1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Најнезабележаниот аспект од приказната за NSA веќе подолго време е токму нејзиниот меѓународен опсег. Сѐ се смени оваа недела, кога Германија и Франција експлодираа од бес поради новите откритија за сеопштиот надзор кој NSA го спроведува над нивното население и демократски избраните лидери.
Како и пред тоа во Бразил, извештаите за надгледувањето на функционерите привлекуваат најголемо медиумско внимание, но оваа приказна првобитно е покрената од откритието дека NSA масовно шпионира милиони и милиони недолжни граѓани на сите овие земји. Омилената жалопојка на апологетите на американската влада - сите шпионираат! - немоќно паѓа пред ваквото сеприсутно, неосновано шпионирање на кое ексклузивно право полагаат САД и нивните англофонски сојузници: Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд.
Ова се трите ставки кои вреди да се истакнат по повод последните откритија.
Прво, обрнете внимание како лидерите како канцеларката Ангела Меркел рамнодушно реагираа кога минатиот месец беше откриено дека NSA спроведува масовно шпионирање врз германските граѓани, но одненадеж се разгневија кога се испостави дека на мета била и таа лично. Таквата реакција многу зборува за вистинската состојба на свеста на многу западни лидери.
Второ, сите овие влади упорно повторуваат колку овие откритија заслужуваат публицитет, колку откриеното кршење на правата е длабоко, колку се сите задоволни што го дознале тоа, колку се посветени на реформирањето на системот. Ако тоа е точно, зошто дозволуваат човекот кој ги овозможи овие сознанија - Едвард Сноуден - да биде кривично гонет од страна на американската влада поради „злосторството“ на кревање тревога?
Ако германската и француската влада - и германските и француските граѓани - се толку задоволни што дознале дека една странска сила над која немаат никакво влијание систематски им ја уништува приватноста, зарем не би требало да му понудат азил на лицето кое го обзнанило тоа, наместо да ги игнорираат или одбиваат неговите молби да му се заштитат основните политички права, изложувајќи го така на опасноста американската влада да го пикне во затвор неколку децении?
Покрај обврските од дговорот кој овие земји го потпишаа, дека ќе ги заштитат основните политички права и ќе ги заштитат луѓето од прогон, како можат истовремено да се соблазнуваат над ова откриено кршење на правата, а истовремено да му го свртат грбот на човекот кој ја ризикуваше својата слобода па дури и животот за да го расветли ова?
Трето, има ли некој кој не верува дека американската влада упорно се обидува да го залаже светот инсистирајќи дека овој систем на неовластен надзор е мотивиран од обидите Американците да се заштитат од терористите? Во нашите репортажи е откриено шпионирање: на собирите на кои се воделе економски преговори, Организацијата на американски држави, нафтените компании, министерствата задолжени за рудни и енергетски ресурси, демократски избраните лидери на сојузничките држави и целото население на тие држави.
Можат ли дури и претседателот Обама и неговите најверни лојалисти и понатаму да тврдат, со сериозен израз на лицето, дека станува збор за тероризам? За тоа зборува еден одличен есеј во списанието Foreign Affairs, каде авторите тврдат дека откритијата на Менинг и Сноуден ѝ ја одзеле можноста на Америка да го користи лицемерието како клучно оружје на својата „мека сила“.
Кога сме веќе кај неможноста овие тврдења да се бранат сериозно, како ли американските и британските официјални лица ќе продолжат да се преправаат дека ја бранат слободата на печатот, да им држат предавања на другите за тоа и да ги осудуваат? Во изјавата која можеби претставува досега најотворен напад на оваа слобода - како и најубедлив доказ за огромната паника - директорот на NSA, генералот Кит Александар, навистина минатиот вторник бараше да се спречат новинарските написи во светот за овој таен систем на надзор (Techdirt ја објави интегралната снимка):
„Шефот на спорната Национална безбедносна агенција, генералот Кит Александар, ги обвинува новинарите дека ги продаваат документите на неговата агенција и бара спречување на постојаниот проток на нови информации кои ги собрал поранешниот соработник на агенцијата, Едвард Сноуден. 'Мислам дека не е добро тоа што новинарите ги имаат сите овие документи, тие 50.000 или колку и да беа, и што ги продаваат и даваат како да се... знаете, тоа навистина нема логика', вели Александар во интервјуто за блогот на министерството за одбрана Armed With Science. 'Би требало да најдеме начин да го спречиме тоа. Не знам како тоа може да се изведе. Тоа повеќе се однесува на судиите и политичарите, но од моја перспектива, погрешно е да се дозволи ова да продолжи', рече директорот на NSA“.
NSA има 25.000 вработени (и уште неколку десетици илјади луѓе кои работат за приватни фирми под договор со оваа агенција). Можеби некој од нив ќе го извести генералот дека постои нешто што се вика „прв амандман“.
Би сакал да знам што конкретно генералот Александар има предвид кога вели дека американската влада треба „да пронајде начин да ги спречи“ новинарските написи за оваа приказна. Што и да е тоа, во секој случај сериозно го крши американскиот устав - очигледно. Каков ли човек сака државата со сила да ги спречи новинарските репортажи?
Каков и да е тој човек, тој не е некој на кого би требало да му се довери водењето и развојот на системот за масовна шпионажа. Кога сме веќе кај тоа, такво нешто не треба да се довери никому.
Извор: The Guardian