Вистинската тема се можните предвремени избори!

11.11.2013 10:18
Вистинската тема се можните предвремени избори!

Изминатата недела како ретко кога се занимававме со промашени политички теми. Покрај промашувањата на Антиќ, за што бруеше македонската јавност, нашироко се дискутираше и за идните претседателски избори, кандидати, комбинации и за стратегии.

Демек, претседателските избори се клучна тема за судбината на оваа земја, па неопходно е да се држи тензијата за тоа прашање! Искрено, дали има тука некој доволно наивен за да помисли дека ДУИ ќе направи Коперникански пресврт, па затоа, нема да најде по тоа прашање договор со ДПМНЕ? Или, уште повеќе, зарем на темата претседател на Македонија ДУИ ќе се откаже од тендерската коалиција, кога во врат ѝ дише (не)формалната коалиција помеѓу ДПА и ДПМНЕ?! Не сакам да звучам дрско, но кој става пари на ДУИ и на нејзина промена (излез или коалиција со опозицијата), спие на погрешното уво!

Една друга тема и едни други избори се многу поважни за дискутирање и за размислување, а тоа, според мене, се неизбежните предвремени парламентарни избори кои ДПМНЕ планира да ги организира напролет.

Зарем постои некој кој не ги забележува сигналите кои ни навестуваат речиси сигурни избори?! Задолжувањето добива на интензитет, пропагандата за остварувања и новите ветувања се во полн ек. Сите овие партиски вработувања на кои сме сведоци, било преку лотарија, или полицајци, или лица со инвалидитет, значат трошење на огромни суми, 150-200 милиони евра, и ДПМНЕ тоа неуморно го спроведува.

Новата мантра дека градат инфраструктура, автопати, дека како и за СК 2014 ќе има отворање на нови работни места и ќе се раздвижела економијата, треба само по себе да е доволен индикатор. Притоа, Груевски секојдневно отвора некои ситни патчиња, па се фали со инвестиции, шета меѓу народот и собира симпатии. Темата за гасификација комплетно ја украдоа од опозицијата и тоа е уште една евтина приказна за народните маси. Во исто време, менгемето врз слободите и понатаму се стега, новинари и опозиционери се затвораат, важните теми за нашата економска катастрофа се избегнуваат или се манипулираат во полза на режимот.

Формирани се две нови политички партии – сателити на режимот, кои неизбежно ќе ја форсираат потребата од предвремени избори и ќе му послужат на режимот како легитимација и за организирање на истите, а потоа и како легитимитет на резултатите од тие избори пред меѓународната јавност. Никој не може да каже со сигурност, но работа опасно смрди на нови избори.

Во целата ситуација за опозицијата работите не изгледаат најблескаво. Две работи се мошне позитивни, но подеднакво има и две контрадикции кои ја мачат опозицијата. Добро е што јавноста се запознава со криминалите на клучните функционери на ДПМНЕ и на тој начин се охрабрува. Подеднакво е добро што паралелно со тоа следува масовна акција на терен и презентација на програмата. Но, две контрадикции се опасни за изгледите на опозицијата на следните избори.

Прво, дали опозицијата воопшто ќе одлучи да излезе на едни недемократски предвремени избори? Ако не излезе, кои ќе бидат аргументите? Рецептот - „не излегуваме на криминални избори“ ниту е доволно јасен, а уште помалку со опозиционите сателити на режимот, нуди некакви гаранции. Сите знаеме дека власта нема да се согласи да го прочисти избирачкиот список и да ги спроведе сите препораки од ОБСЕ и ОДИХР во изборното законодавство. А, дури и да се одлучи на некаква ситна концесија, тоа нема да биде доволно за реални, фер и демократски избори.

Втор проблем тука е како опозицијата би избегнала уште едни недемократски избори, кога одлучи да учествува на недемократски локални избори? Се наметнува уште едно прашање: дали цената за бојкотирање на недемократските избори би била откажување од градоначалничките мандати за на тој начин да се добие на веродостојност и да се радикализира незадоволството кон режимот? Значи, сѐ е прашање на стандарди, дали ќе бидат двојни или ќе се избере консеквентност.

Втора многу важна контрадикција е заговарањето на популизам и доближување до позициите на десничарите, па дури и излегување со порадикални ставови, а во исто време, очекувањето потоа меѓународната јавност и ДУИ конечно да ја поддржат опозицијата.

Некои будалетинки и шупелки не разбираат дека опозицијата никогаш нема да ја извлече ДУИ од скутот на Груевски, а уште помалку да најде поддршка кај меѓународната заедница доколку за клучните прашања, особено за името, се приближи до популистичките позиции на Груевски.

Нормално, уште поголема е контрадикцијата кон самиот електорат и кон гласачите на СДСМ. Првите немаат никаков мотив да се откажат од Груевски, ако опозицијата има слични ставови, а кај вторите, можно е несогласување со евентуалниот нов курс.

Ете, наместо да се занимаваме со ефемерни теми и глупави предлози за функционирањето на самата опозиција, клучно е да се позанимаваме со најлошото можно сценарио. А, најлошото можно сценарио се уште едни недемократски предвремени избори.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото