да наштетат на имиџот на земјата“ – рече тој.

„Владата, како и во сите судски предмети, целосно се држи настрана од предметот на Томислав Кежаровски. Ниту Владата побарала да му се изрече мерка притвор на г. Кежаровски, ниту влијаела на надлежните судии во одлучувањето по оваа мерка. “ – додаде премиерот.

„И покрај тоа што поедини структури се обидуваат да го исполитизираат овој предмет, и покрај тоа што истиот може да се злоупотреби за нарушување на имиџот на Република Македонија, Владата принципиелно ќе продолжи да се држи на страна но и внимателно да го следи текот на судската расправа по овој предмет, бидејќи тоа е единствениот правилен и можен начин за постапување“ – заклучи Груевски.

Франк Ла Ру, Специјалниот известувач за промоција и заштита на правото на слобода на изразувањето изјави: „Кежаровски треба да биде ослободен веднаш. Претераните мерки како што е неговиот продолжен притвор единствено служат како закана врз новинарите и длабоко ја повредуваат независноста на медиумите. Демократиите никогаш не можат да функционираат нормално кога критичките гласови се замолчани.“

Малкуте медиуми кои останаа независни, ги објавија наодите на Ла Ру, додека медиумите контролирани од владата дадоа сé од себе да го спинуваат овој извештај и изјавите за слобода на изразувањето.

При сето ова, изјавата на премиерот остана неубедлива. Нема потреба да се дискутира фактот дека судскиот систем во Македонија е корумпиран и политизиран. Премиерот самиот го признава тоа со постојаното повторување дека судскиот систем е во процес на коренити реформи. Институтициите кои функционираат добро нема потреба да ги реформирате.

Дотолку повеќе, владата е таа што е одговорна за правилно функционирање на институциите, а затоа и постои министер за правда.

Кршењето на законите и лишувањето на луѓето од нивните основни права, вклучувајќи го и правото за пристап до правда е ноторна состојба во оваа земја. Судовите се независни, вели премиерот. Но, независни од што? Од правда?

Дојде и денот на пресудата. По речиси пет месеци притвор, овој кафкијански процес се приведе кон крајот. Надежта дека обвинителот и судијата би можеле да се освестат и конечно да одлучат да се однесуваат во согласност со законите и стандардите за почитување на човековите права беше прилично мала. Кежаровски беше осуден на 4,5 години затвор.

Иако надежите за правда беа мали, пресудата беше шокантна. Овој случај, како и многу други, е апсурден. Но веројатно за тоа постои причина. Како да сакаат да ни кажат: „Видете што сé можеме да направиме, а тоа да го нарекуваме правда и закон! Не можете ништо да направите!“

Министерот за правда Блерим Беџети покажува максимална послушност откако ја презеде функцијата. Во интервју за Радио Слободна Европа, тој гордо изјави дека притворот како мерка не се употребува претерано во Македонија. „Само во пет проценти од сите судски процеси се изрекува мерката притвор“ – рече. Не кажа кои судски случаи, за кој период, ниту со која бројка на случаи оперира? Не ги знаеше овие податоци? Го зборуваше само тоа што владејачката партија му наложи да каже? Дали сакаше да проговори? Беше ли уплашен да ја каже вистината или не му беше гајле? Неодговорените прашања се нижат.

Провладините медиуми побрзаа да објаснат зошто бил гонет и затворен Кежаровски. Преку пумпање на „злосторството“ на Кежаровски се обидоа да оправдаат нешто што не може да се оправда. Со ова тие само отворија уште повеќе прашања. Зошто врз Кежаровски се отвори ваков жесток оган?

Некои од одговорите ги дадоа неговите адвокати.

„Единствената причина поради која е осуден новинарот Томислав Кежаровски е поради неговото истражување за смртта на сопственикот на весникот Фокус, Никола Младенов“ - изјави адвокатот Андреа Радиновски веднаш по изрекувањето на пресудата, пренесувајќи го ставот на Кежаровски.

„Пресудата од 4,5 години затвор е заснована на постапка во која нема докази“ – додаде Звонко Давидовиќ, адвокат на Кежаровски.

Аналитичарите и активистите за човекови права се согласни дека единствениот вистински „криминал“ на Кежаровски е тоа што се осмели да пишува за престапите на владините институции.

Верувам дека некои читатели можеби не се доволно информирани за случајот Кежаровски. Тоа можам да го забележам од дел од статусите и коментарите на Facebook во изминатите 48 часа. Не ги обвинувам, имајќи ја на ум состојбата на медиумите во земјава. Еве неколку реда за овој случај.

Кежаровски, новинар на весникот „Нова Македонија“ беше обвинет поради откривање на идентитетот на заштитен сведок во напис објавен во 2008 година. „Заштитениот сведок“ во тоа време не го ни имаше тој статус. Згора на тоа, истиот тој „заштитен сведок“ минатиот февруари се исповеда дека дал лажно сведоштво под полициски притисок. Пред да го уапси полицијата на 28 мај, Кежаровски спроведуваше новинарско истражување за околностите под кои издавачот и уредник на „Фокус“ Никола Младенов загина во сообраќајната несреќа во март.

Додека ги пишувам овие редови, се чувствувам, најблаго речено непријатно. Сочувствувам со Кежаровски, кој и не го познавам лично, но го имам за близок во изминатите неколку месеци. Сочувствувам со неговото семејство кое неизмерно страда. Сочувствувам со сите луѓе затворени во последните неколку години, за оние за чии пресуди владата, судиите и нивните медиумски мегафони не обезбедија убедливо образложение. Конечно, сочувствувам и со моите пријатели, колеги и семејството чиј страв за мене расте, знаејќи што работам, зборувам и пишувам секој ден од животот.

Се сеќавам на последните години на комунистичкиот режим, на крајот на осумдесеттите, кога започнав како новинар во „Млад борец“ кој го водеа Никола Младенов и Сашо Орданоски. Нашиот магазин прерасна во дисидентска медиумска куќа за промовирање на слободата на говорот, стана познат како носител на „македонската пролет“. Тие денови, еднопартискиот монолитен систем можеше да затвори кого што сака, засекогаш. Сепак, атмосферата во општеството во тоа време не беше толку мрачна како што тоа изгледа денес. Се разбира, и тогаш бевме под силен притисок. Но, некако знаевме дека нема да нé затворат за тоа што го пишувавме. Истото не можам да го кажам за ова време.

Како активист за човекови права, ја имав тажната можност да дознаам повеќе за притворот Шутка и за останатите затворски капацитети низ Македонија. Посетив 13 затвори и депанданси. Знам дека условите во Шутка се потполно нечовечки и дека третманот е под секој стандард, било да е домашен или меѓународен закон или конвенција. Еднаш кога ќе отидеш таму, веќе никогаш нема да бидеш истиот. Не се работи само за зградите, туку и за луѓето кои го водат затворскиот систем. Додека го пишувам ова, ќе повторам, се плашам.

Но не можам ништо друго да сторам освен да се борам со својот страв, бидејќи цврсто верувам во правда и слобода. И не можам да бидам слободен ако невин човек е во затвор. Затоа ќе го повторам тоа што јас и моите колеги во Цивил веќе го кажавме во јавноста во повеќе наврати во текот на минатите месеци како и на денот на пресудата.

Пресудата за Кежаровски е срамна, брутална и шокантна и претставува грубо кршење на човековите права, слободата на говорот и независноста на медиумите во земјата. Овој случај има цел да ги заплаши Кежаровски и другите македонски новинари и е јасно газење на слободата на изразување.

Слобода за Кежаровски веднаш, и обесштетување за него и неговото семејство за сето страдање од денот на неговото апсење!

Извор: www.balkaninsight.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото