1026 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 06:59
Во некои работи и оваа наша зачмаена и отепана Македонија знае да биде во линија со Европа и сo светот. Деновиве, додека малкумина луѓе од левиот кампус пред сѐ аргументирано предупредуваа за опасноста популизмот да стане доминантна струја и буквално да го освои нашиот севкупен политички простор, слична дебата и црвен аларм се вклучи и во Европа.
Во мај идната година Европа ја очекуваат избори, па нормално е што некои одговорни политичари почнуваат да предупредуваат од опасноста Европарламентот по прв пат во својата историја да биде буквално хендикепиран од евентуалниот успех на многубројните евроскептични и популистички партии низ континентот. Дури и за нас, како вечен кандидат за влез во ЕУ, но и како тоталитарна режимска творба на Груевски, треба да нѐ загрижува евентуалниот исход, Европа да го добие најантиевропскиот парламент во својата историја.
Колку и да сме изгубена приказна, и колку и самите популистички тенденции кај нас да се и онака во подем, евентуалниот триумф на популистите во Европа, би бил пред сѐ еден погрешен сигнал, и за нас самите, но и за поголемите земји од ЕУ, а особено за помалите држави кои аспирираат или се дел од ЕУ.
Тоа би се интерпретирало како дополнителен поттик да се појде по неодговорниот пат на европскептицизам, популизам и на недемократска власт, а во исто време би претставувало тежок удар за сите продемократски и проевропски сили. Нашата режимска власт тоа би го сфатила како пофалба и како оправдување за своите недемократски политики, а многу лекоумни луѓе дефинитивно би го прегрнале популизмот како средство за остварување на своите политички амбиции и како лажен рецепт за соочување со постојниот режим на Груевски.
Алармот во Европа го вклучи италијанскиот премиер Енрико Лета, во интервју кое беше пренесено од повеќе реномирани европски дневни весници. Италијаните се европски народ кој може да се пофали со можеби најхаотичниот политички систем на континентот, апсолутно некорисен кога станува збор за имитирање во позитивна смисла, но затоа, многу добар ако од нив треба да се извлече поука. Ниту една друга држава не била и не е толку константно под влијание на популистите, никој подобро не ја познава опасноста од Италијаните, и токму тоа им дава право да го вклучат алармот.
Лета ја поканува европската јавност и политичарите да се разбудат и да се раздрмаат, да ја напуштат срамежливоста во соочувањето со популистите, „затоа што ако не се бориме против популистите, тие ќе ја уништат Европа“, вели тој. Лета смета дека Европа може да се подигне само со нова борба за европеизмот, со повеќе Европа, наместо со помалку, конечно, евоцирајќи и потсетувајќи нѐ дека целта на Европа е пред сѐ политичко обединување. Неговиот слоган е прост и јасен: Европа на народите против Европа на популистите.
Италијанскиот премиер доаѓа до една многу точна констатација која ја илустрира пропорцијата на проблемот. Од 1979 година до денес, секоја земја гледала на европските избори низ својата национална призма. Овој пат, доколку популистите освојат над 25 проценти во Еворпарламентот, тоа би било континентална катастрофа, која ќе има последици врз сите земји и врз заедничкиот европски проект. Тоа што ми се допадна во неговото толкување на популизмот е што Лета не се обидува да ја намали или да ја елиминира критиката и вината на државотворните партии кои во последните две децении потфрлија да понудат напредок преку институциите и демократската пракса. Воедно, тој смета дека решението е во способноста на таквите партии да се подмладат, лидершипот да се рашири на што повеќе луѓе, и уште повеќе да работат на градењето на систем, на зајакнувањето на институциите, на почитувањето на правилата, на остварување на вистински реформи. Како рецептура за подобра Европа, италијанскиот премиер нуди поголема кохезија на европските институции, вистинска политичка моќ и помала фрагментација.
Во ироничен дух , Лета вели дека кога на еден ден би бил диктатор на ЕУ, би донел два едикта: обединување на функцијата претседател на Европската комисија и претседател на Советот на Европа, една личност, две функции. И втора работа, многу интересна кога станува збор за нашето име, ама треба прво да влеземе во ЕУ, Лета би ги елиминирал сите европски акроними, бидејќи , работите треба да се викаат со своето име. Како и да е, борбата против популизмите се прави со повеќе ЕУ и со подобри институции, нешто што важи и за самите земји членки.
Колку и да изгледа европскиот дискурс околу популизмот како цртан филм за нашето режимско лудило во кое популизмот е само дел од равенката, мораме да стравуваме од популизмот од неколку причини. Како прво, секој популист продава еден вид политика. Популизмот сам по себе не е антиполитика, туку е политика на режимизација. Како второ, кај нас популизмот неизбежно ќе тенденционира кон десничарски политики, или повеќе од истото, повеќе од катастрофалните и храбри зборови кои не нудат никакво решение. Ако мислиме со погласно викање и со ставови кои наместо да решаваат проблеми, само ги зголемуваат, или ги натрупуваат, да одиме напред, тогаш, дефинитивно, сме изгубени. Македонија била последниот европски национален проект поради нашата политичка и идеолошка фрагментација и поделеност, но јас сум убеден, дека ако десничарската логика и популизам станат сеприсутна и доминантна струја, тогаш ние никогаш нема да излеземе од оваа диктатура, само ќе заглибиме уште подлабоко во фашизам.
А сето тоа, значи, возењето на популизам против режимот, надежта дека народот ќе се рабуди со револуционерниот повик на популизмот против режимот, може да изроди само поинаков или ист вид на диктатура. Истата логика важи за популистите во Македонија и за оние во Европа. Нема да пропадне Европа, можеби нема да пропадне ниту ЕУ. Но, истите тие движење кои денес сакаат да ја уништат ЕУ, потоа ќе мораат да ја реконструираат по сопствена слика. Така, и оној кој планира овој режим да го урне натпреварувајќи се на теренот на режимската десница, ќе стане десница, и што тогаш неговата слика, односно рефлексија, ќе има да реконструира?! Ако против режим се бориш со популизам, тоа значи дека немаш два популизми од различна матрица, туку дека матрицата е иста. И ти мораш да бидеш десничарски националист, да бидеш демагог, подеднакво недоговорен, подеднакво сакан од истиот електорат кој придонесе за одржување на режимот.
Некој може да каже дека го „тупам“, или дека сум неоправдан песимист. Ич не ми е гајле, јас тука ниту бркам гласови, ниту се натпреварувам во убави зборови. Јас му нудам на оној што чита оптимизам кај волјата и разумот. Едно нешто мора да разбереме, во ситуација на режим, не е клучна дихотомијата левичар-десничар, затоа што или народот повеќе не знае што е што или затоа што нашиот режим создаде премногу лажни и погрешни дихотомии.
Дихотомијата популист/антипопулист, денес е клучна, затоа што во неа се сконцентирани премногу вредности и поведенија, неодговорност/одговорност, емоции/разум, искреност/лажност, демократ/квазидемократ, реакционерство/револуција, кои се јасни и препознатливи за јавноста. Воедно, има премногу начини да се изведе практично една борба или преврат, целата технологија на менување на режим многу зависи од тоа дали ти си се определил да се служиш со инструментите на противникот, или се бориш со помош на тоа што си различен. Ете, затоа инсистирам на јасни разлики, затоа што поимот популист, а уште повеќе праксата, со себе носат премногу лоши карактеристики и премногу реплицирани погрешни ставови и политики.
Слика: Свирачиња