Заборавен творецот на модерно Скопје

11.11.2013 11:48
Заборавен творецот на модерно Скопје

Длабоко скриена во сенка на „старата чаршија“ и бројните споменици настанати во процесот на преобразување на архитектонскиот лик на главниот град на Макеоднија, збиена е една тесна уличка со името на најугледниот предвоен градоначалник на Скопје и неговиот најголем неимар - Јосиф Михајловиќ.

Тоа е уште еден доказ дека овој угледен предвоен инженер и архитект - и секако, една од најзаслужните личности за претворањето на некогашната турска касаба во урбана балканска средина - денес речиси е целосно заборавен. По некоја не(намерна) иронична идеја, по него е именувана улицата до Музејот на Македонија, токму во делот кој сведочи за времињата на Скопје како касаба од периодот на отоманското владеење.

Човекот чие име денес во Скопје го носи тој зафрлен сокак, бил градоначалник во два мандати - од 1929 до 1936 и од 1939 до 1941 година, кога на 11 март умрел. Од тој период останати се бројни документи, вредни архивски материјали и записи, но и незаборавни дела, неимарски потфати со кои започнала модернизацијата на градот на Вардар.

Во тој период во Скопје се изградени објекти како зданието на бановината - денешното Собрание, Офицерскиот дом, Железничката станица, Народната банка, Поштата (објекти кои се урнати во катастрофалниот земјотрес од 1963), зелениот пазар, уредениот градски парк, зоолошката градина... За време на мандатот на градоначалникот Михајловиќ во Скопје, освен изградбата на значајни станбени згради, спроведен е и попис на населението, направен е геодетски премер, со први авионски снимања, урбанистички план на градот, изграден е водовод од изворот Рашче покрај селото Радуша, хидроцентралата Матка на реката Треска, канализациски систем... Некои од улиците и плоштадите, раскрсниците, посебно во централниот дел на Скопје (централниот градски плоштад Македонија, улиците со сегашни имиња - Илинденска, 11 Октомври, Орце Николов...) се трасирани со тој прв урбанистички план.

„Повеќе личности во Скопје се заслужни за развојот на градот, но ако треба да се избере најпознатиот, или најзаслужниот меѓу најзаслужните, секако би бил избран градоначалникот од периодот меѓу двете светски војни, инженерот и архитект Јосиф Михајловиќ. Тоа што неговата легенда трае сѐ до денес не е случајно и сѐ е базирано на неговите исклучителни заслуги за градот“, пишува хроничарот на Скопје, книжевникот Данило Коцевски.

Тој, како што останало во записите, а на што потсетува Коцевски, „секогаш елегантен, вистински господин со продуховен изглед, во ракавици, зборувал течно англиски јазик, речиси совршено, без ниту една грешка“. Роден е 1887 година во селото Тресонче во западна Македонија. Образованието го стекнал во Скопје, Солун, па на отсекот за архитектура на Техничкиот факултет на Универзитетот во Белград, каде дипломирал во рекорден рок. По дипломирањето, во 1910 е упатен на постдипломски студии по архитектура во Италија.

Михајловиќ учествувал во двете балкански и во Првата светска војна. Ја поминал голготата на повлекувањето на српската војска преку Албанија. Од островот Крф, со неколку учени војници, бил упатен во Америка да собира помош за подготовките за пробив на Солунскиот фронт. По завршувањето на војната, специјализирал на Институтот на Високата школа за уредување градови. Михајловиќ во 1911 година бил во тимот стручњаци кои ја проектирале зградата на Српската академија на науките и Градската куќа во Белград.

Во периодот на неговите два мандати како градоначалник на Скопје, за вкупно неполни оусм години, документирано е дека меѓу десетте нови училишни објекти, подигнати се и зградите на машката гимназија „Кирил и Методиј“ и женската гимназија „Кралица Марија“. Се наведува дека Михајловиќ ја обновил од пожарот уништената библиотека на Иса-бег во чиј фонд била и Хипократовата книга на арапски јазик. Во градот се изградени повеќе од 280 километри улици со дваесетина раскрсници, потоа детско одморалиште на Водно, уредени се воените скривници, проширена градската болница, изградени нови градски кланици, подигнати надвозници, мостови, неколку тениски и две фудбалски игралишта...

Во брановите на „прекрстување“, а посебно во склоп на проектот за антиквизација на главниот град на Македонија, „Скопје 2014“, има многу нови имиња на улиците, плоштадите, мостовите, патиштата... Меѓутоа, меѓу нив нема место и за еден од најголемите неимари - Јосиф Михајловиќ.

За него, велат „за сега“, останува само тесниот сокак во старата чаршија.

Бранител на факултетот

Во време на големата економска криза и Шестојануарската диктатура, кога „со одлука на режимот почнал да се намалува бројот на гимназии и средни училишта на територијата на Македонија“, разгледано е и прашањето за укинување на Филозофскиот факултет во Скопје. Кон крајот на 1932 и почетокот на 1933 година, во активностите за одбрана на таа тогаш единствена високообразовна институција во целиот јужен дел на тогашното кралство, на чело на Акциониот одбор за спас застанал скопскиот градоначалник Михајловиќ. Најугледните личности на тогашниот политички, општествен и културен живот, предводени од Михајловиќ, изготвиле меморандум за поддршка, а властите се откажале од укинувањето на Филозофскиот факултет во Скопје.

Пеш и во пајтон

Според сочуваните сеќавања на старите скопјани, најугледниот градоначалник Јосиф Михајловиќ, за време на двата мандати, често шетал по градот - „што пеш, што во пајтон, и ги регистрирал проблемите...“ Бил исклучително ценет кај народот. Во записите е опишано дека на неговиот погреб, во март 1941 година на петчасовната церемонија, во погребната поворка имало повеќе од 15.000 граѓани.

Извор: www.novosti.rs

Слични содржини

Јавни Простори / Став
Јавни Простори
Јавни Простори / Култура
Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото