Рингишпил

08.11.2013 13:39
Рингишпил

Се чини дека скопјаните, па и граѓаните на оваа држава, веќе одамна ништо не може да ги изненади, а уште помалку да ги збуни. Така и најавата дека на централниот плоштад на македонската метропола во јануари ќе биде поставен рингишпил во вредност од 160.000 евра речиси и не наиде на никаква реакција, освен на два-три потсмевливи коментари и на уште помалку несмасни цинизми.

Во ред, можеби и не треба премногу да се ламентира над една таква баналност, бидејќи, реално гледано 160.000 евра и не е некој трошок од кој главниот град сериозно ќе осиромаши. Иако, рака на срце, и тука можеме да си играме весела математика (инаку, дефинитивно омилена дисциплина во овдешниот општествен, особено политички живот). Имено, ако билетот чини половина евро (толку чини влезницата за Порта Македонија), тогаш на рингишпилот ќе треба да се качат 320.000 луѓе, и тоа само за да се исплати основната инвестиција (без плати, електрична енергија, одржување, комуналии...). Со оглед на фактот дека градските власти најавија дека рингишпилот ќе има 32 седишта, тоа значи дека рингишпилот ќе мора под полн капацитет да направи 10.000 сеанси. Ако, на пример, една тура вртење трае десет минути, тогаш рингишпилот под полн капацитет, што би се рекло 24/7, би требало без прекин да врти 69 и пол денови. Ако му се одреди осумчасовно работно време, тогаш излегува дека под полна пареа би требало да работи 208 денови. Ако им се верува на креаторите на овој проект, рингишпилот е монтажен, со пречник од седум метри, и ќе се поставува сезонски, засега околу новогодишните и божикните празници. Во принцип тоа значи дека неговата употреба ќе се ограничи на 20-тина дена годишно, што пак значи дека ќе му требаат околу десет години самиот да ја отплати инвестицијата.

Сето ова го говориме не затоа што сме нешто премногу сензибилни за потрошените пари, ниту затоа што сме премногу заинтересирани за економската исплатливост на еден рингишпил, туку напротив – за да го истакнеме неговото пошироко значење за овдешниот општествен живот, или барем она значење што, со право или не, му го придаваат градските татковци.

За волја на вистината, во векот во кој што живееме тешко можеме рингишпилот да го подведеме под графата „урбана опрема“. Особено не скопскиот, барем ако се суди по описот што ни е даден на увид – „ќе има најмногу пони коњи, потоа кочии и чаши што се вртат“. Овој тип рингишпили, инаку со децении застапен во скопскиот Луна парк, како засебно средство за забава, остана запаметен по неговата масовна употреба на селските панаѓури од средината на минатиот век. Со изумирањето на панаѓурите, рингишпилот остана присутен уште само како дел од понудата на застарените забавни паркови, токму од типот на скопскиот.

Како тогаш може да се толкува поставувањето на еден ваков рингишпил во најстрогиот центар на најурбаната целина во Македонија?

Рингишпилот, како и повеќето предмети што служат за игра и забава, нуди повеќе асоцијации. Првата, секако, е – вртење во круг. На ова место треба да се направи дистинкција меѓу рингишпилот и вртелешката. Се разбира, двата збора значат исто (рингишпил е од германскиот јазик, како што карусел е од француски – со латинско потекло, а вртелешка е македонската варијанта), но сепак постојат две слични играчки, со иста намена, а на различен принцип. За разлика од она што тука го нарекуваме рингишпил (значи на пони коњчињата кои се прицврсетни на ротирачка платформа), вртелешката е онаа направа каде што седиштата се прицврстени со синџири за горниот венец на вртелешката и се вртат во воздух. Во суштина, и во едниот и во другиот случај, основната намена покажува – залудност. Не постои цел што треба да се оствари. Играта нема ниту победник, ниту поразен. Помалку или повеќе нема ни кревање на адреналинот (како, на пример, кај ролер-костерите, кои во светските забавни паркови одамна го замениле застарениот рингишпил), ниту пак служи за одржување на физичка, а уште помалку за ментална кондиција.

Сепак, во оваа смисла, рингишпилот е некако „помакедонски“. Имено, кај вртелешката, вие сте во - воздух. Симболиката е во дофаќањето на височините, во достигнувањето на небото. А, богами, ако, не дај боже, се случи некаков дефект, сигурно е дека нема да ви биде сеедно дали сте пет-шест метри над земјата или стоите цврсто на неа. За разлика од вртелешката, седиштата на рингишпилот (освен спомнатите коњчиња, кои се најчести, кочиите и „вртливите чаши“, односно филџани, во дијапазонот на рингишпилот можат да се најдат и други животни: слончиња, жирафи и, во поретки случаи, ајкули) се фиксирани на платформата и дури и во случај на дефект, шансите за повреда се сведени на минимум. Тука не постои никаква илузија дека се дофаќа некаков идеал. Напротив, наводната улога на учесникот е да го брка оној што е пред него (јасно, без некоја особена причина), но истовремено да избега од оној што е зад него (повторно без причина). Со други зборови, оваа квази-игра на „каубојци и индијанци“, ако ја преместиме во некаква секојдневна реалност, ни дава само една порака – дека животот е залуден и поминува во маѓепсаниот круг на бесцелното менување на улогите: од ловец до прогонет, и обратно.

Во ред, оваа порака може да се сфати и универзално, а не само локално. Сизифовската бесцелност, на овој или оној начин, е цел на секое организирано општество, кое, природно, сака да ја задржи својата социјална поставеност. Она што би го нарекле „македонско“ во приказната за рингишпилот е јасната идеја дека единствено безбедно и успешно можете да го поминете животот, ако се вртите – околу еден, прецизно одреден центар. Конечно, лесно се препознава неговата центрифугална сила. Како награда, пак, следи ефект на блага вртоглавица, своевидна омаменост од упорното гравитирање околу наложениот центар.

Јасно е дека во светот, кој освен таа фамозна економска криза, ја преживува и најголемата технолошка револуција во историјата на цивилизацијата, одамна не е парадигма да се следи еден центар. Затоа, уште од почетокот на минатиот век, рингишпилите се заменети со ролер-костерите. Тие, наспроти нивните претходници, не само што не се моноцентрични, туку ги симболизираат опасностите на современиот живот, подемите и падовите и начините да се осигурате дека нема да бидете уништени, дури и кога ситуацијата изгледа безизлезно. Тие ви покажуваат дека после секој пад, можете повторно да се кренете.

Сепак, лесно може да се констатира дека рингишпилот е производ на овие краишта. Имено, првиот знак на нешто што личи на рингишпил е пронајден на еден византиски релјеф што претставува луѓе седнати во корпи, кои се движат во круг. Што ќе рече дека е настаната во овие краишта. Варијантата на рингишпил за која зборуваме тука (значи, оваа со коњчињата) и која, со многу добра волја, би можеле да ја наречеме – современа, во суштина ја измислиле арапските и турските војници, како начин да им покажат на децата како се бореле и да ги научат како да се борат. За таа цел се употребувале дрвани коњчиња што се движеле по дрвена платформа. Во Европа играта ја шират крстоносните војници и таа станува особено популарна на Медитеранот, а во нашите краишта ја носат Турците.

Рингишпилот има длабоко влијание во уметноста, особено во литературата, музиката и филмот. Тој, во зависност од контекстот, се употребува како симбол на тркалото на судбината (подмладување или одење во иднината), на превртливоста на љубовта, на опасноста (славната сцена од „Непознатиот од Норд експрес“ на Хичкок)... Сепак, денес рингишпилот како уметнички симбол е речиси сосема напуштен.

Кога зборуваме за рингишпилот, тогаш можеме да зборуваме и за неговата есенцијална инфантилност, за напорот ретрогардата да го замени совремието, па дури и за одмаздата на руралното кон урбаното, за некои и нечии дамнешни искуства кои треба да се преточат во актуелност..., но преголема е опасноста и ние да влеземе во маѓепсаниот бесцелен круг. И онака во јануари ќе се вртиме на централниот скопски рингишпил.

Извор: Граѓански
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото