Гавранот рече - „Никогаш повеќе“?

08.11.2013 12:17
Гавранот рече - „Никогаш повеќе“?

I hope it’s true what my wife said to me
She says, "Lou, it’s the beginning of a great adventure"
"Lou, Lou, Lou, beginning of a great adventure."

Lou Reed, "Beginning of a Great Adventure", New York, 1988.

 

„Беше единаесет часот наутро, средина на октомври; немаше сонце, а на чистинката во подножјето на ридот паѓаше тежок дожд. На себе имав браон-син костум, со тегет кошула, вратоврска и марамче во надворешниот џеб, црни кожни чевли, црни волнени чорапи. Бев уреден, чист, избричен и трезен, и ми беше сеедно дали некој ќе го забележи тоа...“ Нормално, тоа не е - бидејќи станува збор за воведните реченици на романот „Големот сон“ на Рејмонд Чендлер - овој октомври, туку некој предвоен (иако сите се предвоени); и градот не е Њујорк, туку Лос Анџелес; и скоцканиот лик не е Лу Рид, туку Филип Марлоу. А повторно, сосема е лесно да се замисли дека Чендлер овде проговара посматрајќи го светот со очите на њујоршкиот поет кој деновиве замолкна. Зашто, ни Лу Рид не се грижеше за тоа дали некој го забележува, уште помалку за тоа што оние кои го забележуваат ќе мислат за него. Растоварен со слобода на одметник кој брутално рано почувствувал дека повеќе нема што да загуби, се моткаше низ животот како по грешка заборавен јунак од некој ноар роман - сосема свој и свртен длабоко во себе, дури и тогаш кога се наоѓаше под силната светлина на рефлекторите: мракот кој избиваше од него беше посилен од секое светло. Поради тоа, во секој миг од својот седумдесет и една година долг живот можеше да биде она што во тој час ќе му се присакаше: поган циник или ранлив романтик, хитмејкер под наем или бескомпромисен истражувач на новите патишта на уметничкиот израз; умееше, црн како гавранот на По, гневно да молчи со години, а умееше и во (речиси пополнетиот) Сава Центар на бис заедно со разнежената clap-your-hands публика да ја пее „Walk on the Wild Side“, да им направи атер на луѓето. Затоа и беше еден од иконичните ликови на субкултурата која ја обележа втората половина на минатиот век: рокенролот не е способност да бидеме дел од заедницата, племето - колку и да е близок нашиот систем на вредности до тоа племе. Рокенролот пред сѐ е слобода; слобода да се биде и остане свој, различен од сите - ако треба, и од самиот себе.

Лу Рид пред неколку дена стигна до апсолутната слобода, онаа која со дрскост и решителност која предизвикува завист ја освојуваше уште од детските денови. Роден во Бруклин како Луис Алан Рид, во семејство кое на навредливо очигледен начин претставува отелотворување на духовно сиромашните идеали на американската средна класа, во годините на растење умеел да влезе во војна со секој што ќе му се најде на патот: учителот по гитара кој, наместо едноставно да му го покаже квинтниот круг, го злоупотребувал со бесмислени песнички; со професорите кои во средно училиште и на колеџ го учеле како да размислува; нормално, и со таткото, кој, подеднакво безуспешно, го учел како да живее. Овој последниот, кога му се чинело дека судирот на Лу со авторитетите од секаков вид е придружен со сомнителни сексуални склоности, станува опасен по животот, не само неговиот, го послушал добронамерниот совет на семејниот лекар и го подложил својот син на повеќемесечна терапија со електрошокови (да се види „Лет над кукавичјото гнездо“ на Форман, не само заради електрошоковите). Овој, според зборовите на пациентот, „продолжен лош трип“, не го излечил блудниот син од емоционалната нерамнотежа, но дополнително ја засилил онаа димензија на неговата несигурност која се искажувала преку деструктивноста. Таа деструктивност, тогаш кога на видикот немало други жртви, по правило се свртувала против самиот него.

ОД ДРУГАТА СТРАНА: Есента 1959 година, побегнал од грижливите родители и отишол да студира. Меѓутоа, за студирање е потребна каква-таква постојаност, со која тој никогаш не располагал. Затоа, на различни колеџи, по ред и главно кратко, меѓу другото изучувал и теорија на музика, журналистика, филозофија, книжевност, креативно пишување и историја на театарот. Значително потемелно и со нагласена систематичност, во исто време бил предадено посветен во испробувањето на сите видови наркотици до кои можело да се дојде: од сируп за кашлица со кодеин, преку амфетамини и пејотл, до LSD и хероин. Алкохолот му служел само за разбивање на мамурлакот. Како и пишувањето, повремено: слично како Бајрон, и Лу Рид најпрво си изградил себеси лик на проколнат поет, па дури потоа почнал вистински да пишува поезија. Бил еден од првите и секако најнадарен меѓу оние кои во самите темели на рок-културата во 60-те го вградиле влијанието на бит-генерацијата - во нив, како и во делата на Вилијам Бароуз или Едгар Алан По, го насетил оној вид губитнички индивидуализам кој и самиот цел живот ќе посветено ќе го негува.

Меѓутоа, индустријата за забава го прифаќа губитничкиот индивидуализам само во онаа мера во која е можно да го претвори во пари. Затоа Рид во средината на 60-те ја започнува својата кариера во опскурната продуцентска куќа Пиквик рекордс, со рутинско штанцање евтини, анонимни и безлични поп-песни за широка и краткотрајна потрошувачка. Повеќето такви песни биле копии на актуелни хитови кои во тоа време ги изведувале залижани и популарни, денес сосема заборавени „мачори“: за она што вистински го интересирало во поезијата, за прокажаните психостимуланси и сомнителната сексуалност, за ликовите и искуствата од маргините на општеството и моралот, тогаш сѐ уште не можело да се пее на микрофон. Барајќи друштво во настојувањата дека по нешто од тоа можеби може да се прокриумчари на винил, Лу Рид во 1965 година на една журка налетал на Џон Кејл.

Како класично школуван авангарден музичар, Кејл до тој моменти негувал само површен интерес за рокенролот. Средбата со Рид променила сѐ: и за нив двајцата, и за историјата на рок-културата. Одлучиле да направат бенд во кој, со Кејл како поддршка на бас, клавијатура и електрична виола, Рид со гитара ќе ги пее своите песни. Неговиот стар познаник Стерлинг Морисон донесол во Велвет Андерграунд (кои пред да го најдат своето конечно име на кориците на една сомнителна книгичка, се викале уште и Ворлокс и Фолинг Спајкс) уште една гитара, а набрзо на сцената залелеала и андрогината појава на Морин Такер. Морин за време на настапите стоела зад тапаните, но и ако седела како што е ред, Велвет на сцената би изгледале доволно чудно: бидејќи, неретко свиреле свртени со грб кон публиката, а нивните настапи сѐ повеќе се претворале во мултимедијални претстави соѕидани од елементи на театарот, филмот и многукратните и нималку стандардни светлосни ефекти. Како и од музика и поезија: Лу Рид, како многумина кои предолго ја чекале својата прилика, во фиока имал голем број силни песни; згора на тоа, поседувал ингениозност и страст на искрен идеолог и проповедник на нова вера, но не и пресметливост и рационалност потребни за нејзино ширење, уште помалку желба да се занимава со мисионерсво: со тие особини располагал Енди Ворхол.

ЊУЈОРК: Јуродивиот гуру на поп-артот прв пат ги видел Велвет Андерграунд на сцена кон крајот на 1965 година во Кафе Бизар во Гринич Вилиџ, каде свиреле за ситни пари. И тоа кратко: две вечери по средбата со Ворхол, биле отпуштени поради доследно непријателската реакција на публиката, но во истиот миг добиле нов менаџер: на Енди Ворхол во тоа време сѐ му поаѓало од рака, а сѐ што ќе допрел се претворало во уметност, голема и значајна. Таква судбина ги снашла и Велвет Андерграунд: ги убедил да ја примат во групата Криста Пефген, попозната под името Нико, мистично убава пејачка со нагласено езотерична појава и ништо помалку нестварен глас, а потоа ги пикнал во студио. Им направил обвивка за плочата, онаа со бананата. Својата генијалност во улога на продуцент ја покажал и со тоа што во студиската работа не се мешал во музиката: доволно му бло тоа што го поттикнал Рид со потполно непопречена креативна слобода да пишува за сѐ што гледа околу себе. Тоа сѐ бил Њујорк, на албумот The Velvet Underground & Nico преведен во силни, длабоко проживеани поетски слики и сурова рокенрол енергија. Биле антитеза на сѐ поочигледно доминантната хипи идеологија, и најава на многу уметнички правци кои вистински ќе оживеат дури подоцна: глам рокот, панкот, или гранџот, на пример. Таквиот од пред времето имал своја цена: албумот чекал за објавување речиси една година, а потоа се појавил во март 1967 година, во духовна клима на сеопшта љубов и нирваничен мир, омеѓена од една страна со нападно оптимистичкиот величествен сингл Good Vibrations на Бич Бојс, објавен половина година пред митската „Банана“, а од друга страна со албумот Sgt. Pepper’s LonelyHearts Club Band, кој три месеци подоцна втората највлијателна група на сите времиња (првата според истражувањето на БиБиСи од почетокот на овој век е Велвет Андерграунд) ќе најави нова епоха во историјата на рок музиката, но и сопствен крај. Стеснета меѓу два такви монолита, „Бананата“ во првиот момент останува главно незабележана - ја купиле вкупно десетина илјади луѓе. Но секој од нив - според една од најпознатите урбани легенди во светот на рокенролот - основал свој бенд. Лу Рид, по уште три албуми, го напуштил својот и во 1970 година продолжил сам. И тоа, нормално, препознатливо каприциозно и анархистички, со променливи уметнички и деловни дострели: од високиот сјај на Трансформер (за кој е најзаслужен еден од неговите најдобри ученици, Дејвид Боуви, кој одиграл улога на продуцент и психотерапевт) и меланхоличната декаденција на Берлин, преку тешкиот хеви метал на албумот Rock ‘n’ Roll Animal и калкулантскиот џубокс формат на песните на Sally Can’t Dance (малкумина од оние кои играле на насловната песна обрнувале внимание на стиховите, посветени на жртвата на брутално убиство), до тегобната интроспективност на албумот Magic and Loss и сведената филозофска литерарност со која пресудно е обоен The Raven.

Меѓутоа, за многумина тестаментарно дело на неговата соло кариера ќе остане Њујорк (1988), збирка моќни, убедливи и жанровски чисти рок песни, возбудливи градски приказни кои покажуваат дека најголемите поети од најголемиот град на светот не се оние кои непотребно нѐ потсетуваат на тоа колку градот е огромен, туку оние кои умеат да ни покажат колку тој е всушност мал. Тие песни сведочат зошто Лу Рид, со својот учител Ворхол, и уметниците како Пол Остер, Пети Смит или Мартин Скорсезе, е еден од оние кои на современиот Њујорк, Америка и светот им даруваат идентитет и душа. Лу Рид го прави тоа и сега, во последните денови на октомври, лето господово две илјади и тринаесетто. И ќе продолжи да го прави тоа уште долго. Гавранот нема поим, Лу: ова е почеток на голема авантура.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото