Социјалдемократијата и надежта

12.11.2013 11:56
Социјалдемократијата и надежта

Пред извесно време во Лајпциг, претставници на 70 социјалистички и социјалдемократски партии од целиот свет се собраа за да го одбележат јубилејот на отвореното писмо кое на 1 март 1863 година го објави еден граѓанин на Вроцлав по име Фердинанд Ласал. Во писмото Ласал им се обратил на луѓето што ја трпат неправдата, нетолеранцијата или на кои им е скратено достоинството. Ги повикал да се обединат во изградбата на светот кој ќе ги исполни принципите на правдата. Веднаш потоа, на 23 мај се одржал првиот состанок на примачите на ова писмо, во Лајпциг. Основана е ADAV (Општата германска работничка асоцијација), организација која стана прототип на сите подоцнежни работнички здруженија во цела Европа. Тие одговорија на предизвикот на Ласал.

Што сакаше Ласал? Тој имаше конкретна програма и, имајќи го предвид историскиот контекст, мора да се признае дека неговата визија била прилично реалистична:

1. Да се обединиме. Само заедно сме силни, поединечно нема да постигнеме ништо. Мораме да ги обединиме нашите сили, идеи и храброста.

2. Се обединуваме во една партија, а потоа со заеднички сили ќе го освоиме општото право на глас, кое му следува на човекот врз основа на неговата човечност.

3. Кога ќе се постигне тоа, работниците ќе го сочинуваат апсолутното мнозинство во земјата.

Повеќето од современиците на Ласал очекувале дека индустријализацијата ќе трае вечно, како што мислевме ние за потрошувачкото општество до 2007 година. Така ќе се достигне фазата во која општеството се дели на два дела: на работници и оние кои ги следат и експлоатираат. Така, имајќи го предвид општото право на глас, изгледало очигледно дека работниците ќе ја добијат власта во државата.

Но, што се прави со помош на власта? Државата би морала да ги натера банките да ги субвенционираат производствените задруги. Наместо фабриките да бидат во сопственост на еден човек, секој работник би бил косопственик на фабриките-задруги на производителите. Ова требало да биде алтернативата на индустриското општество кое се создавало. Индустрија – да; научен прогрес – да; модернизација – да, но не на начинот што го диктира капиталот, лишен од политичка контрола.

Овие постулати треба да се осовременат, но кога се работи за целта, визијата на Ласал е визија за праведно општетсво во кое луѓето живеат заедно, во слога и соработка, наместо во натпреварување и сомнеж. Ова е цел и денес, како што било и пред 150 години.

Ја одбележуваме годишнината од овој настан, и за јунаците на годишнините вообичаено се одржува убав говор. Во комеморативните говори забораваме дека тие луѓе во своите животи правеле грешки. Но, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа денешната социјалдемократија, мораме да се осврнеме на неколку жални факти.

Германската социјалдемократија со децении растеше молскавично и нижеше победи. До пред десет или петнаесет години, освојувањето 35 проценти од гласовите беше вообичаено. Денес SPD добива околу 24-26 проценти, што претставува сериозен пад. Откога канцеларот Шредер ја усвои Агендата 2010, SPD изгуби околу една третина од членовите – катастрофален одлив во историјата на партијата. SPD се соочува со големи потешкотии. Тоа мора да се признае отворено. Овогодинешниот јубилеј не е момент за славење. Напротив, тоа е можност да сфатиме колку голем напор претстои на патот до триумфот.

Кои се причините за овој историски одлив? Зошто социјалдемократијата е во криза, зошто во анкетите сè помалку и помалку луѓе се позиционираат лево од центарот?

Прекрасниот португалски писател Жозе Сарамаго го даде своето сурово, дури и брутално мислење: „Некогаш социјалдемократското движење ги претставуваше некои од најголемите надежи на човештвото, но со текот на времето престана да ја игра оваа улога. Движењето ѝ е продадено на левицата“. Левичарската програма ѝ порачува на десничарската: „Што и да правите, ние го правиме тоа подобро“. Наместо да ја подготват програмата за иднината, социјалистите се обидуваат да докажат дека умеат сè што умее и десницата. Истакнатиот белгиски политиколог Жан-Мишел Де Вел напиша дека големиот колапс на капиталистичко-потрошувачката-банкарска економија во 2007 година, наместо да ја подигне левицата, ги откри нејзините инхерентни слабости.

Ако ја погледнете денешната ситуација во SPD, ќе забележите два различни ставови кои е тешко да се помират. Од една страна, постои обид да се задоволат оние кои ја плаќаат сметката за кризата, додека од друга страна, постои целосна потврда за економскиот модел кој се реализира во Германија. Да го цитираме Антонио Грамши – десницата ја доби културната војна против левицата.

За што се војувало? Според Грамши, општествената ситуација и човечката општествена состојба не зависат од преговарањата на врвот или од политичките потези, туку исклучиво од филозофијата. Но не од филозофијата во смисла на академските семинари, туку филозофијата која се нарекува или идеологија, или, во поново време, имагинарна: Делез прв го искористил терминот, а подоцна Касторијадис, а сега често го употребува Чарлс Тејлор.

Со други зборови, имагинарното е како го замислуваме светскиот поредок, какви се условите за нашето дејствување и за какви вредности вреди да се бориме или, ако треба, да се жртвуваме.

Триумфираше буржоаското имагинарно. Сега ќе ги изложам неговите најочигледни облици. Лекот за сите општествени болки е зголемувањето на БДП – нема друг начин за подобрување на животот на човештвото. Но, зад оваа претпоставка лежи скриениот, премолчен услов – производството на индустриски добра кое се зголемува бесконечно. Може да се произведува сè повеќе и повеќе стока.

Втората претпоставка е дека човечката среќа се состои од одењето во продавница – сите патишта водат кон купувањето – со други зборови, зголемување на потрошувачката. Во основата на таквото размислување се крие убедувањето дека потрошувачката може да се зголемува ad infinitum и дека можеме да ги заборавиме другите прости, примитивни, прединдустриски методи за достигнување на среќата. А такви методи имало.

Потрагата за среќа е забележана и во резултатите од нашиот природен и културен развој, и важи за сите припадници на човечкиот род. Можеби ќе ги заборавиме начините кои биле применувани во минатото, дури и пред 1 000 години, како што е, на пример, задоволството од добро извршената работа, „инстинктот за трудољубивост “, како што го опиша Торстен Веблен, задоволството заради работата со другите, заради пријатните соседи, заради партнерствата, заради заедничкото пробивање низ животот. Сето тоа ќе го тргнеме настрана. Продавниците ни го нудат целото потребно задоволство.

Третата претпоставка на буржоаското имагинарно е нешто што се нарекува меритократија. Иако луѓето отсекогаш биле и секогаш ќе бидат нееднакви, нееднаквоста самата по себе не е зло. Тоа е средство со кое може да се зголеми просперитетот. Меѓутоа, „луѓето се богатат со чесност и работа“. Ако се трудите доволно и работите чесно, и за вас ќе има место на врвот. Сиромаштијата и пропаѓањето се казни кои не ги наметнува судбината, туку мрзеливоста и небрежноста.

Сите овие три елементи на буржоаското имагинарно, со други зборови идеологијата на буржоаскиот „здрав разум“ – денес е исто така во криза. Проблемите не ја погодуваат само социјалдемократијата, туку и буржоаското имагинарно.

Денес знаеме дека бесконечното зголемување на производството е невозможно и дека Земјата – нашиот заеднички дом – тоа не може да го поднесе. Знаеме дека треба добро да размислиме што треба да правиме за нашите внуци да можат да преживеат на Земјата. Овој вториот проблем е под прашален знак, првенствено затоа што според денешното потрошувачко темпо веќе користиме 150 проценти од планетата – 50 проценти повеќе отколку што планетата може да ни овозможи, а да не се уништи себеси.

Во моментов, третата ставка е најтрагична во смисла на страдањето што го предизивикува. Парадоксално, денешните млади, од 16 до 25 години, ја претставуваат најобразованата генерација во историјата, но во исто време и најневработената. Тоа е голема несреќа. Милиони млади луѓе кои не знаат што да прават со себе, се чувствуваат излишно и се оддаваат на насилство. Тоа е во пораст во последните години.

Генерацијата бејби-бум, генерацијата X-Y – сите овие повоени генерации имаа една заедничка карактеристика: точката до која ги довеле нивните родители ја сметале за појдовна. „Почнуваме оттука, и ќе стигнеме многу подалеку од мама и тато“. Денешната генерација е прва која не спие мирно, затоа што не е сигурна дека може да го задржи општественот статус што го наследила. Ова е целосна промена на расположението, промена на правилата на нашиот меѓугенерациски соживот.

Денес се соочуваме со такви проблеми. Фактот дека левичарската социјадемократија ѝ дозволи на буржоаската идеологија да победи во културната војна, е за жалење и е понижувачки, меѓу другото и затоа што тоа се случи во време кога оваа идеологија запаѓаше во сè полоша криза. А социјалдемократијата е неспособна да ја искористи таа поволна околност.

