Вратете ни го нашиот живот, таков „тежок“ каков што си го заслужуваме

04.11.2013 13:57
Вратете ни го нашиот живот, таков „тежок“ каков што си го заслужуваме

Колку е убаво да се прошеташ по градот и да видиш празни улици, празни тротоари, дуќанџиите можат да си разговараат со своите соседи ако ги имаат, да си пијат раат кафе без никој да ги вознемирува. Кафулињата се полнат за време на паузата на јавната администрација, супер - размислиле луѓето дека некој треба да седне да им даде надеж за да платат давачки и тие да си немаат главоболка за своите примања. Воздухот оваа година остана чист, ја немаше „загаденоста“ од спремањето на зимници, сѐ помалку и помалку има народ, па тоа е супер: комуналците помалку ќе имаат за работа, повеќе ќе одмораат.

Нема потреба да одиш во планина и да ги бараш мирот и тишината, сега тие се тука до нас. Македонија едноставно ќе стане држава на спокојот, нема да има кој да те вознемирува, во секој град можеш да излезеш и да се релаксираш. Па оваа власт мисли на твоето здравје. Наутро кога станувам сѐ си мислам дека е првиот ден после Нова година, затоа што само на тој ден немаше џагор и бучава од автомобилите, а сега секој ден е тој ден, прекрасно. Колку добро ни ја доловија самотијата. Па тоа не можеше ни најпознатиот режисер да го осмисли, шеташ сам и никој нема покрај тебе. Во пазарен ден можеш слободно да си прошеташ без да се туркаш, си одиш на пазарот и ги гледаш тажните лица на тезгаџиите, па ова е прекрасно, ако сакаш да видиш нешто повесело тука се кафулињата; ќе појдеш и таму имаш статисти кои цело време се смеат. колку вистинит приказ на живот со различни убавини!

Кога служев во војска ми се допадна животот во касарната. Колку беше прекрасно, сѐ беше средено, задолжените во секое време си ги метеа пистите, се чистеа парковите, сите одевме само на ручек групно, инаку владееше целосна тишина. Сега времето што го живееме многу ме потсетува на војничкиот живот. Само го чекам моментот кога сите ќе чекаме во редица пред народните кујни за топол оброк, каде ќе ве пречека лошото лице на готвачот кој ќе ви влее толку страв што нема да помислите да пробате да го определите вкусот на храната.

Мојата чудесна земја Македонија.

Кој ќе успее да дезертира од оваа касарна, никогаш во својот живот нема да зажали, секогаш ќе се труди да ги заборави моментите што ги доживеал во оваа држава, никогаш нема да се труди да се врати затоа што ќе треба повторно да се прилагодува на условите за живот кој некој ти ги пропишал. Тешките услови во кои секојдневно живееме биле за општо добро на нас, граѓаните, затоа што така ни се градел цврст и здрав карактер. Така изјавуваат надлежните.

Но сепак, треба добро да размислиме колку погрешно сме го живееле животот, сме јаделе топол леб, а тој е штетен за здравјето, па затоа сега откако поголем дел од населението ја разбара суштината на здравиот живот, сѐ повеќе и повеќе чекаат на ред за бајат леб пред пекарниците. Во долгите редици можете да видите многу здраво население кое веќе нема опасност од целулит или маснотии во крвта. Па луѓе, оваа влада се грижи за вашето здравје. Во амбулантите се намалија редиците од граѓани кои постојано се труеја со разни медикаменти, сега ќе чекате да не ви затребаат и нема да земате „прекумерни“ дози, оваа влада мисли на вашето здравје.

Поранешните турканици во полициските станици за пасош ги нема повеќе, сега тие редици се префрлија во седиштето на оваа власт која се грижи за своите граѓани и секогаш ќе се најде некоја метла повеќе за некого.

Честитки, оваа влада супер се грижи за своите граѓани.

Но, да ја замолиме партијата на власт повеќе да не се грижи толку за граѓаните. Нека нѐ остави така како што си живевме, не сме заслужиле да живееме здрав живот. Нека нѐ остават и повеќе нека не се грижат за нас, добро ни беше, бевме навикнати на таков „лош“ живот и не можеме да се навикнеме некој толку многу да се грижи за нас. Нека си гледаат тие својата работа, зашто ние не ја разбираме нивната грижа и сѐ помалку и помалку нѐ има, ненавикнати на оваа убавина, бидејќи ние сакаме го животот таков каков што ни беше, „тежок“.

Влатко Ристески
Граѓански активист
Претседател на ОДРАЗ

 

Слика: Алан Шварц