Последното интервју на Лу Рид

11.11.2013 11:36
Последното интервју на Лу Рид

На 21 септември оваа година Лу Рид седна спроти режисерката Фарида Хелфа за да го даде, како што излезе на крајот, своето последно интервју пред камера.

Снимањето организирано кон крајот на септември е дел од промотивната кампања за слушалките „Parrot Zik“ е објавено еден месец пред смртта на легендарниот музичар. Во него, Рид (71) зборува за звукот, музиката, неговата прва гитара...

„Звукот е многу повеќе од врева. Уредениот звук е музика. Мојот живот е музика“, вели Рид.

Запрашан зошто станал музичар, тој објаснува: „Го правите она што го сакате... или ќе ве уапсат“, а на прашањето дали таткото му ја подарил првата гитара, отсечно одговара: „Татко ми не ми даде ништо“.

Кога разговорот почнува да се врти околу очите и ушите на Рид, тој станува попоетичен во одговорите.

„Знам како работите би требало да звучат. Не би сакал да го слушам Бетовен, а да не слушам прекрасни басови, виолончела, туби. Тоа е многу важно. Хип-хопот има басови кои грмат. Но ги има и Бетовен. Ако ги немате тие басови, тоа е како да сте ампутирани. Како да ги немате своите нозе“, вели Рид.

Во интервјуто тој гордо открива дека неодамна ги ремастеризирал сите свои постари албуми, за да им даде звук прилагоден за новите технологии, бидејќи, како што вели, звукот од ЦД го ужаснува.

„Беше толку убаво што ме расплака“, признава Рид. „Мене звукот емотивно ме погодува. Звукот не може да се објасни. Постои некаков звук кој го слушате во главата, во нервите, во крвта која тече. Навистина е неверојатно да се чуе сето тоа“.

Кога станува збор за првиот звук кој го памети, Рид тврди дека тоа сеќавање главно е исто кај сите луѓе.

„Првото сеќавање на некој звук најверојатно е чукањето на срцето на мајката, за сите нас. Ние растеме уште кога сме многу малечки, слушајќи го тој ритам“.

Извор: www.rollingstone.com

ОкоБоли главаВицФото