1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Иако законите на американските држави се разликуваат според поволните прилики што им ги даваат на брачните во однос на вонбрачните заедници, тие поволни прилики насекаде се важни. Брачните парови имаат поволни даночни стапки, можност за осигурување, наследен и тестаментарен статус, благодат на работничка компензација, како и прилика да учествуваат во медицинските одлуки кои се однесуват на нивните партнери. Значи, забраната на истополовите бракови во речиси сите држави е причина за важни економски и други загуби.
Оваа дискриминација понекогаш се оправдува со причината дека партнерите од различен пол многу поверојатно ќе одгледуваат деца и дека државите би требало да ги охрабруваат браковите меѓу мажи и жени како легално санкционирани врски кои промовираат семејна стабилност. Но овој аргумент не нуди оправдување за дискриминацијата: охрабрувањето на стабилноста на истополовото партнерство не ја загрозува стабилноста на браковите на лица од различен пол. Исто така, дискриминацијата се брани и со друга причина: дека е подобро ако детето го одгледуваат родители од различен пол. Нема вистински доказ за ова тврдење. На истополовите парови во многу држави им е дозволено да посвојуваат деца кои исто така би имале благодат од легално санкционираната стабилност на врската на нивните родители.
Некои бранители на забраната за истополови бракови затоа ја допуштаат можноста државите да признаат посебен статус на „цивилна заедница“ (civil union) за истополовите бракови, што во Вермонт, Калифорнија, Конектикат и неколку странски држави веќе го направија. Оваа заедница не е призната како брак, но овозможува низа легални и материјални благодати на бракот. Таквиот чекор ја редуцира дискриминацијата, но не ја отстранува. Институцијата брак е единствена: таа е посебен начин на здружување и идентификување со другото историско, социјално и персонално значење. Таа несомнено за секој пар значи нешто друго. За некои таа најпрво е унија/заедница што го осветува сексот, за други е социјален статус, а за трети пак потврда за најдлабоката можна доверба. Но секое од овие значења зависи од асоцијациите што се вградени во оваа институција со векови искуство. Невозможно е сега да се создаде алтернативен облик на доверување со еднаков интензитет на значење, како што не е можно да се создаде замена за поезијата или љубовта. Статусот на бракот, значи, за оние на кои им е дозволен, е социјално богатство со незаменлива вредност: им овозможува на две лица заедно да ги збогатуваат своите животи на начин кој е незамислив надвор од бракот. Знаеме дека луѓето од ист пол се љубат со иста страст како и луѓето од различен пол,и дека, како и хетеросексуалците, ги сакаат благодатите и искуствата на брачниот статус. Ако на хетеросексуалните парови им одобруваме пристап до ова прекрасно богатство, а им го ускратуваме на хомосексуалците, тогаш им овозможуваме на едните, но не и на другите, да го остварат она што и едните и другите го сметаат за значајна вредност во своите животи.
Статусот на „цивилната заедница“ можеби овозможува низа законски и материјални благодати на бракот, но го нема социјалното и персоналното значење на бракот, кој има и духовна димензија што цивилната заедница ја нема. За многу луѓе е важна религиозната димензија на бракот, која некои истополови парнтери ја сакаат подеднакво како и хетеросексуалните. За други се работи за партиципација во историските и културните традиции за кои копнеат двата вида парови. Но како и да е, ако постојат причини за ускратување на овој статус на геј паровите, тие ја прават недоволна и цивилната заедница.
Единствениот вистински аргумент против геј бракот е формално ист како и аргументот за религиозно свечено ветување на верност, но влоговите, секако, се многу поголеми. Обвинението против геј бракот, изложено со најголема наклонетост, се заснова на премисата дека институцијата брак, како што веќе реков, е единствено и немерливо вредно културно богатство. Нејзиното значење, па затоа и нејзината вредност, се развивале со векови и се претпоставува дека бракот како заедница на маж и жена е толку вкоренет во нашето заедничко разбирање, што оваа институција би се претворила во нешто сосема друго ако таа претпоставка се доведе во прашање или пак се изгуби. Како што можеме да се бориме за зачувување на значењето и вредноста на кое било друго природно или уметничко богатство, така би требало да се бориме и за зачувување на единствената вредност на културното богатство.
Ми се чини дека ова е најсилниот аргумент против геј бракот. Се поставува и уште едно, поголемо и позначајно прашање. Кој би требало да има контрола, и на кој начин, над моралната, етичката и естетската култура во која сите живееме и која го одредува значењето на нашите социјални и легални институции и ги обликува нашите живот на толку многу начини?
Комплексната човечка култура ја обликуваат низа сили, но ќе споменам две. Таа е обликувана органски, со дискретни одлуки на поединецот за тоа што ќе произведува а што ќе купи и по која цена, за тоа што ќе чита и зборува, за тоа што ќе носи, каква музика ќе слуша и на кој бог, ако воопшто на некој, ќе му се моли. Нашата култура во голема мера е резултат на милиони такви одлуки што луѓето како поединци ги носат, една по една, секојдневно. Но, исто така, нашата култура е обликувана и од законот, то ест од колективните одлуки што ги донеле избраните законодавци за тоа како мора да се однесуваме. Висината на интересни стапки што ја одредува Одборот за федерални резерви ја обликува нашата економска култура, уредбите за зоните дозволени за градба ја обликуваат нашата естетска култура, законите за граѓански права ја обликуваат нашата морална култура. Како ќе одлучиме на кои аспекти на културата треба да влијаеме колективно на овој начин, а кои пак треба да ги препуштиме на органските процеси на индивидуалните одлуки?
Американците кои се противат на геј браковите на културната основа која штотуку ја опишав, веруваат дека повеќето граѓани имаат право, дејствувајќи низ нормалните политички процеси, да го обликуваат религискиот и духовниот карактер на нашата со закони обликувана култура. Оние кои ги поддржуваат геј браковите, напротив, веруваат дека религиската и духовната култура мораат да бидат обликувани органски, со индивидуални, слободни одлуки на секој од нас. Кое гледиште повеќе одговара на нашите заеднички идеали и начела на човечкото достоинство?
Тие начела на човечко достоинство на сите нас ни доделуваат одговорност сами за себе да ги проценуваме и избираме етичките вредности, наместо да се подложуваме на присилните избори на другите. Нашата култура влијае на нашиот избор на вредности; нашите особености на тој начин делумно се составени и од милиони избори што другите ги направиле за себе. Нивните избори во голема мера ги одредуваат книгите кои ги читаме, сликите кои ги гледаме и она што инстинктивно го правиме. Ова неизбежно влијание не се коси со човечкото достоинство.
Но, човечкото достоинство забранува потчинување (subordination). Тоа не ми дозволува да прифатам дека другите луѓе имаат право да ми диктираат што да мислам за тоа што го прави животот добар или да ми пречат да се однесувам онака како што сакам да се однесувам, затоа што сметаат дека моите вредности се погрешни. Моето човечко достоинство ми забранува да прифатам каква било манипулација со мојата култура од страна на колективната и делиберативна култура, која се служи со колективната моќ и богатството на заедницата со цел да влијае на персоналните избори и вредностите на своите членови. Тоа е потчинување. Морам да ја отфрлам манипулацијата, дури и ако вредностите кои треба да ги заштитам или всадам се мои сопствени вредности. Моето човечко достоинство е подеднакво нарушено како со насилниот обид да се востоличат моите вредности, така и со обидот тие да се променат.
Американците начелно нерадо ја даваат колективната моќ на политичкото мнозинство над основите на нашата економска култура. Социјалистичките општества на луѓето на власт им ја препуштат моќта тие да ја обликуваат економската околина со одредувањето на цените и распределбата на средствата и производството. Но, ние инсистираме на слободен пазар на стоки и услуги: попрецизно, инсистираме на тоа нашата економска култура да биде обликувана од збир индивидуални одлуки што ги отсликуваат индивидуалните желби и вредности. Социјализмот со централистички контролирана економија е навреда за слободата, а и за ефикасноста на нашиот систем. Тоа е гледиштето што со најголем ентузијазам го застапуваат конзервативците, кои за сферата на вонекономската култура го претпочитаат религискиот морал. Тие не гледаат дека слободата е во многу поголема опасност на религиско отколку на економско поле.
Кога во аргументот кој штотуку го споменав, зборот „брак“ ќе го замениме со зборот „религија“, станува драматично јасно дека културалниот аргумент против геј бракот противречи на нашите заеднички идеали за лично достоинство. Сѐ што кажав за културното наследство и вредностите на бракот подеднакво важи и за најважните религиски институции: религијата е незаменливо културно богатство во кое милијарди луѓе наоѓаат неспоредлива вредност. Нејзиното значење, токму како и значењето на бракот, еволуирало со текот на вековите. Но, тоа значење, токму како и во случајот на бракот, е подложно на промени преку органските процеси, со развојот на нови религии и секти и со појавата на нови закани за владејачкото учење од страна на секуларниот развој на науката, или политиката, или теоријата за општествена правда (да речеме, феминистичкото движење бара жени свештеници), или подемот и падот во популарната имагинација на различни форми на мистицизам, халуциногеното експериментирање, пантеизмот, унитаријанизмот, фундаменталистичките доктрини, радикалните ослободителски движења и илјадниците други промени во она што религијата може да значи и што навистина значи. Американските религиозни конзервативци не ни помислуваат дека културалните значења на религијата би можеле да бидат одредени од закони кои им забрануваат на луѓето со нови визии стекнување титулари, легален статус и даночни или економски благодати на религиските организации.
Според тоа, културалниот аргумент против геј бракот е неконзистентен со инстинктите и увидите вградени во заедничката идеја за човечко достоинство. Тој аргумент претпоставува дека културата која ги обликува нашите вредности е сопственост на само некои од нас - оние кои случајно уживаат политичка моќ во даден момент - да ги користиме и штитиме во обликот во кој ние обожаваме. Ова е длабоко погрешно: во вистински слободно општество светот на идеите и вредностите му припаѓа секому и никому. Кој сака аргументирано да тврди - а не само да изјави - дека не сум во право?
Извор: Ronald Dworkin, Three Questions for America, The New York Review of Books, 14, 2006, стр. 24-30; Is Democracy Possible Here, Princeton-Oxford 2006, str. 86-89.