Два микрофона завршија на Трауматологија по говор на Тодоров

09.11.2013 12:14
Два микрофона завршија на Трауматологија по говор на Тодоров

Два микрофона завршија на Клиниката за трауматологија со тешки скршеници, а еден е пуштен на домашно лекување, по денешниот малку поенергичен говор на министерот за здравство Никола Тодоров во Собранието.

Помеѓу министерот и микрофоните на собраниската говорница од поодамна постоеја нетрпеливост и искрења, но денеска тие кулминираа во отворена пресметка, во која подебелиот крај го извлекоа микрофоните, а Тодоров помина само со мали изгребаници на десната рака.

„И мене веќе подолго време ме нервираат микрофоните. Кога зборуваат пратеници на опозицијата, микрофоните едноставно не се трпат. Некогаш ми доаѓа да ги грабнам со бејзбол палка, ама во последен момент ќе се сетам на етичките предавања на шефот, па ќе им простам. Кај мене куртулија, ама кај Нино…“, коментираше еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Тодоров е познат како голем љубител на микрофони и камери, мераклија за сликање и снимање, па Здружението на микрофони нема да реагира на ваквиот однос кон нивните колеги, зашто претпоставува дека министерот мора да бил испровоциран да ги удри, штом го сторил тоа. По тепачката, Тодоров замина на неколкудневна рехабилитација во Платамона, Грција.

Извор: www.kozanostra.net