Популизмот и новата олигархија (2)

02.11.2013 12:08
Популизмот и новата олигархија (2)

Ковање нова алка

Централната теза на овој труд е дека систематската употреба на терминот популизам претставува повоен феномен кој се развивал токму пропорционално со некористењето на терминот „народ“: колку што народот е попериферен во политичкиот дискурс, толку популизмот станува поцентрален. Библиотекарските бази со податоци во запрепастувачка мера го потврдуваат овој исказ. Овде се одлучив за библиотекарската мрежа на универзитетот во Калифорнија зашто, за разлика од многу други институции, нејзината база опфаќа статии од стручни списанија кои не се појавуваат во другите каталози од иницијалното пребарување. Во најмала рака, резултатите се интересни. Од 1920 година па наваму, каталозите од универзитетот во Калифорнија содржат 6.200 единици за „популизмот“, но повеќе од половината од нив потекнуваат од последните тринаесет години, а само 53 наслови се објавени пред 1950 година. Во повоениот период, секоја деценија исфрла приближно двојно повеќе трудови од претходната. Станува збор за експоненцијален раст, затоа што продукцијата од последните три години е речиси еднаква на продукцијата од седумдесетгодишниот период од 1920 до 1989 година. Експоненцијалната дифузија на дискурсот за популизмот, без сомнеж претставува повоен феномен, и продолжува со истото забрзување од распадот на Советскиот сојуз. Подеднакво се запрепастувачки податоците (во помал обем) за комбинираните термини „фашизам и популизам“. Првиот забележан случај се збирка статии во чест на еден економист, Весли Клер Мичел (насловот се појавува два пати, во две различни изданија). Од педесеттите години пронаоѓаме само една единствена статија, „Езра Паунд, фашизмот и популизмот“ од авторот Вилијам Такер, во Journal of Politics, кој исто така се појавува два пати. Од друга страна, во шеесеттите, комбинацијата на овие два термини е сосема вообичаена и насловите се умножуваат. Што се случило во меѓувреме?

Во педесеттите години од минатиот век, во САД имало голем налет на историски ревизионизам, на чело со таканаречените либерали од периодот на Студената војна, кои почнале да го опишуваат американскиот популизам од деветнаесеттиот век како протофашистичко движење, и со текот на времето на популизмот му припишале пејоративно обележје (широко прифатено денес), ширејќи ја оваа конотација прво во квалитетниот печат, а потоа во масовниот печат и конечно во жаргонот на политичкиот живот. Библиографијата на овие операции е огромна. Артур Шлезингер може да се смета за основоположник, со книгата The Vital Centre: The Politics of Freedom од 1949 година, на самиот почеток од Студената војна. Таму за прв пат е изнесена теоријата дека фашизмот и комунизмот се спротивни, но слични, во смисла дека двата системи се „тоталитаристички“. Оваа идеја ја развиле либералните историчари кои ја промовирале тезата дека радикалната десница од педесеттите била популистичка, и обратно, дека популизмот од деветнаесеттиот век содржел фашистички елементи. За првата ставка парадигматична е книгата уредена од Даниел Бел во 1955 година, The Radical Right, како резултат на симпозиумот одржан 1954 година на Универзитетот Колумбија на тема мекартизам, за кој е понудено популистичко толкување. Покрај статијата на Бел, клучни есеи во The Radical Right напишале и Симор Мартин Липсет и Ричард Хофштадер.

Ако не главен мајстор на популистичкиот ревизионизам, Хофштадер секако бил негова истакната личност, пред сè заради својата позната книга The Age of Reform (1955), каде на самиот почеток истакнува: „Излегува дека бев критичен кон популистичко-прогресивната традиција – повеќе отколку што ќе бев доколку овој труд го пишував пред петнаесет години“. Хофштадер се претставува себеси како „интерен критичар“, кој обезбедува противтежа на „попустливоста“ на либералите. Тој го изложува развојот на настаните во деветнаесеттиот век, но со поглед на сегашноста, затоа што смета дека Народната партија од 1890-те години е „само засилен израз, во даден временски момент, еден вид народен импулс кој е ендемски во американската политичка култура“. Потоа следи обвинувањето: „Верувам дека популистичкото размислување преживеало до денес, делумно како една струја од провинциските нетрпеливости, народното и „демократското“ бунтовништво и сомничавоста, како и нативизмот“. Ова не е баш плебсот, но многу сме блиску до проблематичното однесување на толпата.

