(Не)етичко новинарство: Математички утки и статистички манипулации

07.11.2013 10:11
(Не)етичко новинарство: Математички утки и статистички манипулации

„Репортерите се паметни – ако знаат дека ги лажат, тоа не треба да го емитуваат. Ако намирисаат лага, но не се сигурни, треба да направат проверка на фактите со добра намера“ – Крејг Њумарк

Новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни кога објавуваат и анализираат егзактни статистички показатели од официјални извори.

Новинарски утки: Дали од 2006 година досега е двојно зголемена просечната пензија?

На 29.09.2013 повеќе македонски медиуми објавија информација во насловите дека просечната пензија е двојно зголемена, или двојно повисока од пред седум години – од 2006. Некои тоа го објавија како статистички факт, а некои му го припишаа на министерот за финансии: „Од 2006 година досега просечната пензија двојно зголемена“; „СТАВРЕСКИ: Просечната пензија двојно повисока од пред 7 години“; „Ставрески: Пензионерите да веруваат во владините политики – пензиите се двојно зголемени од 2006“; Ставрески: Откако сме на власт, пензиите двојно се зголемија; Ставрески: Пензионерите да бидат сигурни во политиките на Владата, пензиите двојно се зголемија од 2006; Ставрески: Пензионерите да бидат сигурни во политиките на Владата, пензиите се зголемија двојно од 2006

Но, во содржината на дел од наведени написи може да се прочита поинаква изјава на министерот за финансии:

„За илустрација во 2013 просечната пензија е зголемена за 50 проценти во однос на нивото од 2006 година.“

Значи, и покрај тоа што министерот дава изјава дека во дадениот период „просечната пензија е зголемена за 50 проценти“, повеќе медиуми ја дезинформираа јавноста дека пензијата е зголемена за 100 проценти (двојно зголемена). Како е можно толку новинари и уредници да ја игнорираат елементарната математика, според која зголемувањето за 50% не е двојно зголемување, туку зголемување за половина?

Манипулации со странски инвестиции

„Правете разлика меѓу застапување нечии ставови и новинарско известување.“ (Новинарски кодекс)

Написот „Од 2006-та влегле милијарда евра повеќе инвестиции од претходните 10 години“, а особено наднасловот „САЛДОТО НА СТРАНСКИТЕ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ ПОТВРДА НА ВЛАДИНИТЕ ПОЛИТИКИ“ е типичен пример за новинарско застапување на непроверени политички ставови. Насловот практично ја застапува следнава непроверена изјава на министерот за финансии:

„- Задоволни сме што и оваа година за седум месеци имаме над 130 милиони евра странски инвестиции, што е повеќе отколку целата мината година, но и кумулативно бидејќи привлекувањето странски инвестиции е процес и треба да го гледаме во временски период од четири-пет години. За илустрација, од јули 2006 година и заклучно со јули годинава во Македонија се влезени вкупно милијарда и 800 милиони евра странски инвестиции, што е за цела милијарда повеќе отколку во претходниот десетгодишен период, кога сегашната опозиција ги креираше економските политики - вели Ставрески.“

Прво, медиумот воопшто не поставува прашање зошто министерот ги пресметува како своја заслуга и инвестициите од јули и август 2006 година, имајќи предвид дека владата на Груевски почнува да работи од крајот на август 2006-та година.

Второ, ако министерот е во право дека „привлекувањето странски инвестиции е процес и треба да го гледаме во временски период од четири-пет години“, зошто тогаш новинарот не направил споредба за странските инвестиции меѓу последните 4 години и периодот на влијание од владеењето на СДСМ (2003-2006), и претходниот период (1999-2002)? На пример, споредбата на податоците на НБРМ покажува дека нема значителна разлика помеѓу странските инвестиции во последните 4 и пол години (145+160+336,8+72+101,4 милиони евра) и странските инвестиции од 2003-2006 година (100,4+260,7+77,2+344,8 милиони евра), кои се повисоки од периодот 1999-2002.

Трето, новинарот не го поставува прашањето: Дали „салдото на странските директни инвестиции“ од минатата година е исто така „ПОТВРДА НА ВЛАДИНИТЕ ПОЛИТИКИ“? Имено, министерот за финансии вешто избегнува да даде одговор за загрижувачката состојба со странските директни инвестиции во 2012 (72 милиони евра), укажувајќи дека е задоволен „што и оваа година за седум месеци имаме над 130 милиони евра странски инвестиции, што е повеќе отколку целата мината година“.

Четврто, воопшто не се доведува под сомнение заклучокот „…цела милијарда повеќе отколку во претходниот десетгодишен период, кога сегашната опозиција ги креираше економските политики“, иако истиот не ја издржува елементарната проверката на фактите. Имено, „претходниот десетгодишен период“ (пред јули 2006) е периодот од јуни 1996 до јуни 2006, а во тој период: а) не е вистина дека странските инвестиции изнесуваат „цела милијарда“ евра помалку; б) не е вистина дека „сегашната опозиција ги креираше економските политики“ во периодот на владата на Љубчо Георгиевски 1998-2002, кога Никола Груевски беше министер.

Дали имало намалување на цените на лековите пред да дојде на власт Груевски?

Новинарскиот етички императив „трагај по вистината и известувај за неа“ налага проверка на точноста на информациите од секој извор. Кога изворот е лице кое е на власт, новинар(к)ите имаат етичка обврска будно да ги следат неговите изјави, да прават разлика меѓу фактите и мислењата и да го повикаат на одговорност во случај на непоткрепени фактички изјави.

На пример, кога политичарите изјавуваат дека не се сеќаваат некогаш да имало намалување на цени на лекови пред тие да дојдат на власт, должност на новинарите е да им ја освежат меморијата. За жал, повеќе новинари само ја пренесоа изјавата на премиерот

„Пред да дојде на власт оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ не се сеќавам дека некогаш имало намалување на цените на лековите…“,

без да извршат проверка, и без да го потсетат премиерот дека во 2005 Конкуренцијата го направи своето и цените на лековите паднаа.

Дали „успеавме бројот на нововработени да го зголемиме за 112.000 лица“ во стопанството?

Повеќе медиуми ја пренесоа следнава изјава на премиерот без воопшто да ја проверат и анализираат:

„Поминавме низ светска економска криза и европска должничка криза која во Европа се уште трае. Сепак успеавме бројот на нововработени да го зголемиме за 112.000 лица. Тоа не се случи случајно, туку затоа што се создадоа услови и им се пружи рака на стопанството, на компаниите со кои станавме партнер кој им помага и затоа нивниот успех го чувствуваме како наш успех бидејќи има нови вработувања, истакна Груевски.“

Прво, новинар(к)ите не проверија дали бројот на нововработени е зголемен за 112.000 лица за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во третиот квартал од 2006 (кога Груевски станува премиер), државниот завод за статистика регистрирал 576.813 вработени, а во вториот квартал од 2013 регистрира 678.467 вработени. Разликата од околу 112.000 нововработени излегува само ако го споредиме вториот квартал од 2013 (678.467) со вториот квартал од 2006 (566.293). Во таа смисла, изјавата на Груевски може да се оцени како приближно точна.

Второ, новинар(к)ите не проверија дали „успеавме бројот на нововработени да го зголемиме за 112.000 лица“ во стопанството како што сугерираше премиерот, кој укажа дека успехот на компаниите „го чувствуваме како наш успех бидејќи има нови вработувања“. Имено, остана неодговорено прашањето: Колку од 112.000 лица се вработени во приватниот сектор, а колку во јавниот сектор?

Потрагата по новинарски одговор на ова прашање станува дополнителен предизвик по објавениот Извештај на Европската комисија за остварениот напредок на Република Македонија за 2013 година , во кој се укажува:

„Сѐ уште не се достапни официјални бројки за вкупниот број на вработени и привремени вработувања во јавната и државната администрација. Транспарентноста и пристапот до информациите од јавен карактер останува на ниско ниво… Евидентираното отворање на работни места произлегува во голем дел од зголемувањето во делот на вработувањата со скратено работно време и самовработувањата, како и од порастот на вработувањата во јавниот сектор… Долгорочната невработеност, високата невработеност на младите и многу малото учество од страна на жените на пазарот на трудот бараат поголемо внимание. Јавниот сектор и понатаму е најголемиот работодавач.“

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).