Конески: Кажувања (13)

23.11.2009 10:31
32a.jpg

Преведувањето е творештво

Јасно е дека е творештво. Јасно е. Во усната традиција дури тоа има многу поголемо место, отколку што има чисто оригиналното создавање, бидејќи во усната традиција имаме многу таканаречени патувачки мотиви. Од една средина во друга преминуваат и многу помалку се бара некаква оригиналност. А повеќе се бара со средствата на својот јазик убаво да искажеш една содржина, што може да е веќе позната, како мотив, и што од еден народ преминува во друг. И никој, се разбира, не го поставува прашањето за оригиналноста. А во пишуваната литература пак, зависно од епохата, тоа малку е поинаку. Има епохи што не држат толку сметка за авторството. А има други епохи што одат до парцелизација во тој поглед. Таква е, на пример, нашата епоха. Таа, мислам , почнува со капитализмот и од тогаш се разработува и она што го викаме авторско право и се инсистира на оригиналноста, се гледа со потценување ако некој нешто позајмува. А се заборава дека целиот Шекспир (се смее), целото дело на Шекспир се базира на такви позајмици. Но тоа претставува многу побогата, нова синтеза на некои содржини, што и порано се искажуваат.

Преведувачот и авторот

Мислам дека во техничка смисла задачата на преведувачот е потешка. Баш поради тоа што неговиот избор е ограничен со некои параметри што ги дава оригиналот. Додека авторот е послободен во изборот. И, ако направиме некаква споредба, авторот како да создава здание на слободен прстор, а преведувачот како да врши адаптација на тоа здание, и, се разбира, е веќе врзан со тоа каде одат темелите, како се поставени масите од блоковите еден спроти друг и така натака. Преведувањето може да биде многу помакотрпна работа, како чист работен процес, од пишувањето на оригинален текст. Имено, поради таа ограниченост на изборот. (А индивидуалноста на преведувачот?) Може, евентуално, тоа да го споредиме со изведувачките уметности, На пример, една партитура музичка, како еден уметник ја интерпретира, да речеме, виолинист или клавирист, а како дрг? Тука секој внесува нешто од својот темперамент, од своето чувствување. А има рамки што ракописот му ги поставува. Но во тие рамки има можности за безброј варирања. Исто како што една песна може да се рецитира на многу начини, така и еден текст може да се преведува. И, тука ќе има различни резултати. Од просечни до сјајни. Зависно од тоа кој е мајсторот... Има извонредно способни преведувачи. Просто се зачудува човек како успеале да најдат решенија. Познати се такви славни преводи. Од големите литератури земете го примерот како е Едгар Алан По преведен од Бодлер. Творечкиот импулс треба да го има и при преведувањето, за да има добар резултат.

И малите средини создаваат дела

Обично се мисли дека онаа средина што нешто усвојува, усвојува во своја полза. И, ако и’ е нешто потребно, таа ќе го пронајде. А, ако не и’ е потребно, ќе го пренебрегне, бидејќи во големи народи продукцијата е многу голема и не може ни своите работи публиката да ги нотира во поголема мера, а камо ли она што станува во туѓи народи.

Но сепак, како што се случува да се открие еден продукт од мала средина и да добие пласман на сите пазаришта во светот, така може да се случи и еден духовен продукт да се рашири. Најпосле, некои и од основните културни придобивки на човештвото потекнале често пати од некои мали средини, од регионални средини, од некои периферии. Земете го христијанството. Еве, и Библијата и Евангелието, прво биле текстови ограничени на една средина, а потоа станале текстови што влегле во темелот на светската култура. Па и „Илијадата", „Одисејата”... И тие биле ограничени првобитно на мали средини. После се случува во развитокот на човештвото да добијат далеку поголема важност, отколку што имале првобитно.

 За личниот опит и книжевната теорија

Андреевски: Во процесот на Вашата творечка работа дали постои некоја маркантна критичарска фигура, од чие дело во определен момент сте научиле нешто ново и кое Ви било од помош во творештвото?

Конески: Јас не би рекол дека моето образование во таа теоретска смисла, што се однесува до теоријата на литературата е многу систематично. Не е толку систематично. И затоа можам да посочам повеќе автори што го побудиле мојот интерес, ако се работи за книжевната теорија и воопшто за теоријата на уметноста, а секогаш сум гледал некако тие искажувања да ги споредам и со она што е мој личен опит. И на таа база се создавала онаа моја интерна поетика. Таа јас доста одамна сум ја создавал за себе, а не сум мислел никогаш специјално да ја искажувам. Во последните години и тоа го направив. Скоро не сакајќи. Повеќе по порачки од друга страна. Издадов повеќе есеи во кои ја објаснувам својата позиција во однос на теоретските прашања сврзани со литературата и уметноста.

Андреевски: Да, но тоа веќе нема да биде интерна теорија.

Конески: Да. Јас порано мислев дека тоа ќе си остане мој интерен свет и дека нема потреба јас тоа да го соопштувам пошироко. Повторувам, тоа произлегуваше отаде што јас и немам нити време, нити амбиција, систематски да се упатувам во прашањата на теоријата на литературата. А и поради тоа јас не можам да изделам некој критичар што со своите искажувања на мене влијаел во однос на мојата книжевна практика. Можам сосем слободно да кажам дека нивното воздејство е, така да кажам, од второстепен карактер.

Андреевски: Со Вашите есеи, веќе собрани и во книга, Вие наложувате во нашата средина мошне интересни погледи. Тие остават впечаток на некаква свежина, на извесна новина. Веројатно се во прашање успешно изведените синтези по ред прашања од литературната теорија, па како такви може да се очекува да бидат и пошироко важечки во нашата литературна ситуација.

Конески: Јас сум размислувал за тие работи и верувам дека има кај мене извесни идеи што го привлекуваат вниманието на луѓето што се интересираат за литературата. Она, што би сакал сега да го подвлечам, тоа е дека јас не сум одел кон создавање на еден строг теоретски исказ. Нити кон формулирање на некаков целосен систем на погледи, каде што сè е логички подредено по рамништа едно на друго и едно од друго се изведува. Сето тоа се јавувало по стимули, повеќе или помалку наложителни во дадени ситуации, сето тоа било парцијално искажување. А, кога сето тоа ќе се собере може и нешто како целост да се насети. Со таа забелешка дека јас никогаш не претендирам на некаква оригиналност на своите погледи. За да знае човек дали нешто ново придонесува треба да има многу голем преглед на тоа што се кажало во дадената област, а јас таков преглед немам. Ги споменавте изведените синтези по ред прашања. Ако се земе дека е тоа еден опит и дека е едно сведоштво лично, тогаш, се разбира, може да има во таа смисла и во тие рамки, извесни обопштувања.

Андреевски: Овие Ваши есеистички текстови многу се разликуваат од таквите на други наши автори. Вие не ги обременувате со некој тежок научен пристап, со некоја апаратура, туку напротив. Често Вие тргнувате дури и од некоја анегдота.

Конески: Да. Јас се стремам тоа да му биде интересно и на читателот, што нема нити време, нити амбиции, па нити можности да се задлабочува чисто теоретски во таа материја. А може кај него, ако на тој начин му се сервира нешто, може тоа да остави трага кај него и да предизвика соодветен интерес. Можеби тука има кај мене и еден навик од мојата професија. На лесен, на сварлив начин да објаснам некои работи што се малку потешки за разбирање, ако им се пристапува со специјален јазик.

За валидноста на некои теории

Има проблем кога, да речеме, една поставка на некоја од тие теории се зема како валидна стопроцентно. Не се поставува прашањето за нејзината релативна вредност и таа поставка се применува на едно конкретно литературно дело. И тоа се оценува не по вредностите што ги носи само по себе, ами по тоа - дали одговара на моделот. Да речеме, се избира еден модел на песна, лирска песна. И тој се претпочита. Сè што не се вклопува во тој модел може кај некои критичари да биде валоризирано како послабо, понесоодветно спрема она што би било барање на современиот литературен тек, процес. Во тоа е главната работа. Моделите се многубројни. Еве да речеме, некој научил од некаде дека песната треба да биде многузначна. (Се смее). А заборавил дека песната треба да има порака. Таа треба да биде многузначна преку пораката. А не многузначна така да не се знае што кажува. Нели? (Се смее). И, такви критичари повисоко ја поставуваат една песна од која не може човек никаква порака да добие, бидејќи ја нема, отколку една песна, што носи определна интересна порака и што во контакт со читателите треба да стане многузначна. Оти иста порака не е сосем иста кај различните приматели на пораката..

Можам и други примери да дадам. Еве, во врска со исповедната поезија. Значи, се зема модел да не биде поезијата исповедна. Ако е и исповедна веќе автоматски е таа од втор ранг. А всушност мислата на таквиот критичар е од втор ранг. Зашто, тој прво треба да го постави прашањето - што е тоа исповедна поезија? Па тогаш може ќе дојде до заклучок дека и не може да има поезија што не е исповедна. (Се смее). А тој има своја шема и кога оценува многу благонаклоно извесни текстови, сепак тоа го става како да се знае, еве, ова е добра поезија, ама, не од „А” категорија., ами од „Б” категорија, бидејќи е исповедна. Но, не е работата во тоа дали е нешто исповедно или неисповедно, ами дали вреди или не вреди такво какво што е.

Замислување на идеалниот критичар

Тој треба да ја чувствува литературата. Треба да е човек способен со симпатија да му пристапува на текстот. Тоа е едно големо својство на критичарот. Јас мислам дека човек што е мрзоволен, циник, не е најпогоден тип на критичар.

