1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Даниел Елсберг, најважниот американски издавач на XX век, придонесе за завршување на Виетнамската војна со објавување на документите на Пентагон. Во јули 2013 на Твитер напиша максима за државите од дигиталната ера: „Тајноста корумпира како и моќта“.
Допрва ќе се поаже значењето и мудроста на оваа голема реченица. Корумпирачкиот отров на тајната веќе дејствува. Можеме да го препознаеме по растечките последици на скандалот со шпионирањето - недовербата. Сите стануваат недоверливи кон секого и тоа во дигиталниот свет каде човекот и нема ништо друго освен довербата. Живееме во општество на податоци. Сѐ се претвора во дигитална информација, личните и интимните податоци, сѐ што човек го прави ранлив, подложен на напади и уцени.
Како и со контролата на власта, кај државната тајност не станува збор за нејзино укинување, туку за спротивставување на монструозното ширење на тајните операции.
Еден мисловен експеримент би можел да го осветли степенот до кој се умножуваат отровите на демократијата: недовербата, моќта и тајноста. Дознавме дека е прислушкуван телефонот на Ангела Меркел, при што нејзините разговори веројатно се и снимани. Дали е навистина незамисливо тука да се појавиле и информации чиешто објавување би ѝ нанело голема штета на канцеларката?
Можеби таа преку телефон се заблагодарила за подарениот автомобил играчка. Но каква улога би можело да одигра тоа во идните преговори? Овде се наметнува прашањето дали Ангела Меркел сега може да се уценува. До душа, ова е само мисловен експеримент, но покажува колку машинеријата за надзор е опасна за демократијата кога се шири без ограничувања, бидејќи преку тајноста ја избегнува демократската контрола.
Доколку германската влада одлучи да започне преговори со Велика Британија и САД, нивниот најверојатен исход ќе биде воедно и најлошиот можен - пристапување кон англосаксонската шпионска унија Five Eyes. Проста промена на страната од групата на оние кои се прислушкувани во таборот на оние кои прислушкуваат.
Ангела Меркел на евросамитот во октомври со една полуреченица покажа кое решение го претпочита. На прашањето за британскиот премиер и Five Eyes, рече: „За разлика од Дејвид, ние за жал не сме дел од оваа група“. За жал не сме дел од оваа радикална група на тајни служби која ги игнорира сите устави и основни права?
На почетокот на ноември дознавме дека БНД (Bundesnachrichtendienst, германска контраразузнувачка служба; нејзин пандан е ЦИА) е длабоко вмешана во надзорот на дигиталната сфера. Гардијан пишува дека Британците на германските служби им покажале како се заобиколуваат законските ограничувања и како се лобира против нив. Целокупната машинерија на тајните служби е надвор од контрола, вклучително и германските служби. Незадоволството на политичарите насочено единствено против NSA, без поставување на какви било прашања за соработка со германските служби - е евтин трик.
Вистината е следна: политичарите од сите партии на еден квази религиозен, ирационален начин, кој ги прави имуни на аргументите како ефикасноста и правната држава - се опседнати со тајниот надзор на граѓаните. Неодамна и германското министерство за внатрешни работи го претстави планот според кој има намера да ги собира сите податоци директно од главниот дигитален германски јазол во Франкфурт. Тоа тајно надгледување на граѓаните во NSA стил покажува дека министерот за внатрешни работи има чувство за оваа тема како годзила на крек.
Треба да ја зауздаме незаситната машинерија за надзор. Треба да го укинеме складирањето податоци, кое е германски еуфемизам за надзор на граѓаните. Тоа е прв чекор кон шпионскиот пекол, бидејќи без никакви основи е насочен против граѓаните. Тоа е црвената линија.
Надзорот без основа во спрега со тајноста е заедничка карактеристика на германското собирање податоци и американската Призма. Отровот на тајноста се претвора во одмерена и неопходна скепса кон државата во гола недоверба. А недовербата, од друга страна, е најдобар аргумент за уште поголема тајност. Западниот свет се наоѓа во антидемократски маѓепсан круг. Откритијата на Едвард Сноуден даваат веројатно единствена прилика да се ослободиме од овој маѓепсан круг, само треба да ги искористиме.
Извор: Spiegel