Глобалната политика и понатаму топ тема на разговор пред гранапите

08.11.2013 14:17
Глобалната политика и понатаму топ тема на разговор пред гранапите

Скопје, 8 ноември 2013

Глобалната политика сѐ уште убедливо води на листата на теми за разговор со кои се занимаваат мажите што дискутираат и пијат пред продавниците, покажува ново истражување објавено во магазинот Gorno Maalo Times.

Окупацијата со светски релевантни теми покажува колку македонските мажи се во тек со проблемите на современста и активни учесници во нивното решавање, вели авторот на истражувањето, Дробимир Празносламчев.

„Можеби за некого резултатите се изненадувачки, но ако се има предвид важната улога што Македонија ја има во светската политика, тие се сосема логични“, вели Празносламчев.

Тој додава дека во следниот период со неговиот тим ќе ја истражува поврзаноста на количината испиен алкохол при дискусијата со креативноста на понудените тези.

На листата на теми за кои се разговара пред популарните кооперации, зад глобалната политика со 31,3 проценти, веднаш се наоѓаат дневнополитичките теми од Македонија (23,7%), од каде соседот има пари за нов автомобил (14,8%), заговорите за уништување на Македонците (13,6%), тајните љубовни врски на луѓето од блиското опкружување (8,4%), а најмалку застапени се грижата за здравјето и пронаоѓањето начини за подобрување на условите за живот во државата.