Тој треба со симпатија да пристапува кон текстот. Натаму, треба да има способност на идентификација, ама себеси да му се потчини на авторот, а не обратно. Зашто има еден метод на идентификација кога субјектот што ја врши таа идентификација, авторот го зема за објект и го потчинува под својата личност и на тој начин може и да го разруши интегритетот на авторот. Јас мислам дека е голема храброст и големо својство да пофалиш туѓ труд. И, еден тип на генерозен критичар, јас мислам дека е најдобар тип. Се разбира, не на млак, сентиментален критичар, ами генерозен во смисла на тоа кога ќе сети нешто добро, да го совлада оној отпор, што кај секој човек се јавува, отпорот спрема признавањето на туѓи вредности.

За тековната и аналитичката критика

Аналитичката критика треба во некаков поширок распон да ги разгледува феномените. Тука моментот на споредување и на валоризација е многу поприсутен визави на повеќе ориентири. Тоа е исто како, да речеме, да тргнете да одите во некој планински масив, па совладувате една кота, друга кота, овој врв, оној врв. Ви се чини дека нема повисок врв од оној што е пред вас. После може да дојде уште повисок.

А ова, што е дневната критика, тоа е реагирање моментално. Јасно, секогаш со тој бекграунд, со тој фон што го поседува критичарот. И, кога не го истакнува тој фон, јасно дека тој не го поставува делото во некаков вакуум. Но при аналитичката критика фонот, па и историската димензија, мора да бидат многу поприсутни, отколку при дневната критика, каде што може само да се подразбираат

За отсуството на дневната критика

Климата кај нас, духовната клима, не е погодна за критиката. Критичарите се изложени на многу притисоци. И затоа мнозина може да бегаат од дневната критика, бидејќи таа ги доведува до ред конфронтации, непријатности за нив, и да одат или во обработка на поопшти теоретски теми или да се ориентираат кон минатото, или, ако водат дневна критика, да ја сведат до некои компромиси, до некои искази што можат да се толкуваат и така и вака., до малку пофалување, малку покудување, без да се добие сумата, без да се знае на што сме. Климата е таква. Јас не ја наоѓам тука кривицата во критичарите, Ние, речиси, и немаме научна критика. Таа е во повој. А ја немаме затоа што ако човек биде појасен во искажувањето на своите становишта, тој често пати ќе биде подложен како личност на многу горки испитувања од страна на оние што се чувствуваат засегнати од критиката.

И така, излегува понекогаш дека во мракот сите мачки се црни. И она што вреди и она што не вреди, сето тоа добива исти признанија, особено при овие безбројни промоции сега што се прават, човек и не знае навистина каде да ја најде мерата, дали има некаква скала во тие вреднувањ

За говорењето, искажувањето

Тука треба да има во самиот човек некоја дарба за водење на разговорот. Треба да има и уживање во тоа. А треба да има и напор да се усовршува нашиот јазичен израз. Тоа се прави во секоја средина. И во патријархалната и во современата. Ние имаме речити луѓе во нашата патријархална средина многу, а зависи од крајот, од местото. Некаде изразито се негува усната традиција.

Просто на човека му е мило да слуша луѓе што се обучувани во таа усна традиција. Тука има една обука. Тоа не е дадено така само, без усвојување, без напор, без учење. А во современиот свет, особено во средина што сега се амбицира да го постигне културното ниво, таа задача станува посложена, бидејќи треба да се усвои еден начин на искажување што не се сведува само на она што ни го нуди усната традиција, ами еден начин на изразување пригоден за современи содржини.

... Треба човек, при услов да умее интересно да раскажува, да не е досаден, да е комуникативен. При тој услов тој треба да вложи многу напори, за да ја усовршува тогаш таа кај него некаква елементарна дарба, треба многу да чита и многу да слуша и да знае да избира. И по тој начин, нели, да го постигне она рамниште што се претполага за настапот на еден образован човек во современиот свет.

Обнова на јазикот преку поезијата

И јас мислам дека поезијата врши актуализација на говорот, го ослободува говорот од клишињата. Но, кога говориме за обновување, за освежување на говорот и за улогата на поезијата, однсно на литературата во таа смисла, треба да водиме сметка дека обновувањето не може да се врши само на планот на изразот или на јазичниот план во потесна смисла. Не може обновување да има без обновување на содржините. Тоа е основното.

Обновувањето мора да оди на тие два плана: нови содржини, и за тие нови содржини нов исказ. Грешката на многу правци модернистички во дваесеттиот век се состои во тоа, што тие мислеа дека само на планот на изразот можат да извршат обновување. Не може. И дури мислеа дека може тоа обновување да го извршат со херметички текстови. Тоа значи да нема содржина, а да има обновување. Тоа е нонсенс. Никакво или сосем површно артистичко обновување имаме таму каде што се експериментира само со јазикот како таков, без врска со содржината.

Слики: Младен Србиновиќ

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Конески: Кажувања (8)

Конески: Кажувања (9)

Конески: Кажувања (10)

Конески: Кажувања (11)

Конески: Кажувања (12)


 


ОкоБоли главаВицФото