Зошто „Скопје 2014“ воопшто не е проект

12.11.2013 12:03
Зошто „Скопје 2014“ воопшто не е проект

Веќе одамна се навикнавме на идентитетскиот проект „Скопје 2014“. Шокот, згрозеноста, неверувањето и нагонот за борба и протест преминаа во секојдневие, незаинтересираност или намерна исклученост и апатија.Се уморивме, се навикнавме, си здодеавме самите на себе зборувајќи за овој урбанистички геноцид. Се шетаме со наведнати глави, дискутираме за светски архитектонски трендови, се преправаме дека живееме во нормална држава, зашто ни се гади од бесконечното повторување на критики речиси исто толку колку што ни се гади од „Скопје 2014“. И така му дозволивме на фалсификуваниот политички урбанизам да победи над рационалното знаење и искуство на професионалната фела. Но, проектот не е минато - тој продолжува да се шири секојдневно, дел по дел ни го покрива архитектонското наследство со слој од кич, невкус и архитектонско-урбанистички срам. Сè уште има згради, паркови и простори кои можат да се спасат, а за да имаме сила да се бориме за нивното зачувување мора редовно да се потсетуваме на сите гротескни, нелогични и нелегални гадости кои дневно ни се сервираат под името „Скопје 2014“. Целта на оваа серија текстови ќе биде да се потсетуваме на бројните добро познати но заборавени, досега незабележани, или пак свежо откриени запрепастувачки факти за проектот „Скопје 2014“ и за деталните урбанистички планови со коишто тој беше „легално“ овозможен.

 

Зошто „Скопје 2014“ воопшто не е проект

„Проектот“„ Скопје 2014“ е всушност проект само зашто така беше спонтано наречен од медиумите, пошироката публика, и конечно од неговите творци, кои иницијално го најавија едноставно како „визуелизација“. Проектот беше за првпат најавен дента кога беше јавно презентиран, и проследен со следното соопштение:

„Повод за изработка на оваа визуелизација е да се претстави поставувањето на скулптури и споменици, точните податоци на местоположбата како и за нивната големина. Значи со оваа визуелизација првенствено сакаме јавноста да ја запознаеме со местополжбата на поставување како и нивната големина во однос на опкружувањето. Во реалноста изгледот на овие скулптури и постаменти се многу поубави, бидејќи визуелизацијата е правена врз основа на макети и слики, а не на изработените модели од вајарите. За да го постигнеме сето тоа потребно беше да се создаде визија и да се развијат проекти за повеќе објекти кој ќе ја формираат таа Архитектонско Урбанистичка Целина.“ 1*

Неписменото соопштение беше надополнето со неписмен пропаганден памфлет, во кој нескриено се изразува презир кон културното наследство од времето на југословенскиот социјализам – истиот презир кој ќе доведе до уништување на голем број згради од модерната со историско значење за Македонија.

Иако визуелизацијата беше јавно презентирана во февруари 2010 година, вистинските, но тивки почетоци на проектот Скопје 2014, антиквизацијата и барокизацијата на Скопје, се поместени уште во далечната 2006 година, кога во Општина Центар се донесени одлуките за „отпочнување постапка за подигање споменик на Александар Македонски на Плоштад Македонија“2 и за „зачувување на автентичноста на објектите согласно со ДУП Мал Ринг“3 . Во овие одлуки за прв пат во македонската историја се „задолжуваат инвеститорите без оглед на видот и намената на објектите, на истите да градат фасадни лушпи во истиот стил како на објектите кои тука постоеле пред земјотресот 1963“ (посочувајќи ги парцелите на бившите згради на Народната банка, Офицерскиот дом и стариот Народен театар), а за објектите на т.н. летниковец, хотелот Мериот и Музејот на македонската народна борба се наложува „да се вклопат во фасадниот амбиент на плоштадот“.*

Како и да е, целосната визија - за која памфлетчево, гледано од денешна перспектива , беше мала најава - ја видовме дури во 2010-та, во претходно споменатата, веќе легендарна „Визуелизација на центарот на Скопје во 2014“. Меѓутоа, и покрај тоа што денес на сите ни е добро познато што е „Скопје 2014“, четири и пол години подоцна сè уште не постои законска документација за овој „проект“. Визуелизација за дел од град не постои како посебна законска дефиниција во Законот за просторно и урбанистичко планирање, па така проектот „Скопје 2014“ законски се спроведува единствено преку измените и дополнувањата на деталните урбанистички планови за Мал Ринг, а потем се провлекува и проширува и низ уште неколку други планови (СРЦ Кале Блок 1, Судска Палата 2, Голем Ринг-Исток, Голем Ринг-Запад итн.). Ова значи дека проектот „Скопје 2014“ се сведе на низа од необразложени и опскурни измени и дополнувања на урбанистички планови за централниот дел на Скопје,иако, според тогаш важечкиот Генерален урбанистички план на Град Скопје (2002-2012), за сите промени од поголем обем во ДУП-от Мал Ринг, задолжително мораше да се спроведува анонимен јавен меѓународен конкурс. Бидејќи јавен урбанистички конкурс не беше распишан ниту за една измена и дополнување на ДУП-от Мал Ринг, јасно е дека сите плански документи со кои се „легализираше“ Скопје 2014 беа спротивни на законот.Тие конкурси не само што не се спроведоа, туку официјалните автори на сите измени и дополнувања од 2006 до денес – урбанистите од проектантското биро ИН-ПУМА од Скопје, ниту еднаш не се појавија во јавноста, ниту некогаш дадоа изјава за нивната огромна улога во историската трансформација на центарот на Скопје. Со своето криење, тие само го потврдија она што сите го знаеме – дека тие се само извршители, а не автори на оваа визија.

Бидејќи „проектот“Скопје 2014 се спроведува низ измените на деталните урбанистички планови без воопшто да биде спомнат, а камо ли образложен - единствениот пишан документ каде делумно се дефинира опсегот на проектот, беше претставен оваа година како „Отчет за Скопје 2014“. Овој извештај е склопен набрзина, во паника, ден по третиот изборен круг на локалните избори, кога загубата на градоначелничкото место во Општина Центар веќе беше извесна, а ревизијата на проектот „Скопје 2014“ најавена. Разгледувајќи го „отчетот“, после долгата листа на згради, фасади, споменици... доаѓаме до листата на проекти дефинирани како „ФОНТАНИ И СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈА КОИ НЕ СЕ ВО ПРОЕКТОТ СКОПЈЕ 2014 И НЕ СЕ ПРИКАЖАНИ СО ВИЗУАЛИЗАЦИЈА А НЕКОЈ БИ МОЖЕЛ ДА СЕ ОБИДА ДА ГИ ПОВРЗЕ СО ПРОЕКТОТ СКОПЈЕ 2014“*, каде, меѓу останатото спаѓаат Воинот на Плоштад, Карпошово востание, спомениците на Ѓорѓија Пулевски, Димитрија Чуповски итн...

Иако промоторите на проектот во текот на изминатите години очигледно немаа решено меѓу себе што всушност спаѓа во Скопје 2014 („Скопје 2014 е....изградба на Северната трибина, Западната трибина, изградба на Калето, изградба на Источната трибина, изградба на на Булеварот Србија, реновирање и комплетна реконструкција на Зоолошката градина..изградба на стотици, стотици други објекти ширум Македонија“4 ), оваа година, од единствениот официјален документ за проектот, конечно научивме дека „Скопје 2014“ е сè она што може да се види во визуелизацијата . Со Отчетот, всушност, глумејќи транспарентност пред пошироката јавност, беше направен обид драстично да се намали сумата на украдени милиони, со објаснувањето дека сè она што не се гледа во визуелизацијата – не спаѓа во „проектот“.

Четири и пол години и купишта милиони евра подоцна, сите знаеме дека Скопје 2014 не е проект за зачувување на културно-историското наследство , ниту за подобрување на квалитетот на живот на жителите на Скопје. Проектот „Скопје 2014“ е ништо друго освен огромна дивоградба која треба да биде градежна материјализација на фалсификуваниот новокомпониран национален идентитет.

Сепак, би сакала да потсетам дека „проектот“ на којшто се потрошени 500 милиони евра народни пари, кој предизвика длабоки внатрешни поделби и тензии по етничка, верска и партиска линија, и воедно придонесе за обезвреднувањето на македонското законодавство и урбанистичко-архитектонскиот еснаф... е всушност никогаш најавена, никогаш дискутирана, никогаш планирана или ревидирана, ниту одобрена 3Д визуелизација од непознат автор.


*граматичките и синтаксичките грешки, како и неписменоста на одредени фрази и изјави, се директен цитат од оригиналот.

1 Од веб-страната на Општина Центар

2 Службен гласник на Општина Центар бр.9, 2006
3 Службен гласник на Општина Центар бр.7, 2006
4 Илија Димовски, 124 седница на Собрание на РМ, декември 2010

ОкоБоли главаВицФото