Немирниот дух на Хорхе Први

07.11.2013 13:47
Немирниот дух на Хорхе Први

- Цртички за биографија -

 

1.

Стварно не верував дека ова човече ќе ми стане еден од омилените ликови последниве години. Каков Сарајлија, какви бакрачи. Па тој ти забегал во некакви „артистички“ води, се дави ли, се дави… и мисли дека нешто ни објаснува за уметноста. Човекот дефинитивно нема поим. Ама, сепак, подобро е кога зборува за уметноста за којашто нема појма, отколку за сѐ друго – особено за „Ск 2014“ – за што повторно нема поим, ама многу повеќе!

Ама затоа Хорхе јури со светлосна брзина. Се натпреварува со актуелните настани, дури и побрз е од нив. Гледа унапред, у „светла будуќност“. Ама – чија?

Но, сериозно, на почетокот бев тотално рамнодушен кон него. Едноставно, како да немав став. Имав, де, ама како да го немав. Сепак, мислев, професор е, демек интелектуалец, иако веројатно од 18-та година, кога прв пат дошол во Скопје, е во културен шок (што изгледа сѐ уште „го држи“), не се плаши од рачна работа – поправа радија – сака џез (јеботее!)… и редица други нешта што еден човек го прават претседател на држава. И, мислев, ај ќе отседи 5 години, ќе се издржи, не може да направи (голема) штета. Ама, испадна дека не му се седи. И стана зафатен, busy претседател. Со сѐ и сешто. Намигнува, се ракува, се дружи со извидници, бере калинки… Дури оди и во Кина. Во работна посета. Каква бре работна посета? Што тоа (с)работи Хорхе? Толку зафатен што, богами, немаше време дури ни да ја прифати оставката од оној г-дин Давитковски, кого самиот го постави на чело на онаа Комисија! Имал многу работа?! Можеби му донеле нови радија за поправка?

Сакам такви луѓе, зафатени!

2.

Како почна да се зафаќа со „работи“, почнаа глупостите. Но, на страна сите негови гафови што го следеа низ годиниве, сепак некако одржуваше рамнотежа. Со јавноста, мислам. И дури си го покачи(л) рејтингот, барем така велеа она македонскине „институти“. (За да, според последните неодамнешни вести, угледот на Хорхе повторно се урниса на само 2%!).

Како се зафати со божемна работа, почнаа и будалаштините. Почна да ги произведува дневно по две – три. Мора да успори. Slow down Mr. President! (Како немирно дете е! Јас стварно не знам со што се бави Првата Дама, ама може барем малку да го примири? Ако треба и со тегнење уши!)

Добро, знаеме дека како Татко на Државата мора да ги подучи децата дека, на пример, после Декември доаѓа Јануари! Зашто има такви што не го знаат тоа. Такви има дури и кај возрасните. И таткото е должен да ги подучи. Особено од позиција на претседател! (Иако Фрчкоски овде беше запнал да види некаков „политички говор“, некакви скриени пораки или умување – за што Хорхета апсолутно не го бидува – за „мирното време кое тече бесцелно во вечноста!“. За да, на крај, сепак правилно го „прочита“ во стилот на „Мали човек жели преко црте“!).

Потоа, човекот почна да се занимава со протоколи. Си има протоколи за сѐ и си постапува според нив. Не праќа честитки до таткото и мајката, туку директно до HRH – Кралицата! Таа му била хомолог (?). И бидејќи нашиов крал (Хорхе I) не смее да се спушти под нивото, ѝ честита на Кралицата на ВБ! И утре, ако треба да испрати новогодишна честитка до некој пријател во истата ВБ тој, нормално, ќе ја испрати на Кралицата, па таа нека му ја препраќа. Таа, впрочем, Британската Кралица, и онака нема попаметна работа па може да ги препраќа пораките на кралот Хорхе Први! Хомологот! (Како човечево бргу влезе во филмот, да се чудиш! А всушност, ако Хорхе Први е крал, нели Првата Дама е – кралица? И нели таа е поголем хомолог со Британскиот хомолог? Зошто тогаш таа не ја испрати честитката?).

Сега си има протокол и за Кежаровски. И не му треба мислење кога има – протокол.

3.

Со веќе нарушено чувство за ориентација, немиркото Хорхе отиде и на Брдо. И пак циркус. Ем ги искара сите таму, вклучувајќи го и Оланд, ем се скара и со нашиве опозиционери тука (повторно) околу името.

Ама, брз е и на јазик и на мисла. Поточно, побрз е на јазик, мисла и така нема. Па после, повторно, некој нешто не го разбрал добро. Или тој не кажал добро? Па нели е Претседател со хомологии на Крал, ќе почне ли конечно да говори како што треба? Немирко!

Прво, на Оланд му кажа сѐ што му следува. И што не му следува. Му кажа и за сите други во Европа. Овој, демек, да им пренесе. Ама не кажа што Оланд му кажал нему. И нам! Не кажа дека Оланд му порачал дека „има потреба да се исполнат одреден број услови кои се многу важни за секоја од земјите. Првенствено тука мислам на реформите – политички, економски, институционални, како и реформите кои се однесуваат на владеењето на правото. Постои уште еден услов кој се однесува на целиот регион, а тој е регионална соработка и помирување. Тоа е она што вие се обидувате да го постигнете со овој процес. Ако недоразбирањата не бидат решени, посочил францускиот претседател, ако сигурноста не им биде загарантирана на сите, не може да постои европска интеграција, не може да дојде до интеграција, Европа не може да продолжи да дава поддршка и помош на сите земји“!

„Заборавен“ Хорхе. За него се битни само неговите зборови. Туѓите – не! И своите зборови веројатно ги гледа како свои победи, што ли?

4.

Празниците му се особено слаба точка. Просто експлодира. Како што беше за 2 Август оваа година. Тогаш е време за кажување на сѐ што не се мисли и сѐ што не се прави. Онака, како вистинско дете на соцреализмот! И АСНОМ, и НОВ, и борци – партизани и комити заедно, сѐ тогаш функционира. И историјата ти била како река (бреее, каква метафора!). Му текнува и за предрасудите, ама туѓите, главно оние на соседите и на ЕУ. Ниту тој, ниту пак ние, немаме предрасуди. Чисти сме ко солзи. И сѐ така со ред, како научена првоодделенска стихотворба. Еднаш во Пелинце, после во Крушево, па пред Ченто, па повторно по истиот редослед! Абе нешто ново да гукне! А веќе утредента, со новиот „работен“ ден, големите зборови се забораваат, за повторно да се влезе во дневниот шаблон на политикантството.

Но, оваа година, токму за Илинден, Хорхе изненади. Го донесе и синчето во Крушево. Онака, званично, да се ракува со гостите и дипломатскиот кор. Не знам во кое својство и според кој протокол? Можеби како престолонаследник Хорхе Втори, во духот на традициите на наследните европски монархии, светот да го види. Ама барем едно палтенце да му ставеа!

Подоцна пак, го направија библиотекар. Демек, да се запознае со сите државнички функции!

5.

Всушност, мислам дека Хорхе има физички проблем. Со ушите и очите. И со присуството, впрочем. Слуша – ама не слуша, гледа – ама не гледа! Тука е, ама како да не е. Или, ако сакате, слуша тоа што сака да чуе, гледа тоа што сака да види. И обично гледа и слуша нанадвор. Ориентацијата внатре кај него не функционира. Затоа и нема поим што (му) се случува во државата. Не знае ни за Субрата, ни за Кежаровски, ни за лустрацијата и академиците… не знае ништо. Вистински „Крал“! Ама немирко!

И после сѐ, се прашува дали ЕУ има план Б? Имаат они и план Б, и В, и Г… ама ние немаме Претседател Б! За жал.

6.

Но, последниов штос со оние продадени души од „Либертас“ му е шлаг на тортата. Токму онака како што треба да се однесува Претседател на држава. Безмалу со пцовки, ако треба и со шлаканици, арогантно, да им се каже кој е тука шеф, а кој има да слуша. Дури и кога не сака.

Им порача, онака шефовско – претседателски, дека тој, Хорхе Први Иванов, е подготвен да им одржи предавање за „…продлабочено запознавање со кинеската традиција, филозофија и култура, како и за специфичностите на Кина“. Бреее, што сѐ научил за три дена! Ама ако тие продадени души од „Либертас“ не го сакаат неговото предавање, е тогаш ќе ги смета за „блажени се оние кои малку знаат“.

Е па бравооо, претседателе. Типично претседателски ПР. Можете да им залепите и по еден шамар, онака попатно, да се види кој е овде шеф. Или испратете некој од Кабинетот тоа да го направи. Да се заокружи приказната!

7.

Сепак, мислам дека на крај смогна сили да им признае на дечињана (но и нам) во Валандово, среде бербата на калинки: „Кога можев јас да станам претседател, можете и вие“! Иншала!!!

8.

Но, Хорхе не е виновен. Кај нас се воведе стандард дека Претседател на држава може да биде кој било. Ете, сега, после Хорхе, се подготвувал, велат, и Јове Кекеновски. Тој да ти сметал дека „со своите колумни, коментари и анализи“ има „исклучително важна улога во одвивањето на политичките процеси во Република Македонија“. Вистински претседателски прерогативи, нема што!

Но, така и треба. После трубата на Хорхе, следува хармоника. Да се комплетира чалгијата македонска! Машала.

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото