Субјективен одраз на објективната реалност

06.11.2013 08:18
Субјективен одраз на објективната реалност

Во времето на моето школување се образував мошне несистематски. Во знаењето имав огромни празнини.

Така, долго време мислев дека Иван Петрович Павлов и Тодор Досев Павлов се еден ист човек. О, блажено незнаење! Не знам поради што во мојата свест се беа споиле ликовите на проучувачот на условните рефлекси и естетичарот чијашто книга „Теорија на одразот“ беше многу цитирана во тоа време.

Мешањето одеше натаму. Во учебникот по биологија имаше цртеж на пес со сонда поставена во стомакот. Песот, научен да добива храна по писокот на свирката, почнуваше по тој звук да лачи желудочни сокови. На цртежот убаво се гледаше како низ сондата капе желудочниот сок во сад поставен под песот. Бев убеден дека тоа има некаква врска со естетиката.

Поради тоа, секогаш кога ќе се споменеше „Теорија на одразот“, јас замислував писател кој, по писокот на свирката, почнува да лачи сѐ поверни и поверни одрази на стварноста.

Искрено речено, ми се чини дека оттаму иде мојата одбивност кон реализмот.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото