Стогодишнина од Балканските војни

05.11.2013 12:38
Стогодишнина од Балканските војни

Балканските војни почнале на 18 октомври 1912 година. Тие било увод во долгата шестгодишна војна што на територијата на Македонија, со мали прекини, траела сѐ до 1918 година. Всушност, во Македонија и пред тоа, во периодот опфатен со Илинденското востание (1903), Младотурската револуција (1908), сѐ до Балканските војни (1912-1913) и Првата светска војна (1914-1918) практично се одвивала континуирана граѓанска војна. На пример, според информациите изнесени во англискиот печат и во британскиот Парламент од почетокот на 20 век, во Македонија помеѓу 1904 и 1908 биле убиени околу 10.000 луѓе. Угледниот историчар Иван Катарџиев во книгата „Македонија сто години по Илинденското востание“ (2003) цитира податок од заседанието од 26.10.1906. на Долниот дом на Британскиот парламент кога било речено дека за првите девет месеци од 1906 година во Солунскиот вилает биле убиени 577 луѓе, во Битолскиот 481, а во Скопскиот 188 луѓе.

Македонија била главниот фронт на Балканските војни, а нејзините жители биле главните жртви на тие војни. Во политичка смисла Балканските војни дополнително ги збуниле ионака доволно шашардисаните жители на Македонија. Американскиот писател Стојан Христов во својата книга „Херои и убијци“ (1935) дава бизарен детаљ по повод отпочнувањето на двете војни: Тодор Лазаров, Македонец од Бугарија, верувајќи дека неговата татковина, по падот на турската империја, конечно е слободна, од радост се самозастрелал и умрел, не знаејќи дека балканските сојузници во 1912 година тајно ја поделиле Македонија меѓу себе пред да ѝ објават војна на Турција. Случајот на Тодор Лазаров можеби е добра илустрација на растроените политички умови на Македонците во 1912 година.

Османската империја паднала за само еден и пол месец, по повеќевековното владеење. Со Македонија таа империја владеела 517 години. Потпишувањето на мировниот договор во Лондон меѓу Балканскиот сојуз и Османската империја (30.05.1913.) било само кратка пауза до новиот воен судир, но сега меѓу Бугарија и другите две членки на Сојузот, Србија и Грција. Војната меѓу нив започнала на 29 јуни 1913 година. Македонскиот народ се нашол во сендвич. Според податоците на Карнегиевата комисија, кои се однесуваат само на егејскиот дел на Македонија, околу 170 села и 16.000 куќи биле уништени од грчката армија. Градовите Воден, Његуш, Струмица, Кукуш, Дојран, биле тешко оштетени. Под притисок на грчкиот терор над 100.000 „Славо-Македонци“ ја напуштиле земјата.

(Гоце Делчев, револуционерниот водач на Македонците, потекнува од Кукуш, гратче во непосредна близина на Солун. На 4 јули 1913 грчката војска, во операција на етничко чистење, го запалила градот и уште четириесетина села околу градот. Како што вели Катарџиев, тој метод на етничко чистење грчката армија го применувала секаде каде што можела, дури и во оние делови на Македонија што биле под српска окупација.)

Мирослав Крлежа, еден од најголемите југословенски писатели во 20 век, во една од своите „99 варијации“ дава интересен поглед на двете балкански војни, првата во која Турција е протерана од Балканот, и втората, во која Грција, Бугарија и Србија се борат за територијата на Македонија:

Уште не се беше осушила кумановската крв, а само осум месеци подоцна битката на Брегалница како од џиновски топ ги разнесе сите лирски илузии за коишто цели јужнословенски поколенија беа убедени дека се елементи на нашиот народен опстанок. Во чадот и пожарот на брегалничката битка (во јули 1913) ние научивме дека циничниот макијавелизам на малите балкански династии е стварност, а партитурата на Лисински, илирските фантазмагории, џаковачката идила или носталгијата по Призрен - дека се само пуста реторика. Салдаконтото на европските банки, од Санкт-Петербург до Берлин и Париз, ги ломбардираше кумановските симболи во своја корист, а нам (енгелсовски) ни објаснија дека со светот не владеат сопочанските фрески, туку банките, кралевите и топовите. Се најдовме пред пред ленински ’чудествено одвратниот’ слом на европската цивилизација, на империјалистичкиот магнетен пол на војни и колежи, кои оттогаш траат четириесет години сѐ до денот денешен.“

По поразот на Бугарија, од 28 јули до 10 август 1913 се одржале мировни разговори во Букурешт. На 10 август 1913 бил потпишан Букурешкиот мировен договор. Со овој договор Македонија била поделена на три дела.

Периодот помеѓу Балканските војни и почетокот на Првата светска војна (29 јули 1914) и потоа, до вклучувањето на Бугарија во неа, на страната на Германија, Австро-Унгарија и Русија, во Македонија малку се разликувал од периодот пред потпишувањето на Букурешкиот договор. Како што вели Катарџиев, сѐ што во иднина ќе му се случува на македонскиот народ ќе произлегува од резултатите на Балканските војни - од поделбата.

Слики: Mark Tansey

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото