Среќен роденден, господине Хитлер!

05.11.2013 13:25
Среќен роденден, господине Хитлер!

Три дена по капитулацијата на Југославија, на 20 април 1940 година, Адолф Хитлер го прославил својот 52 роденден. Церемонијата е одржана во специјалниот воз во кој се наоѓал „фиреровиот главен штаб Југоисток“ („Führerhauptquartier Südost“) од кој тој го следел нападот врз Југославија и Грција; возот бил стациониран на излезот од железничкиот тунел кај местото Менихкирхен во Штаерска, на пет километри од југословенската граница.

Меѓу роденденските гости, покрај воениот и партискиот врв на германскиот Рајх, биле и Грофот Ќано, Адмиралот Хорти и бугарскиот крал Борис „како мршојадци собрани околу трупот на Југославија“, а прославата почнала со концерт одржан пред возот.

Тогаш на Хитлер му е врачен и пригоден роденденски подарок, единствениот воен трофеј од распарчената Југославија - спомен плочата на Гаврило Принцип донесена од окупираното Сараево. Фотографијата од врачувањето на овој подарок ја направил неговиот официјален фотограф, Хајнрих Хофман.

Без да се земе предвид оваа фотографија, која „Време“ премиерно ја објавува, сите полемики и анализи за почетокот на Првата светска војна, за историската тежина на сараевскиот атентат, млада Босна и Гаврило Принцип, за карактерот на југословенската идеја, за Втората светска војна како продолжение на незавршената Прва, повеќе не можат да се сметаат за целосни.

Фотографијата сама по себе има чудесна и сугестивна магија, но таква е и приказната која се испреплете околу неа, а во која се вмешани судбините на Иво Андриќ и Курт Валдхајм, Ева Браун и Родољуб Чолаковиќ, шпанскиот крал Алфонсо XVIII и Мурат Кустурица, Гаврило Принцип и Адолф Хитлер...

Фотографијата сама по себе е речита: фирерот бил среќен што неговата војска од делот на светот „што не е вреден за коските на ниту еден помераниски гренадир“ успеала да му ја донесе како подарок единствената работа од таа убиена земја која нешто му значи: плочата со која во Сараево му искажале почит на Гаврило Принцип.

Мртовците треба да се закопаат, мисли Хитлер, а оваа плоча која во Сараево ја подигнале за да ја слават својата слобода и германското понижување сега е надгробна плоча на нивната земја и нивните соништа.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото