Само курир, ниедно прашање, ниедна мисла!

12.11.2013 00:48
Само курир, ниедно прашање, ниедна мисла!

Новинарската професија и самите информативни медиуми не само што нема да исчезнат, туку ќе се трансформираат за да добијат уште пософистицирани облици и подобро да му служат на длабинското информирање, бидејќи површното, преодното информирање, денешната публика ги прави сама, преку интернет, каде што сега се наоѓаат сите релевантни медиуми и речиси сите државни институции, наведуваат истражувачите и луѓето од новинарството и медиумите. Овој вид новинарство ќе успее да ја сочува потребата на јавноста за информативните медиуми. Инаку, денешната јавност нема потреба од вести што може да ги најде и низ сајтовите на интернет, но и за вести што не известуваат ништо поотворено и поправилно од владините службеници. Таа ќе почувствува дека медиумите се однесуваат кон неа исто онака како што и владата се однесува кон неа.

Како што влегува, информацијата така и излегува од медиумскиот филтер

Пример на ваквата процедура е случајот со веста за конференцијата за печат на министерот за финансии на Македонијa (превод на македонски – оригиналот на албански можете да го најдете овде), која го обелоденува, според медиумот кој што ја објавил веста, големиот економски успех на владата. Написот носи афирмативен наслов „Македонија ќе има уште поголем економски раст“. Да се прочита ваков наслов во еден медиум, кој не е ставен под наводници за да се покаже дека е цитат, наведува да се помисли дека ваквата „добра“ вест претставува заклучок изведен од самиот медиум и е еден вид истакнување на „вистината“.

Сосема различна од насловот е содржината во самиот текст. Веста не била „добра вест“ констатирана од медиумот, туку дел од изјавата на министерот за финансии, дадена на конференцијата за печат. Главата на веста ја заокружува идејата која на некој начин го објаснува насловот, покажувајќи дека, всушност, поголемиот економски раст од предвидениот е очекување на владата и предвидување на неколку меѓународни институции, а не свршен факт, како што се наведува во насловот. Значи, од „очекуваната“ состојба на економски раст, според министерот, новинарот преминал во „свршена“ состојба со напишаниот наслов. Оваа трансформација на фактите произвела еден заведувачки дискурс, кој на читателот му се сервира како свршен чин, иако станува збор за настан што сѐ уште не се случил.

И конечно, дури во третиот пасус на написот се наведува изворот на овие информации – изјавата од заменик-премиерот и министер за финансии на конференција за печат. Дури и во овој дел од веста се создава магла, не нудејќи точна информација за контекстот на изјавата. На крајот на изјавата се кажува дека тоа било одговор на „новинарско прашање“, но без да се каже кое било прашањето што добило ваков одговор од министерот.

Од вкупно пет пасуси на веста, четири од нив се делови од изјавата на високиот владин претставник. Освен првиот пасус, од почетокот па до крајот на веста, во останатите четири пасуси може да се прочитаат само овие зборови како интервенција на новинарот/уредникот во текстот на веста (изјавата на министерот):

1. „Според заменик-премиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески…„,

2. “…изјави министерот Ставрески одговарајќи на новинарско прашање, на денешната конференција за печат.„,

3. „Тој вели дека..„,

4. „…изјави министерот Ставрески.„

И од квантитативен аспект, официјалната изјава се прикажува без интервенции од страна на медиумот: од 380 зборови колку што содржи текстот, 269 се зборови на министерот, а само 111 зборови на новинарот, кои што се цитирани погоре.

За дискурсот за „поголемиот економски раст што ќе го има Македонија“ да стане потполн, написот е придружен и со една фотографија, која што ја претставува визуелно официјалната изјава. На фотографијата е прикажан еден растечки графички показател во чија позадина има статистички податоци.

За што служи медиумот?

Дискурсот на написот е целосно ист со дискурсот на самиот владин претставник за време на конференцијата за печат. Подготвен или не за конференцијата за печат на министерот, новинарот не успеал да извлече ништо повеќе од службените изјави и од она што самиот министер го понудил. Авторот на написот се задоволил со пренесување на информациите на министерот од салата каде што се одржала конференцијата за печат до редакцијата за вести и не ги преиспитал изјавите на министерот за најавениот успех, правејќи можни споредувања со другите економски податоци, како на пример нивото на државниот долг и странските кредити, јавните инвестициите кои што се сметаат за нетранспарентни и нерентабилни, системот на глоби, итн. (линкови до вести на албански јазик), за да ја испита реалната основа за оптимизмот на владата. Во рамките на веста новинарот се чувствува дека е надвор од игра. Тој не поставил прашања (ова може да биде намерно или ненамерно) што би имале за цел да извлечат дополнителни информации за јавноста, освен тие што министерот ги имал планирано. Новинарот не покажува никаква тенденција за критичко филтрирање на владините информации, туку станува само нејзин курир, пренесувајќи ги, без да ѝ додаде информативна вредност на содржината.

Исто така, новинарот не се обидел спроти изјавата на министерот да постави аналитички и/или критички изјави на други економски експерти со различни видувања од владините. Едно такво експертско професионално соочување би ја пополнило празнината на критичко опсервирање на службените изјави од страна на самиот новинар, кој не го направил тоа, било да е од тоа што не бил подготвен, од непознавање на темата, или од неможноста создадена од недостигот на професионална слобода. Едно експертско соочување би создало потребен баланс за еден достоинствен економски дискурс, кој би можел да го разбере и оној дел од јавноста што од сите економски анализи сака да разбере само дали навистина ќе има економски раст или пад.

Веста нема авторски потпис. Во овој случај, медиумот не ја продискутирал изјавата на високиот државен функционер и ја изгубил својата улога за зачувување на јавниот интерес. Медиумот, каков и да е неговиот статус, во таквите случаи не ја почитува не само неговата публика, туку над сé, целата своја екипа. Медиумот еден ден може и да престане да работи, но новинарите си ги имаат врзано нивните имиња со него и јавноста ги познава и ги памти токму преку нивната секојдневна работа за заштита на јавниот интерес, било да се работи за економски, социјален, здравствен, безбедносен или било кој друг аспект. Заштитата на јавниот интерес лежи во основата за причините за постоење на новинарството и потребата на демократското општество од него.

Како ли ќе функционираше општеството само со влада и интернет, без новинари…!

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).