Eine grosse Katastrophe!

13.11.2013 08:47
Eine grosse Katastrophe!

Која иронија за режимот! Нивниот најголем проект Скопје 2014, кој е истовремено емпириски и идеолошки, политички инженеринг за идентитетско ребрендирање кое се раѓа како крајно субјективно согледување на македонската национална историја и култура, сѐ повеќе се претвора во феномен кој го објективизира лудилото на режимот.

Германскиот филозоф Фридрих Шелинг има напишано дека уметноста е објективизација на субјективното, дека уметникот успева да го направи видлив духот на она што е сокриено во материјата. Е, па јас мислам дека истото важи и за псевдоуметноста, за уметноста диктирана од политички интереси и цели.

Ако за голем дел од македонската јавност објективизацијата на режимот значи купување на нивните души и перење на нивните мозоци, за странците тоа значи согледување на вистинската природа на режимот. Не дека тоа нам многу нешто ни менува во овој момент, но дава кураж и е убава сатисфакција за оние кои со години го зборуваат тоа, кога светот ќе препознае дека нешто опасно и погрешно се случува во Македонија. Но, со текот на времето, препознавањето на режимот од светот може да помогне.

Последниот текст за Македонија од реномираниот германски неделник „Шпигел“ е најдобра потврда за оваа тенденција. Искрено, пред овој текст постоеја и други кои дубиозно гледаа на нашата национално-идентитетска реконструкција. Дури и „Економист“, „Фајненшал тајмс“ или „Њујорк Тајмс“, каде инаку власта скапо ја рекламираше Македонија и нашиот наводен економски рај, ѝ одговорија на власта со контрареклама кога искажаа сомнежи за состојбите во македонското општество, економија и демократија.

И настрана овие реномирани светски медиуми, приказната за лудилото на нашиот режим на регионално ниво полека прераснува во главна тема за балканските медиуми, социолози, и уметници. Речиси секоја недела можеме да сретнеме не само критички написи, туку и исмејувачки коментари за нашата градителска фантазмагорија. Србија, Хрватска, Словенија, Босна, Бугарија, не можат да се начудат на тоа што им се случува на Скопје и на Македонија.

Тоа значи дека последиците и катастрофите од нашиот режим сѐ повеќе и сѐ позабрзано се интернационализираат и се објективизираат, односно сите констатираат дека сме апсолутно луди под овој режим.

Е, сега, која е вистинската вредност од оваа објективизација на лудилото на нашиот режим? Мала е користа ако некој констатира дека СК 2014 е огромен кич, дека Скопје тоне во кич. Естетските оцени се важни до одреден степен. Тоа што е важно е она што следува, а тоа се политичките и економските корелации и констатации кои произлегуваат од сознанието за естетското лудило.

Еве само еден мал исечок од анализата на „Шпигел“: „Економската ситуација е најмалата причина за да се гради овој триумф. Кризата тешко ја погоди Македонија. Секој втор млад човек нема работа. Стапката на невработеност во оваа поранешна југословенска република е една од највисоките во светот, таа изнесува речиси 30 проценти. Тој што има работа треба да биде среќен ако платата му стигнала навреме за претходниот месец. Универзитетите се слабо опремени, истото важи и за болниците. Реконструкција е потребна речиси насекаде. Но, Владата очигледно има други приоритети“.

Како резултат на чудењето на светот од проектот СК 2014, потоа се откриваат и криминалот, политичкиот инженеринг, економската неисплатливост, демократските состојби, и сите останати болести на нашето режимско општество.

Тоа значи дека многу поважно е објективизирањето на фактот дека СК 2014 е лажна национална реконструкција, дека македонската економија е во длабока криза, дека бесрамно се прекршуваат законите, дека ДПМНЕ ги заплашува новинарите, дека СК 2014 потсетува на авторитарен режим.

Гледате, Скопје 2014 стана магнет за регионалните и за светските медиуми малку подлабоко да закопаат во меандрите на нашето општество и политика, и да откријат дека Македонија не е само некоја си банана држава, туку дека е организиран, криминален и недемократски режим концентриран во рацете на една партија и една тесна група луѓе.

Очекувам дека кога светскиот и регионалниот шок од неестетиката и кичот ќе се блазираат, дека до тогаш Македонија ќе прерасне во интернационализиран пример за една мала и недемократска држава, која треба да се анализира и да се изучува, но и на која треба да ѝ се помогне, односно да му се помогне на народот, да се ослободи од лудилото на режимот.

Сите ќе сфатат дека не страдаме само од невкус и кич, туку дека страдаме од сиромаштија и мизерија, од задушени слободи и права, од еден авторитарен режим. Дека сме буквално Eine grosse Katastrophe!

Слики: Свирачиња & Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото