Шведските кина воведоа ознака за родова рамноправност

08.11.2013 09:37
Шведските кина воведоа ознака за родова рамноправност

Кината во Шведска воведоа ознаки за филмовите кои укажуваат на родовата рамноправност, односно нерамноправност меѓу половите во филмовите. За да добие ознака А, филмот мора да го помине т.н. Бекдел тест, што значи дека мора да има најмалку два именувани женски лика кои меѓусебно зборуваат за нешто друго освен за мажи. Новите ознаки некои ги поддрржуваат, а други критикуваат, при што критичарите укажуваат на филмови кои не го поминале тестот, а многу повеќе придонесуваат за родовата рамноправност од оние кои го положиле. Инаку, Шведска е во светскиот врв по родовата рамноправност.

„Целата трилогија 'Господарот на прстените', сите филмови од 'Војна на ѕвездите', 'Социјална мрежа', 'Pulp fiction' и сите освен еден 'Хари Потер' не го поминуваат тестот“, вели Елен Тејле, директорка на киното Био Рио во Стокхолм, кое прикажува уметнички филмови.

Био Рио е едно од четирите кина во Шведска кои го покренаа новиот систем за означување за да укажат на тоа колку малку филмови го поминуваат тестот за родова рамноправност.

Повеќето посетители позитивно реагираа на иницијативата и „на некои од нив им се отворени очите“, смета Тејле.

На уверувањата за улогата на жената во друштвото влијае фактот дека во филмовите ретко може да се види „жена суперхерој, жена професор или лице кое поминува низ возбудливи предизвици и ги совладува“, вели Тејле, додавајќи дека овие ознаки не говорат ништо за квалитетот на филмот.

Државниот шведски филмски институт ја поддржа иницијативата, а скандинавскиот кабелски телевизиски канал Виасат филм соопшти дека ќе почне да ги користи ознаките.

Бекдел тестот го доби името по американската авторка на стрипови Алисон Бекдел, која во 1985 година ја воведе таа идеја во својот стрип „Dykes to Watch Out For“.

Ниту во Шведска, која е на врвот во светот по родова рамноправност, не се одушевени од новите ознаки.

Блогерката Тања Бергквист која пишува за „родовото лудување“, смета дека оние кои сакаат поинакви филмови треба самите да ги прават, а не да ги мешаат прстите во другите, додека филмскиот критичар Хинек Палас наведува дека Бекдел тестот не открива многу за родовата рамноправност.

„Постојат многу филмови кои го пиминуваат Бекдел тестот, а не придонесуваат општеството да биде порамноправно или подобро, и многу филмови кои не го поминуваат тестот ,а кои се фантастични кога станува збор за тие работи“, вели Палас.

Извор: www.euractiv.rs