Кежаровски

02.11.2013 09:04
Кежаровски

Грешка е во случајот Томислав Кежаровски да се зборува за загрозување на слободата на говорот. Односно првенствено да се зборува за тоа. Да, секако дека станува збор за укинување на слободата на изразување, но пред сѐ се работи за загрозување на професијата. Имено, Кежаровски не е (о)суден за деликт на мислењето, не е тој идеолошки набилдан мислител што ги разоткрива идејните магли на системот, па како таков е опасен по неговото духовно и идејно здравје. Кежаровски е осуден затоа што професионално, за плата, си ја вршел својата работа. Кај него не е пронајдено мито или каков било протек на пари за да ги напише инкриминираните текстови, ниту пак е докажано (бидејќи и не може да се докаже) дека текстовите се тенденциозни и како такви ја насочиле истрагата во некој друг правец. Не стои ниту обвинувањето дека животот на заштитeниот сведок бил загрозен поради објавувањето на неговото име, затоа што Кежаровски воопшто не го објавува името на сведокот и затоа што сведокот за време на процесот е - во затвор, односно директно е заштитен од државата. И, конечно, затоа што во петте години (од објавувањето на текстовите па до годинава) судскиот процес за убиството во Ореше непречено тече.

Наспроти тоа, може да се докаже дека наводниот заштитен сведок не е сведок. Може да се тврди (врз база на изјавата на сведокот) дека бил присилен (уценет) од полицијата да биде сведок (потврда на тврдењата на Кежаровски). И? Потегната ли е истрага во полицијата што ќе ги потврди или демантира тврдењата на наводниот загрозен сведок? Суспендиран ли е некој од работа? Не е, се разбира. Има ли истрагата други докази, освен сведочењето на заштитениот сведок и еден шаржер најден на местото на злосторството? Нема, се разбира. Одговара ли некој од истражните органи за лошо изведената работа? Јасно, не.

А не одговараат, затоа што лошо извршените или неизвршените обврски, според накарадната логика на властите, не се сметаат за криминал. За криминал се смета добро и професионално извршената работа!

И што сега?

Јавно ги повикувам новинарите, оние професионалните, да прекинат да ги извршуваат своите професионални обврски. Не е тоа ниту бојкот ниту штрајк. Едноставно, зошто некој професионално би ја вршел својата работа, кога е тоа - криминал? Зошто некој, ако има барем малку интегритет, би извршувал, значи, криминални дејства за плата, која најчесто ја нема, а ако ја има е минимална? Зошто, на крајот на краиштата, би ја ризикувал својата и судбината на своето семејство, само затоа што го работи она за што е платен? Кога, ете, се гледа дека лошо извршената работа или неизвршената работа е она што системот го поддржува и го протежира.

Аналогно на ова, треба да прекинат да ги извршуваат своите платени обврски и сите што се чувствуваат загрозени од ваквото практицирање на системот. А загрозени се сите. Треба, значи, да се откажат театарските премиери и претстави, да се одложат изложбите, концертите, кино-проекциите... Треба да настане еден културен, творечки, интелектуален молк! Ни помалку ни повеќе. Значи, само со доведување до апсурд на апсурдниот систем може да се стаса до некаква посакувана нормала.

Но, се разбира, тоа нема да се случи. А нема да се случи затоа што граѓанскиот инстинкт на македонскиот граѓанин е одамна отапен, затоа што интелектуалната свест плива во мирните води на мрзеливоста и неангажманот, затоа што сме истренирани ненормалното да го гледаме и да го живееме како нормално.

И што ќе се случи натаму?

Ништо. Власта, на пример, ќе донесе одлука сите да носат лејки на своите глави и ние ќе се тепаме кој поголема лејка ќе стави. И тоа ќе биде нормално. И ќе ги славиме фалшливите празници од типот на 23 октомври.

Добредојдовте во темната иднина. Само немојте подоцна да кажете дека не сте знаеле.

Извор: Глобус