Несреќата на денешната социјалдемократија е во тоа што нема алтернативна визија, нема „утопија“. Канцеларот Шредер се запиша во историјата со забелешката дека не постои капиталистичка или социјалистичка економија, туку само добра или лоша економија. Како да ја предаде борбата: „Се предавам, немам што да кажам. Сите сме во истиот табор – сите тежнееме кон добрата економија“. Не се размислувало за пораката на веќе полупропаднатото буржоаско имагинарно.

Чукна часот за да се запрашаме зошто се случи ова. Да не ги поедноставуваме работите, ова не е прашање за избор на лоши лидери или лоши партии. За момент да ги оставиме настрана новинарските мудрувања за корупцијата, нечесноста итн, кои го сведуваат моралот на политиката на нивото на моралот на политичарите. Зошто политиката е таква каква што е? Зошто ситуацијата се развива во правец на спротивната логика?

Ова можеме да го припишеме на низа настани. Ќе почнам од најочигледниот: падот на Берлинскиот ѕид. Тој не го ослободи светот само од заканата на тоталитаризмот и нулеарното уништување. На крајот на краиштата, Русија денес има исто толку боеви глави колку што имаше и тогаш, па сепак никој не се превртува во креветот од страв дека ќе избие војна. Не е вистина дека стравот предизвика само натрупување на боевите глави. Тука имаше уште нешто – постоеше мит за алтернативно општество. Владееше убедувањето дека комунистичкото општество ги реши сите проблеми со кои безуспешно се бореше капиталистичкиот запад. Постоеше страв дека луѓето, доколку нешто не се направи за подобрување на социјалната состојба во светот на капиталистичката демократија, ќе се бунтуваат во корист на таа алтернатива.

На тој начин комунизмот се обидуваше да му ја наметне агендата на остатокот од светот: борба против бедата, понижувањето и пропаѓањето. Компензација за улогата на работничката класа во процесот на создавањето вредности, право на образование за сите и здравствена заштита.

Капиталистичкиот остаток од светот презема такви чекори со помош на социјалдемократијата, која во оваа насока грабеше многу поуспешно од самиот комунизам (не за да му направи пат на комунизмот, туку токму за да му го попречи). Животот на работниците значително се подобри, општиот животен стандард порасна и работничките самоодбранбени организации беа легализирани, така што социјалдемократијата ги реализираше повеќето постулати кои ги пропагираше комунизмот во својата идеологија, но никогаш не ги спроведе во практиката. Како што прецизно забележа италијанскиот политиколог Роберто Тоскано: „Комунизмот беше одличен за сите, освен за оние кои ја имаа таа несреќа да живеат во него“.

Така падот на Берлинскиот ѕид имаше двојни последици. Капитализмот се почувствува слободен на сопствениот терен, и прв пат по долго време светот почна да живее без алтернатива. Карл Јасперс зборуваше дека се плаши од некое можно обединување на човештвото, или од некоја глобална влада, затоа што не би имал каде да избега. И се случи токму тоа. Порано или подоцна, сите мораа да тргнат по истиот пат.

Во текот на триесетте години по Втората светска војна, обемот на општествената нееднаквост почна да се намалува, и луѓето беа сигурни дека тенденцијата на неговиот раст е ставена под контрола. Меѓутоа, по падот на Берлинскиот ѕид, оваа нееднаквост повторно почна да расте. Од 2007 година, 93 проценти од додадената вредност произведена во САД ја приграбија 1 процент од Американците; останатите 99 проценти едноставно мораа да се задоволат со преостанатите 7 проценти од додадената вредност. Тоа се алармантни бројки. Тие биле незамисливи за време на „триесетте славни“ повоени години. На дело е распадот на нашата егзистенцијална ситуација. Од една страна, постојат сили лишени од политичка контрола, додека од друга страна имаме политичари кои страдаат од хроничен недостаток на моќ.

Моќта е можност да направиш нешто. Политиката е можност да одредиш како ќе го изведеш тоа. Бракот на моќта и политиката се распадна. Живееме во периодот на нивниот развод. Ова е сериозен проблем за социјалдемократијата, затоа што уште од времето на Ласал е очигледен одговор на прашањето кој ги решава социјалните проблеми: државата, бидејќи таа ги има моќта и политичките средства правилно да ја употреби таа моќ. Политиката може да вети многу, и го прави тоа, затоа што премиерите и канцеларите мораат да победат на изборите. Но таа не може да ги исполни ветувањата. Не толку заради лошите намери или превртливоста, колку заради раздвојувањето на моќта од политиката.

Уште една причина за денешните неуспеси на социјалдемократијата – за тоа не треба да се имаат илузии – е падот на работничката класа која беше политичка база на социјалдемократијата. Денес работничката класа поминува низ истиот оној процес низ кој поминало селанството во 19 век. Во 19 век селаните сочинувале 90 проценти од населението. Векот го завршиле како 10 проценти од населението.

Бројот на работници во Европа веќе паѓа под 20 проценти. Големите индустриски фабрики во кои е родена солидарноста веќе ги нема. А тие беа големите, ефикасни школи на општествената солидарност, собирни центри за солидарен марш кон заеднички воспоставените цели. Во моментов пролетаријатот се распаѓа во нешто што на француски јазик би можело да се нарече précarité – неизвесност, чувство дека толото под нозете е нестабилно, дека стоиме на жив песок, хронична несигурност. Чувството на несигурност го зафаќа поголемиот дел од средната класа. Но, разликата е во тоа што тие, напикани во фабриките, под истиот покрив и во истата ситуација (со мерење на времето и движењето според рецептот на Фредерик Тејлор, или на фабричката лента на Хенри Форд, до која сите стојат во истиот ред) ја претставуваа поинаквата – фабричка школа на солидарноста.

Денес се наоѓаме во потполно поинаква ситуација, каде секој го прогонува оној другиот. Живееме во школите – фабриките – на взаемна недоверба и конкуренција. Според новата менаџерска филозофија, секој вработен има обврска да се докаже пред својот надреден, дека тој не е оној што треба да биде отпуштен во наредниот круг за рационализација, туку дека тоа е неговиот сосед. За разлика од пролетаријатот, луѓето во несигурниот систем не тежнеат кон солидарноста, освен кон оној вид солидарност што ја нарекувам „експлозивна“ или „славеничка“ – солидарноста која не го поттикнува здружувањето, туку само служи за синхронизација на извикувањето. Сè уште е нејасно како од извикувањето да се стигне до трансформацијата на условите на општествениот живот.

Според моето мислење ова се главните, но не и сите причини за неволјите кои ги снајдоа овие 70 партии собрани за славењето на Фердинанд Ласал. Да го цитираме Грамши, од ова не произлегува ништо освен потребата за нова културна борба. За замена на старото, истрошено и нереално имагинарно со нешто друго. Таа работа ќе трае многу години.

Би сакал да завршам со едно признание. Понекогаш се чувствувам така како што веројатно се чувствувале раните социјалисти од 19 век. Тие биле безначајно малцинство, на маргините од политичкиот живот. Победата на изборите не била реална можност, па дури ни учеството на изборите. Најхрабрите меѓу нив, каков што бил Ласал, одлучиле да почнат одоздола, па ги завиткале ракавите и енергично се фрлиле на работа. Не очекувале дека решението на општествените проблеми ќе им падне од небо. Се подготвиле за долга, напорна полемика со постојаниот начин на размислување. Не велам дека повторно треба да тргнеме од истата точка, само ја истакнувам сличноста помеѓу ситуацијата во која Фердинанд Ласал се борел со етаблираното мислење од своето време и нашата денешна ситуација. Не се сложувам со оптимистите кои тврдат дека живееме во најдобриот можен свет, ниту со песимистите кои се плашат дека можеби оптимистите се во право. Себеси се класифицирам во третата категорија луѓе денес – луѓе со надеж, кои веруваат дека светот може да биде попристоен отколку што е сега.

Како и нашите предци пред речиси двесте години, ние денес сме желади од кои можеби ќе израснат големи дабови. Ниту едно мнозинство не се создало поинаку, освен како малцинство, малцинство кое често предизвикувало смеа или подбив. За нашата среќа и за среќата на остатокот од човечкиот род, дури и ако сме желади, барем сме обдарени со способноста да мислиме и да избираме.

Задачата што нè чека не може да се изврши до наредните избори. Изградбата на попристоен свет не е шолја инстант кафе. Мора да се чекаат резултатите. Овде нема ништо што може да се подготви набрзина. Од друга страна, никој не може однапред да гарантира успех. Успехот ќе се одвои од неуспехот со присуството или отсуството на долгорочна перспектива, следена со соодветната мера трпение и одлучност, како и долговечната, или дури и бесмртна надеж.

Извор: http://www.social-europe.eu

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото