Романски научници создадоа вештачка крв

01.11.2013 13:33
Романски научници создадоа вештачка крв

Романски научници објавија дека ја создале првата вештачка крв која во иднина би можела да се користи за трансфузија без страв од можни опасни нуспојави и инфекции од заразни болести како ХИВ или хепатит.

Водачот на истражувањето, д-р Раду Силаги-Думитреску од романскиот крад Клуж, вели дека научниците и порано се обидувале да создадат вештачка крв, меѓутоа, таа никогаш не ги поднесувала механичките и хемиските стресови. Во услови на вистински живот, досегашните производи главно создавале отровни нуспроизводи.

Новата вештачка крв се состои од вода, сол, албумин и протеинот хемеритрин, кој кај некои суштества, како на пример морските црви, служи за пренос на кислород. За разлика од хемоглобинот, хемеритринот не се распаѓа лесно кога е изложен на физички и хемиски стрес, па новата вештачка крв го задржува интегритетот дури и кога со трансфузија се внесува во жив организам.

Откритието за сега е успешно тестирано на лабораториски глувци.

„Глувците третирани со вештачка крв не покажаa никакви нуспојави, а тоа е токму она што го сакавме“, вели Силаги-Думитреску.

Оваа крв би требало да се користи само во првите неколку часа или еден ден, во текот на операцијата или кај тешките повреди. За тоа време телото би можело само да ја надомести изгубената крв.

Романскиот тим се надева дека во следните две години ќе спроведе клинички истражувања врз луѓе, кои треба да покажат дали нејзината примена е сигурна.

Постои дури и можност вештачката крв да се направи во т.н. инстант облик - како мешавина на хемеритрин и сол, која лесно би била чувана и транспортирана, а пред употребата само би се додавала вода.

Извор: tportal.hr