Зошто сајбер милијардерите ги купуваат весниците

07.11.2013 12:16
Зошто сајбер милијардерите ги купуваат весниците

„Што е со новинарството кое своите ионака економски загрозени темели сега и содржајно ги руши?“ – така германскиот Spiegel пред една недела го заврши својот текст за масовното купување на весниците, кое и според цените и според прометот личи на класичните распродажби во продавниците. Колку веднаш да биде јасно – станува збор за тоа дека од неодамна, претежно милијардерите, кои го стекнале богатството благодарение на умешноста да ги воочат и искористат поволностите на електронската ера, ги купуваат весниците во пакет со новинарите, но не на киосците, туку од досегашните сопственици. Ќе тргнеме од најсвежиот пример: Пиер Омидијар, основач на eBay, минатата недела му стави на располагање 250 милиони на Глен Гринвалд, новинарот на Guardian, со парите да направи еден модерен електронски весник чија цел ќе биде да ја открива и објавува вистината без ограничувања. Гринвалд е новинар кој ја лансираше сторијата Датагејт за глобалната сајбер шпиунажа која ги потресе односите на Америка со останатиот свет. За линчот што го доживеа од своите филистарски настроени колеги Spiegel објави детален текст. Значи, избрана е вистинската личност која ќе ја гарантира „вистината и само вистината“.

За само три дена, од петти до осми август продадени се: Washington Post на основачот на Amazon Џеф Безос за смешни 70 милиони долари, Newsweek е продаден на IBT Media – глобална дигитална медиумска компанија со над 30 милиони читатели. Единствениот купувач во таа тура, кој нема врска со електрониката, туку е сопственик на безбол клубот Boston Red Sox – Џон Хенри, делува како некој кој гледајќи како работат побогатите од него и самиот скокнал во играта купувајќи го славниот Boston Globe. Меѓу првите, уште во јуни, во играта се впушти Лорин Пауел Џобс, вдовицата на генијалниот Стив Џобс, инвестирајќи во Ozzy Media, една новинарска група која сега се формира во рамките на компанијата Warner. Крис Хјуз, косопственик на Facebook, го купи New Republic и финансиски го помогна Upworthy, левичарски настроена веб страница.

Ни тука не е крајот на набројувањето. Бил Гејтс и Марк Цукерберг се иницијатори на најголемиот бизнис со вкупно 86 милијарди долари, како што и доликува за овие двајца финансиски гении. Нивната амбиција да го купат New York Times, што семејството Сулцбергер, историски сопственици на тој дневник, одбива, како што гласат првите вести. Секаде, а најмногу во Америка, важи правилото дека „секое тело се топи, само проблемот е температурата“. Засега не станува збор за „температурата“ – количината пари, па разбирливо е тоа што „историските“ сопственици го отежнуваат пазарот. Се смета дека New York Times има загуба од 900 милиони долари, а сигурно е дека нивните акции се во постојан пад. Купувачите имаат добри шанси само ако оценат дека вреди да се плати името, за да се тргне по поинаков пат. Воочливо е дека New York Times се ослободи од Boston Globe за 70 милиони, а во 1993 година го плати 1,1 милијарди долари. Newsweek е продаден класично за 1 долар, но со обврска за подмирување на 40 милиони долари кон пензискиот фонд.

Сајбер милијардерите сигурно не ги поттикнува само правилото дека добро е да се купува кога паѓаат цените. Мора да се работи за нешто посериозно.

Една од тезите е дека новинарството е деградирано и дека неговиот сјај и неговата слава треба да се вратат, и дека ако се успее во тоа, треба да се заработи. Во многу вести за наведените продажби од Гејтс до Хјуз се пробива тврдењето дека тие сакаат да го подобрат квалитетот на новинарството, и дека тоа е патот кон профитот. Во гените на богатите не е лесното фрлање пари. Хуманитарната фондација на Бил Гејтс и Ворен Бафет поседува поголеми средства за помош на образованието на децата од Третиот свет отколку Фондот на ОН за истата намена. Меѓутоа, таа фондација е финансиски самостојна и мора да работи на тој начин што нема да го намалува основачкиот влог. Ако во таа работа не прават загуба сигурно е дека истото нема да им го дозволат ниту на своите нови медиуми што ги купиле. Патем, Ворен Бафет има мала империја од 63 локални дневни весници во САД и добро заработува од тој бизнис. Пред десетина години заклучил дека иднината е во локалните весници, а дека големиот печат полека ќе почне да изумира. Досега е во право, освен ако сајбер инвеститорите не иницираат нешто сосема ново.

Блогерите имаат највесели објаснувања. Да речеме, некој собира уметнички слики, некој јахти, некој вили, а еве во мода влегува и колекционерството со весници. Површноста на блогерите занемарува дека се заработува од сите видови колекционерство, а од весниците се губи. Значи, тоа објаснување отпаѓа. Се зборува за „интерактивно новинарство“ – тоа беше опсесија на самоуправниот утопизам, читателите да учествуваат во создавањето на весниците. Можеби сега е времето? Блогерот кој лаконски констатира: „Им се може“, нема поим, но е симпатичен. Извесен Кен Доктор, аналитичар и консултант, кого го цитираат големите весници, тврди дека трендот на купување весници „од економски аспект нема никаква смисла“ и продолжува со барањето на причините: „весниците заминуваат од јавниот пазар во рацете на неколкумина милијардери кои покажуваат апетити за освојување на социјалните, граѓанските и финансиските улоги“.

Не е тешко да се замисли како сопственикот на Amazon во својата повеќемилионска дистрибуција ќе го вклучи и Washington Post, но како ќе ги наведе своите клиенти да го купуваат и да го читаат? Можеби целта на тајната програма за која засега се знае дека нуди милиони персонализирани сајтови одеднаш – е да го разреши тоа. Сигурно е дека претстои жестока конкуренција и безмилосна борба за читателите. Овие денови ги читав исповедите на Том Волф и Гај Талезе, последните две живи легенди од славната гарда на New Journalism. Тие, во седумдесеттите години, од новинарството во кое владееше „убавата приказна“, ја потиснаа литературата и ги испратија тогашните новинари Скот Фицџералд, Хемингвеј, Шајнбек, Дос Пасос, Грахам Грин... кои веројатно им биле благодарни. Новата генерација го прокламираше своето свето правило: „Не постои ништо поважно од вистината“, а притоа не се одрече од „убавото пишување“.

Оној кој денес ќе се обиде да го промени новинарството ќе мора да биде побескрупулозен, затоа што позициите ги држат морално деградирани и потплатени новинари кои немаат каде да одат. За нив, литературата е мисловна именка. Има премногу анонимуси во новинарството, не само кај нас. Кристи Ворк, новинарка на BBC – институција која е пример за новинарството во западната хемисфера – го обвини продорниот Гринвалд, кој откри кој и кого го прислушкува во светот, дека „си зема за право да одлучува што е во интерес на јавноста, а што во интерес на јавната безбедност“. Човек мора да биде гадлив кон таквите и дури кога не е од новинарскиот еснаф, затоа што новинарството постои заради јавноста.

Јасно е зошто весниците масовно се продаваат, не е јасно зошто некои ги купуваат. Ако сакаат да ја менуваат технологијата, а не и етиката, тогаш набрзо ќе сфатат дека инвестицијата им е промашена.

28.10.2013

Извор: http://bif.rs

ОкоБоли главаВицФото