Манифест за вистината

05.11.2013 09:31
Манифест за вистината

Во многу краток рок светот дозна многу за неодговорноста на тајните служби и за криминалните програми за надзор. Службите свесно се обидуваа да ја избегнат секоја контрола на властите или јавноста. Иако од досега објавените документи произлегува дека најлоши се американската NSA и британската GCHQ, не смееме да заборавиме дека масовниот надзор е глобален проблем кој бара глобални решенија.

Програмите за надзор не се само закана за приватната сфера, туку пред сѐ за слободата на мислење и отвореното општество. Постоењето на шпионски технологии не смее да управува со донесувањето политички одлуки. Имаме морална должност со нашите закони и вредности да ги ограничиме програмите за надзор и да ги заштитиме човековите права.

Општеството може да го разбере и контролира овој проблем само преку беспоштедна и стручна расправа. Најпрво некои влади, кои по откривањето на масовниот систем за надзор се чувствуваат разголени, иницираа досега невидена кампања за прогон за да ја потиснат оваа расправа. Тие ги заплашуваа новинарите и го инкриминираа објавувањето на вистината. Јавноста во тој момент не беше во состојба да го оцени значењето на овие откритија и веруваше дека нејзините влади донесуваат исправни одлуки.

Денес знаеме дека тоа беше грешка и дека таквото дејствување не служи за јавен интерес. Расправата која имаа намера да ја спречат, сега се одвива во целиот свет. И наместо да нанесе штета, стануваме свесни колкава е користа од ова ново јавно сознание, бидејќи токму политиката предлага реформи.

Граѓаните мораат да се спротивстават на прикривањето информации за прашања од исклучително јавно значење. Оној кој ја зборува вистината, не направил никакво злосторство.

Едвард Сноуден

 

Едвард Сноуден го напишал овој текст на 1 номври во Москва, а до редакцијата на Шпигел стигнал преку кодиран канал.

51 позната личност од културата, политиката и општествениот живот го поддржа давањето германски азил на Едвард Сноуден. Меѓу нив се и:

 

Ханс Магнус Енценсбергер, писател

Америка може да нѐ повреди. Да се биде на место број 1 е исклучително напорно и го навлекува бесот на сите други. Граѓаните на САД беспомошно гледаат како нивниот сон се претвора во ноќна мора. Еден човек, кој и понатаму верува во американскиот устав, се наоѓа во Москва. Зошто никој не мрдна со прст да му помогне на Едвард Сноуден? Многумина му се восхитуваат, но досега не направиле ништо за него.

За Британците, кои станаа колонија на САД, тој е предавник. Германија во Вашингтон ја сметаат за протекторат. ЕУ е окупирана со самонаметнатата криза. Остануваат само државите од Скандинавија, лидери во прашањата како што се светскиот мир и човековите права.

Најбогата и најнезависна од нив е емиратот Норвешка. Таа не е членка на ЕУ. Од нејзиниот славен премиер Гро Харлем Брундтланд потекнува познатата реченица: „Да се биде добар е нешто типично норвешки“. Норвешка во 1935 година, додека сѐ уште беше сиромашна, го предизвика моќниот Советски сојуз со тоа што му даде азил на Лав Троцки. Денес и таму владее злокобна тишина. Наместо да дели Нобелови награди за мир, норвешката влада би требало во „типично добар манир“ да му издаде пасош и виза на Сноуден и да му гарантира неограничена дозвола за престој.

Даниел Брил, глумец

Би го поздравил потегот со кој Сноуден би добил азил од една демократска земја која ја става демократијата над сите сојузништва и интереси.

Алис Шварцер, публицистка

Сметам дека би имало смисла тој да сведочи пред истражниот одбор во Германија. Тој значително придонесе за неопходната дебата и ја заслужува нашата почит. Знаеше што прави и сега плаќа голема цена.

Извор: Spiegel