Потегот кој на Хофштадер му овозможува да го поврзе прогресивистичкиот популизам од деветнаесеттиот век со десницата од периодот на Студената војна, подразбира инверзија на перспективите: „Утопијата на популистите била минато, а не иднина“. Оттука, тоа и не била само утопија – значи неостварлива – туку згора на сè и реакционерна утопија, иако Хофштадер признава дека „тие се служеле со тој речник“. Другиот потег се состои во сведување на класната борба на теорија на заговор: ако огромното мнозинство мора да трпи, тоа е заради заговорот на оние кои го сочинуваат преостанатиот еден процент. Оттука обвинувањето кое до денес ќе ги прогонува сите осомничени за популизам – дека премногу ја поедноставуваат реалноста: „Проблемите со кои се соочиле популистите станале измамнички едноставни: победа над неправдата, решение за сите општествени проблеми, ова се сведувало на пресметка со една релативно мала но многу силна интересна група, силата на капиталот“.

Конечниот, најотровен напад претставувало етикетирањето на Хофштадер на популистите од деветнаесеттиот век како антисемити: „Во најголема мера, популистичките писатели биле оние кои ги идентификувале Евреите со лихварството“, што било „клучен мотив на американскиот антисемитизам од тој период“. Ова е обвинение кое сè уште им виси над главите на оние кои денес се осомничени за популизам. Да бидеме јасни: имајќи ја предвид магливоста и неодреденоста на популистичката етикета, и имајќи ја на ум хетерогеноста на движењата и партиите на кои им се припишувала таа етикета, очигледно е дека меѓу движењата обвинети за популизам имало некои кои се навистина антисемитски (но и обратното е точно). Всушност, обвинението на Хофштадер се заснова на многу ограничени документирани докази. Во кампањата во 1896 година, народниот претседателски кандидат на Демократската партија, Вилијам Џенингс Брајан, изјавил:

„Нашите противници понекогаш се обидуваа да нè прикажат како да напаѓаме една раса кога ја осудуваме финансиската политика која ја промовираат Ротшилдови. Но, тоа не е вистина, ние сме подеднакво против финансиската политика на Џон Пјерпонт Морган колку што сме против финансиската политика на Ротшилдови. Ние не ја напаѓаме расата; ги напаѓаме алчноста и лакомоста, кои не познаваат ниту раса ниту вероисповест. Јас не познавам ниту еден слој од нашиот народ кој заради својата историја може повеќе да сочувствува со измачените маси во оваа кампања, отколку што тоа го може хебрејската раса“.

Но, важно е тоа дека секое движење обвинето за популизам од тогаш ќе биде обележано со сомнеж за антисемитизам. Хофштадер сигурно не е единствениот кој ќе го нарече популизмот „фашистички“, а фашизмот „популистички“. Но, тој е најдобар пример за таа појава, и токму под неговото влијание овој нов имиџ на популизмот е воспоставен како нова ортодоксност во меѓународните академски кругови; делумно и преку претходно споменатиот симпозиум на LSE за популизмот, одржан во 1967 година, а Хофштадер бил еден од неговите главни промотери. Од тој период до денес, неговото гледиште за популизмот останало доминантно во политичките науки.

Неименуваната одвратност

Така до крајот на шеесеттите популизмот веќе ги стекнал сите негативни конотации кои ги задржал до ден денешен. Може да се каже дека тоа е завршена работа: популистичкиот политичар е оној кој се повикува на народот, го воздигнува народот и му се потпикнува – кој никогаш не се споменува – но е дискредитиран со сите негативни карактеристики кои му ги припишува древната традиција – негативноста олицетворена во „популистичките“ политичари кои наводно ја застапуваат оваа неименувана одвратност.

Пред сè, ова ново чувство на популизмот било совршено за изградбата на мостот кој ги поврзува комунизмот и фашизмот. Значењето на ова оружје од периодот на Студената војна во политичкиот арсенал не може да се прецени. Пред тоа, моќта на доминантните класи во (најчесто парламентарните) буржоаските режими била во директен конфликт со „опасните класи“. Сега таа е претставена како единствен слободен демократски поредок во историјата на човештвото, опколен и загрозен од сите страни, принуден да се брани со подеднаква жестокост и од фашистите и од комунистите. И тоа била новата конструкција на Студената војна: наместо да ги сфатат фашистите како закана, италијанските и германските естаблишменти всушност им помогнале да дојдат на власт; италијанскиот фашизам имал одличен третман во печатот и моќни политички сојузници во англо-американските демократски држави од триесеттите. Токму Студената војна го измислила контрастот „слободен свет – тоталитаризам“.

Ова ново значење на популизмот a la Хофштадер е како совршена црта помеѓу двата тоталитаризми. Прво, како „утопија од минатото“, ја поврзало историската закана од фашизмот и идната опасност од комунизмот. Потоа, популизмот бил прогласен за инхерентно авторитарен. Плебисцитот не е случајно институција која е најблиску поврзана со популизмот – популистите се сметаат за најистакнати поборници за „плебисцитарната демократија“ – единствениот кој ја задржал јасната врска со своето „плебејско“ потекло (plebs: обичен народ; scitum: декрет). Наводно, популизмот е авторитарен затоа што неименуваниот ентитет кој го поддржува – повторно, неспоменатиот народ – е авторитарен. Наводната наклонетост на народот кон деспотизмот е уште едно клише преземено од класичната традиција. За Аристотел, таму каде народот е суверен, тој станува „деспотски“, и „овој вид демократија во однос на другите демократии е тоа што е тиранијата во однос на другите облици на монархија“. Џанбатиста Вико го систематизирал овој циклус на демократијата и тиранијата, вечното враќање на деспотизмот, кога (неколку години пред одредницата за „народот“ во Енциклопедијата) го сумирал Аристотел во книгата Scienza nuova:

„Во почетокот, луѓето сакаат да ја отфрлат репресијата и бараат еднаквост: погледнете ги плебејците кои живеат во аристократските уредувања, кои на крајот стануваат демократски. Потоа, настојуваат да ги надминат своите соседи: погледнете ги плебејците во демократските земји кои се корумпираат и стануваат олигархиски. Најпосле, тие бараат да бидат ставени над законот: погледнете ја анархијата на неконтролираните демократии. Токму тоа се најлошите облици на тиранијата, затоа што тирани има толку колку што има дрски и распуштени луѓе во градовите. Во тој момент, плебејците стануваат свесни за своите болести и како лек бараат спасување под здолништето на монархијата“.

Оваа теза содржи скриена импликација: најпосле, демократијата секогаш содржи никулец на идната тиранија. Со новата стратегија за „двата тоталитаризми“ не се негира дека популистичките стремежи кореспондираат со искрената желба за демократија, напротив, се потврдува дека тие стремежи се насочени кон деспотизмот токму заради тоа. Во популизмот (читај: народот) се крие никулецот на тоталитаризмот. Анализата на семантичката крива на популизмот го појаснува она што на прв поглед делува како нејзина необјаснива апорија – според безбројните политиколози – имено, дека има „десничарски“ и „левичарски“ популизми, „реакционерни“ и „прогресивни“ популизми, или дека еден ист популизам во некои аспекти може да биде десничарски а во други левичарски, реакционерен и прогресивен. Но, всушност, новиот семантички домен на популизмот е конструиран токму за да ги поврзе овие спротивни категории. Неговата политичка употребливост се состои во тоа што овозможува изедначување на движењето со навидум спротивните краеви на политичкиот спектар.

Симетричните екстреми

Зошто тогаш дефиницијата од периодот на Студената војна не само што го надживеала распадот на СССР туку и продолжила експоненцијално да се шири во изминатите дваесет и пет години? Овде тврдам дека дискурсот за „двата тоталитаризми“ е пренесен во „теоријата за екстремите“. Според оваа идеја, политичкиот легитимитет нормално се потпира на исклучувањето на екстремите од спектарот. Како кај некои статистички просеци, крајните вредности се исклучуваат затоа што се сметаат за „абнормални“, така што правилата на демократијата важат само во рамките на „неекстремистичкиот“ простор. Денес, идејата за симетричниот екстремизам делува сосема логично. Но тоа не било така во седумдесеттите, кога миланскиот префект Либеро Маца го претставил извештајот со наслов „Состојбата во јавниот ред во поглед на вонпарламентарните екстремистички групи“, каде ја изнел идејата за „спротивните екстреми“. Левицата веднаш побарала негова оставка: во тоа време било незамисливо политичките партии кои учествувале во партизанската борба, па дури и биле прогонувани од фашистите, да бидат изедначувани со нив.

Но, тоа што тогаш било незамисливо – за некои дури и скандалозно – денес стана општо место. Денешната употреба на „популизмот“ почива на идејата на центарот против овие спротивни екстреми. Преминот од „двојниот популизам“ не бил очигледен: либерализмот од периодот на Студената војна се позиционирал како „витален центар“, но во светско-историска смисла; дискурсот на спротивните екстреми е операција наменета за ограничување на легитимните политички активности во зададената рамка. Денес, изборот кој им се нуди на гласачите веќе не е избор помеѓу десницата и левицата, туку помеѓу десниот и левиот центар. Разликата помеѓу овие дискурси станала очигледна кон крајот на деведесеттите, кога Артур Шлезингер му се нафрли на Клинтон заради неговата сè почеста употреба на конструкцијата „витален центар“, пишувајќи за списанието Slate:

„Кога во 1949 година ја напишав книгата која ја насловив Витален центар, „центарот“ кој го имав предвид беше либералната демократија, наспроти нејзините смртни непријатели – фашизмот од нејзината десна и комунизмот од нејзината лева страна. Оваа конструкција ја користев во глобален контекст. Претседателот Клинтон ја користи во внатрешен контекст. Што подразбира тој под таа конструкција? Неговите обожаватели од Советот на демократското раководство веројатно се надеваат дека мисли на „средниот пат“, кој тие го сместуваат малку поблиску до Роналд Реган отколку до Френклин Рузвелт. Според моето мислење, како што зборував и на друго место, средниот пат дефинитивно не е витален центар. Тоа е мртов центар“.

Шеснаесет години подоцна, „мртвиот центар“ не само што е жив и здрав, туку и ужива речиси апсолутна власт. Се разбира, дефинирањето на центарот зависи од дефинициите на десницата и левицата, кои се релативни и со текот на времето се поместуваат по должината на политичката оска. Во почетокот на седумдесеттите, Никсон го предложил законот за здравство кој го одбиле демократите затоа што бил премногу „десничарски“; меѓутоа, тој закон бил многу „полевичарски“ од пакетот кој во 2010 година го воведе Обама, кој беше оспоруван затоа што е премногу „левичарски“. Во меѓувреме, политичката оска се поместила кон десно, така што центарот се наоѓа таму каде што некогаш била десницата. Истото поместување се одигра во Европа: програмата „Агенда 2010“ на германската SPD во 2003 година беше забележително подесничарска од политиката која ја спроведуваше Хелмут Кол; во Италија, „централно левата“ Демократска партија ги брани позициите кои се многу подесни од ставовите на Демохристијанската партија.

Новиот олигархиски поредок

Според некои тврдења, како мера за тоа каде се наоѓа центарот денес, можеме да го земеме случајот на „центристот“ Бил Клинтон, чии следбеници се наречени „Рубин-демократи“, според неговиот министер за финансии, поранешен потпретседател на Goldman Sachs и член на управниот одбор на Citigroup: значи, портпарол на интересите на крупното банкарство. Фактот дека една администрација која е многу интимна со најмоќната банка на светот – со „организираниот капитал“, како што зборуваше Рузвелт – може да се смета за „центристичка“, или блиска до „третиот пат“, многу зборува за претходното политичко поместување. Рубин-демократите служат како многу пластичен пример за некои долгорочни тенденции кои траат од 1989 година.

Прво, општествените класи станаа неспоменувани, токму како и народот. Барем на ниво на дискурсот, политичките предлози веќе не се засноваат на материјалниот интерес на општествените групи кои се во конфликт. Се разбира, оваа „дезинтересност“ е измама: се разбира дека конкретните интереси на групите и класите се штитат, иако поминуваат неименувани, под маската на општиот интерес – како, на пример, во целта за „закрепнување на државните финансии“. Камерон и Озборн спроведуваат мерки кои некогаш би се дефинирале како отворено „прокапиталистички“, во име на недостижниот урамнотежен буџет. Во Европа, класите исчезнаа од јавниот говор повеќе отколку во САД, каде општествениот карактер на различните избирачки тела останува јасен и каде изразот „класна борба“ сè уште се користи – додуша, овие денови најчесто го користат републиканците; Пол Рајан, републиканската ѕвезда во подем, во 2011 го обвини Обама за „класна војна“. На многу поискрен начин, Ворен Бафет, четвртиот најбогат човек на светот, му рече на новинарот на New York Times: „Сигурно е дека постои класна војна, но агресорот е мојата класа, класата на богатите, и ние победуваме“. Една од наградите за победничката страна – и истовремено, едно од оружјата со кои се постигнува победата – е правото на „центарот“ за присвојување на теренот.

Второ, „негативната власт“ – т.е моќта на спречувањето, надгледувањето и евалуацијата – драстично се зголеми. Наџа Урбинати ја наведе „сеприсутната моќ на пазарот“ како можеби највлијателната современа негативна власт, заради „нејзината способност да го присвои легитимитетот за забрана на политичките одлуки во име на наводно неутралните па дури и природните правила“. Последните години, „независните“ централни банки и меѓународните финансиски институции значајно го проширија вршењето на негативната власт: ММФ, Светската банка, Светската трговска организација и Европската централна банка ги оценуваат и забрануваат националните економски прописи во согласност со своите „стручни“ мерила. Проценките на бонитетските агенции, кои правно гледано се приватни институции, имаат одлучувачко влијание врз животот на сите граѓани. Ниту еден Грк, Шпанец или Италијанец никогаш не бил избран за член на управниот одбор на агенцијата Moody’s; меѓутоа, дали тој граѓанин или граѓанка ќе бидат лекувани од тумор, дали нивното дете ќе може да се запише на факултет, можеби ќе зависи токму од оваа агенција.

Трето, обемот на демократското одлучување е драстично намален. Повеќето државни економски, фискални, потрошувачки и социјални одлуки сега се надвор од дофатот на народот; наместо тоа, нив ги обликуваат и конечно ги наметнуваат надворешните рамки на „негативната власт“. Во другиот потег, кој би можеле да го наречеме наметнување на внатрешните граници преку ширење на доктрината за двојните екстреми, единствениот избор кој преостанува е помеѓу „централниот десен центар“ и „централниот лев центар“ – т.е помеѓу две суштински идентични политики. Максималната алтернација кон која тежнее овој вид уредување е коалиција помеѓу двете партии кои се менуваат на власт. Во реалноста, денешната државна управа – тој неописливо бирократски неологизам – не е само двопартиска туку трипартиска, каде третиот елемент го сочинуваат негативните надворешни власти. Во таа смисла симптоматична е изјавата на поранешниот гувернер на германската Бундесбанка, Ханса Титмејер, кој во 1998 година ги пофали владите на државите затоа што повеќе веруваат во „трајниот плебисцит на глобалните пазари“ отколку во (имплицитно помалку компетентниот) „плебисцитот на гласачката кутија“.

Сè на сè, од крајот на Втората светска војна, на западот е консолидиран олигархискиот систем, како во општествено-економска така и во политичка смисла. Овој првиот привлекол поголемо внимание, бидејќи распределбата на богатството станала уште понерамноправна, па и автентичната олигархија на богатите излегла на виделина. Во Соединетите Држави во 2007 година, еден процент од населението поседувало 35 проценти од вкупното богатство, додека следните 19 проценти поседувале 51 процент од богатството, што значи дека во сопственост на горните 20 проценти се наоѓале 85 проценти од богатството, додека за преостанатите 80 проценти останувале само 15 проценти. Меѓутоа, исто така имаме работа со олигархијата во формална политичка смисла, зашто за елитите сè почесто не важи истото правно уредување како за остатокот од населението. Еден од водечките италијански правници истакна дека „зад баучот на популизмот демне опасноста од олигархиска дегенерација на уставната демократија“. Само што оваа дегенерација веќе не е опасност, таа е реалност.

За елитите веќе сега важи многу полабав даночен режим. Ворен Бафет (чие богатство се проценува на околу 50 милијарди долари, плус или минус десет, во зависност од берзанските флуктуации) повторно го користи својот имунитет за да открие дека на него се применува даночна стапка помала за повеќе од половина од стапката што мораат да ја платат неговите секретарки. Тоа што за обичните граѓани е кривично дело казниво со затвор, за елитите стана прекршок за кој може да се плати парична казна. Така во декември минатата година HSBC се согласи да плати казна од 1,92 милијарди долари за перење огромна количина пари од мексиканските трговци со дрога – што е криминал за кој директорите на овие банки би морале да добијат долги затворски казни. После доктрината на банките кои се преголеми за да пропаднат, сега ја добивме доктрината на банката која е „преголема за да ѝ се суди“. Во таа смисла режимот е строго олигархиски, зашто постојат два закони: еден за обичните граѓани, друг за грстот моќни луѓе.

Од финансиската криза, сè почесто се посегнува по вонпретставничките тела, како во Италија, која прво им ја довери владата на „технократите“ а потоа на советот на мудреците. Технократското нетрпение кон правилата на демократијата, кое е компулзивно, избива од интервјуто со Монти: „Оние кои управуваат со државата не смеат да си дозволат себеси потполно да бидат ограничени од парламентарците“. Ова ограничување може да се согледа и во делегитимирањето на секоја критика како „неодговорна“ – или „популистичка“, а тоа стана синонимно. Накратко, единствената одговорна критика е онаа која не критикува; единствената забелешка е консензуалната забелешка; единствената алтернатива е прифаќањето. Најсуров пример се Шпанците кои се исфрлени од сопствените домови и сè уште се осудуваат да протестираат пред домовите на луѓето на кои сакаат да посочат со прстот. Таквиот облик на протест се нарекува escrache. Тоа се мирни, ненасилни демонстрации на луѓе кои кризата ги оставила на улица. Но погледнете како тие се сатанизирани. За пратеничката од партијата со ироничен назив Partido Popular (PP), Ева Дуран, „escrache протестите личат на она кога нацистите ги обележувале куќите“, додека генералната секретарка на PP, Марија Долерес де Коспедал, ги стигматизираше овие протести како „чист нацизам“, а невооружените демонстранти ги нарече заробеници на „тоталитарната, секташка состојба на свеста“.

Параболата на популизмот

Во поширок контекст, и најмалото отстапување од центристичкиот образец веднаш се карактеризира како разбојничко и насилничко, во операцијата на вербалниот тероризам кој е навистина насилен. Најпосле, италијанското Движење пет ѕвезди е најистакнатата, и на некој начин, најумерена сила на политички протест од поновиот период: тој се изразува со учество на избори, и всушност може да се критикува за незаслужената канонизација на парламентарната демократија. Неговите барања не се „екстремистички“; во него нема ништо „болшевичко“ или „фашистичко“. Што е популистичко во вашето барање за национализација на една пропадната банка (Монте Паски од Сиена) или тоа што ја доведувате под прашален знак заедничката европска валута која ја дави Италија во најлошата рецесија од овој век? Не е важно: таквиот „популизам“ е „вирус“ кој може да биде заразен.

Веќе видовме дека Движењето пет ѕвезди се карактеризира како популистичко наспроти фактот дека никогаш не го изговара зборот „народ“. Всушност, неговото избирачко тело и публиката не се особено плебејски; меѓу нив има многу малку ниско образовани, додека мал сегмент од Италијанците кои се активни на интернет е непропорционално многу застапен. Притоа, Движењето првенствено е популарно кај секуларните граѓани и не регрутира симпатизери меѓу верниците. Накратко, Движењето не е обележано со плебејски, фидеистички или лековерен профил кој би требало да ги карактеризира застапниците на популистичката политика. Ниту може да се обвини за „теле-популизам“, а уште помалку за „либерално-медиумски популизам“, имајќи предвид дека телевизиската интеракција е табу за неговите симпатизери. Но, каква врска има тоа? Берлускони, кој се заснова на телевизијата, е популист; Грило, кој ја презира телевизијата, исто така е популист. Крајно понижување. Меѓутоа, Движењето пет ѕвезди досега успеваше да ги избегне клештите на лингвистичката операција на „популизмот“ кои ги осмислија Хофштадер и неговите истомисленици, дотолку што го избегна прогонот од екстремната десница или левица.

Тука се завршува параболата за „популизмот“, во историскиот момент кога развиениот свет ака кон олигархискиот деспотизам, и во моментот на обнова на конфликтите на олигарсите и плебсот; кога антинародните мерки во исто време се наметнуваат со бришење на зборот „народ“ од политичкиот речник, а секој што е против таквите мерки е обвинет за „популизам“. Демокластичката лудост е таква што Умберто Еко сега го обвинува дури и Перикле (495-25 п.н.е) за популизам. Па сепак, една од причините зошто сè повеќе движења се карактеризираат како „популистички“ е тоа што се умножуваат антинародните мерки. Сакате здравствена заштита за сите? Вие сте популист. Сакате пензијата да ви биде поврзана со инфлацијата? Каква популистичка банда! Сакате да ви студираат децата, а да не си натоварите доживотен долг? Знаев дека сте скриени популисти! На тој начин олигархиските дворски шутови го осудуваат секое барање на народот. Па дури и додека ја лишуваат демократијата од секаква содржина, тие го обвинуваат секого што се спротивставува на ова обесмислување дека има „авторитарни инстинкти“, како што невооружените жртви на кои им ги одземаат домовите, ги обвинуваат дека се нацистички крвници.

Порастот на употребата на терминот „популизам“ од страна на оптиматите така ја открива скриената анксиозност. Како што прељубникот секогаш е недоверлив кон својот партнер, така и оние кои ја рушат демократијата секогаш се најподготвени во сè да видат закана за демократијата. На тој начин дезинформирањето за популизмот предизвикува непријатност и мириса на претераност. И најтивкиот шум на несогласување се претвора во знак за тревога, најавувајќи кобна грмотевица која се заканува дека ќе продре до мирните салони на моќниците кои веруваат дека се безбедни, но сепак нервозно ѕиркаат зад пердето и бараат некој знак дали народот се раздвижува: Vade retro vulgus!” Или, како што би рекле денес, „Враќај се во редот!“

Кон првиот дел

Извор: http://newleftreview.org

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото