Меѓународен ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот

09.11.2013 12:57
Меѓународен ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот

Во Германија денес со бројни церемонии и оддавање почит на жртвите ќе се одбележи 75-годишнината од Кристалната ноќ - нацистичкиот погром на Евреите, која во светот се одбележува како Меѓународен ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот.

Германија нема да организира еден централен комеморативен настан, туку во текот на целиот викенд ќе ја одбележи годишнината со бројни уметнички проекти, иницијативи на Твитер и бдеења.

Насилството кое се случило на германските улици и плоштади на 9 ноември 1938 година го означило почетокот на организираното, правно легитимирано и јавно поддржано прогонување на Евреите, кое е завршено со убивање на шест милиони недолжни мажи, жени и деца.

Тој настан, познат како Кристална ноќ, се смета за симболичен почеток на Холокаустот и се одбележува како Меѓународен ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот.

Во Кристалната ноќ германските нацисти разориле, уништиле и ограбиле безброј еврејски дуќани, претпријатија и институции, запалени биле повеќе од 1.000 синагоги, целосно разорени повеќе од 7.000 еврејски претпријатија, како и бројни еврејски домови, болници, училишта и други институции.

Во текот на незаузданото насилство кое уживало широка поддршка од сите сегменти на нацистичката власт, но и од „обичните граѓани“, убиени се најмалку 91 лице со еврејско потекло, а околу 30.000 се однесени во концентрациони логори.

На годишнината од ова ужасно насилство, претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија Дитер Грауман изрази надеж дека Германците ќе покажат „искрена загриженост“ и повика будно да се следат сите знаци на омраза.

„Поуката која мораме да ја извлечеме е едноставна и јасна - никогаш повеќе нема да дозволиме да бидеме нападнати поради нашиот јудеизам. Никогаш повеќе нема да дозволиме да бидеме застрашувани“, изјави тој.

Претседателот Јоаким Гаук ќе оддаде почит на жртвите во источниот град Еберсвалд близу Берлин, во синагога која е уништена пред 75 години, а подоцна во блискиот Франкфурт на Одра ќе одржи говор пред почетокот на меморијалниот концерт.

Црквите во Берлин ќе организираат прошетки до местото на некогашната синагога во центарот на градот во која ќе учествува градоначалникот Клаус Воверајт, кој подоцна ќе се обрати на собирот во организација на еврејската заедница.

Освен тоа, историчарот Мориц Хофман, настојувајќи да ги заинтересира младите генерации за историските факти, на Твитер минатиот месец отвори профил со име „Пред 75 години“ кој бележи историски записи за прогонот на Евреите во Германија, а веќе го следат 4.200 твитерџии.

Во меѓувреме, сопствениците на околу 120 дуќани во центарот на Берлин ги излепија излозите со ленти, правејќи да изгледаат како скршени, за да потсетат на уништувањето на еврејските дуќани во Кристалната ноќ.

Берлинците се повикани да ги исчистат во своите квартови т.н. „камења на сопнување“ - меморијалните плочи вградени во тротоарите со имињата на жртвите на холокаустот, нивните датуми на раѓање и податоците за депортација, а градските весници со најавата за оваа кампања подаруваат крпи за волонтерите.

Извор: klix.ba

ОкоБоли главаВицФото