Најголем скандал во историјата на европскиот фудбал

23.11.2009 13:39
soccer_net_hexagon.jpg

Повеќе од 200 лажирани натпревари во најмалку 9 земји на стариот континент – бројка која ја шокираше Европа.

И германските правосудни органи се запрепастени од размерите на скандалот. Под сомнеж се три меча од Лигата на шампионите и уште 12 натпревари кои се одиграни во рамките на Европската лига, која до неодамна беше Куп на УЕФА.

Покрај Германија, натпревари биле местени во Хрватска (засега се знае за 14 такви натпревари), Босна и Херцеговина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Турција, Унгарија и Австрија. Во Германија постои конкретно сомневање дека се лажирани 4 натпревари на втората сојузна лига, 3 од третата лига, и повеќе од 20 од пониските лиги. На конференцијата за печат беше потврдено дека очигледно се наместени резултатите на најмалку три натпревари од Лигата на шампионите, 12 од Европската лига и еден квалификационен натпревар за Светското првенство кај репрезентациите до 21 година.

Според податоците од полицијата од Бохум, наместени натпревари се од следниве мечеви:

Лигата на шампиони – три натпревари;

Лигата на Европа – 12 натпревари;

Квалификации за Европското првенство за млади – повеќе натпревари, истрагата е во тек;

Германија – 4 натпревари од втората лига, 3 натпревари од третата лига, 18 натпревари во регионалните лиги, 5 натпревари во Оберлигата, 2 натпревари во репрезентацијата до 19 години;

Белгија – 17 натпревари од втората лига;

Швајцарија – 22 натпревари од втората лига;

Хрватска – 14 натпревари од првата лига;

Словенија – 7 натпревари од првата лига;

Турција – 29 натпревари од првата лига;

Унгарија – 13 натпревари од првата лига;

Босна и Херцеговина – 8 натпревари од првата лига;

„Нема сомнеж дека ова е најголемиот скандал во историјата на европскиот фудбал“, изјави Петер Лимахер, шефот на Дисциплинската комисија на УЕФА во Бохум. Истражните органи имаат дури 200 имиња на листата на учесници во „местенките“ – меѓу нив се наоѓаат и финансиери на фудбалските клубови, тренери, играчи и судии.

Со поткупување на овие актери фудбалската мафија само од почетокот на годинава заработила десетици милиони евра на европските и азиските обложувалници.

Низ цела Европа се апсат вмешаните во скандалот. „Тоа е само врвот на сантата мраз“, изјави Андреас Брахман кој ја предводи истрагата. Тој додава дека бројот на уапсените допрва ќе се зголемува. Идентитетот на уапсените не се открива.

Како едно од упориштата на истрагата се најде Берлин. Тоа е градот во кој пред неколку години оперираше т.н. „хрватска кладилничарска мафија“, односно, браќата Шапин. Тие своевремено беа осудени поради местење фудбалски резултати. Преку тој бизнис успеаја да заработат вистинско богатсво – и тоа на легален начин.

Меѓу останатите осомничени земји преовладуваат источноевропските земји, главно Косово, тврди германскиот неделник „Шпигел“.

Начинот на лажирање натпревари е следниов: се поткупува судијата, а покрај него само неколку играчи кои го саботираат резултатот во вистинскиот момент. Доколку се работи за посебно важен меч, можно е и ангажирање на резервна комбинација играчи во која главните протагонисти не знаат ништо.

Извор: e-novine