Апсурдистан

15.11.2013 09:53
Апсурдистан

1.

Ние сме земја на апсурди. И народ на апсурди. Апсурдистан. Сѐ што е нормално, нам ни е туѓо, чудно, неразбирливо… Ама затоа апсурдните, ненормалните нешта ни се блиски, наши, некакво разбирливо секојдневие, животна радост, огреано сонце. Се чудиме на логичното, го разбираме нелогичното, глупавото, апсурдното… Лустрираме мртви кодоши, живите ни шетаат по улица; ја бришеме сопствената историја, увезуваме туѓа; на Ченто процесот да ти бил монтиран, ама тој немонтирано и директно, го затворил дедо Михаил; наши фирми во странство градат патишта за 2 милиони евра километар, кај нас странци за 5 милиони; додека луѓе умираат по болници, на телевизија еден бурекојадач продава чудотворни лекови; она што нормални луѓе го сработуват за 3-4 часа, наш министер за здравство не може ни за 19 часа… Или, од толку уметници во државава, наградата 13 Ноември за уметност ја добива Драган Мијалковски; прва награда за проектирање на училиште е 2.500 евра, ама за песничката на Љамбета од 3 минути е дваесет илјади евра; спасителот ни Субрата дома должи четири милијарди долари, ама кај нас купува Бентли од 500.000 евра; додека во Кисела вода во сообраќајка гинат пет млади деца, градоначалничката трча кај Бејби да гаси пожар; додека ние градиме нови хорор музеи, „некој“ континуирано ни ги пљачкосува старите…

2.

И нормално, сите се загрижени за последниот грабеж во Музејот на Македонија. И јавноста е загрижена. Се обидува да ги открие причините. Дури и Лилчиќ е загрижен. Дели совети, како што му прилега на директор на Управа за заштита на културното наследство. Демек, музеите не биле доволно обезбедени. Уууу, богати. Добро утро, професоре. Та ние не сме знаеле! (Кој сѐ стана професор во државава, и директор, да се чудиш).

Само Министерството за култура е мирно. И ладно. Шприцер. Мува не ги лази. Нема ни соопштение, ни бутур. Само ги пуштиле тоа пците што нагалено ги викаат инспектори, да извршеле, демек, увид. После смрт – болест! А што правеа до вчера? Колку години не си ја извршувале работната обврска? Поим немаат што се случува во институциите. Во оној нормален, стручен дел. Инаку, сѐ друго знаат. Од партиска припадност до симпатизери, од брачен статус до број на чевли на луѓето… А всушност, тие „инспектори“ ги активираат само кога треба да сменат некој директор кој не им е по ќеиф. Е тогаш ги пуштаат од ланец и бараат игла во пласт сено. Ако ја нема – ќе ја измислат. За тоа се махери. Едно цело министерство душкачи.

Барем едно извинување да напишеа, онака штуро, два – три збора, што ја раскурцаа, да простите, комплетната македонска култура. И стара и нова, и жива и мртва!

3.

Иако сето ова всушност воопшто не го амнестира Музејот „како таков“. Ама тие кутрите не ни знаат што им фали. Ни од кога им фали. Шарлатани. Сето тоа е производ на извонредно „стручната“ работа последниве години. Кадровска и стручна политика пар екселанс. Уште од времето на онаа „уметница“ пророчица – кадар на Лилето на тато Блаже – која глумеше директорка и правеше „скулптури“. Уби боже.

Велат, предметите/артефактите (колку луѓето уживаат што го научиле овој нов збор!) ги снемало при селидбата од еден (Музеј на Македонија) до друг (Археолошки музеј) музеј, одалечени не повеќе од 300 – 400 метри! Е па така ви е кога го затворивте Паско. Нему тоа немаше да му се случи. Гарантирано. Може ќе се појавеше вишок предмети, ама кусок – никако.

И како тоа ги носеле артефактите, па овие по пат се загубиле? Мануелно – рачно, во џебови? Па луѓе божји, нормални ли се овие? Кај нас, едноставно, не може да се случи ниту нормален грабеж на музеј. Онаков, како на филм, или како оние од „Пинк Пантер“ групата, па човек да ужива во спектаклот: сопираат блиндирано комбе, пукаат, фрчат куршуми, обезбедувањето мора да се предаде, има и по некоја жртва, крадците го носат пленот. Или, премостуваат сигурносни системи, успиваат стражари, отвораат сефови… милина. Тоа е грабеж.

Кај овие нашиве не се знае ништо. Ни кој влегол, ни како влегол, ни дали воопшто влегол, ни што имале, ни што е украдено… Сега прават списоци! А дали и дома не знаат што имаат? Ако нешто им фали од дома, ќе откријат ли после година – две? Какви дебили! Ама затоа, кога треба да си го прошетаат газот во странство, тоа знаат. Па нека е и Софија, каде во нашиот Културен центар ќе ја „претстават“ највредната збирка на неолитски и енеолитски теракотни фигурини, т.н. праисториски дами. Изложени онака, лефтерно, без каква и да е заштита. Во Културен центар наместо во музеј. Меѓу оној кичерајон на Милош Коџоман. И тоа сето со дозвола и пари и од Министерството ни и од Управата за заштита на културното наследство! Е после – леле мајко!

Ајде натерајте еден сериозен европски музеј (да не одиме подалеку) да изложи вредно археолошко богатство во некаков културен центар од 50 метри квадратни, без обезбедени витрини, без стручен персонал, онака на отворено, каде што секој може да ги допира и, случајно или намерно, да ги уништи експонатите… Па ние самите им се нудиме на крадците, онака најбезобразно и најидиотски.

Какви се бре овие шарлатани што седат на одговорни места? И како е можно директорот на Музејот на Македонија да не е во притвор, да нема изјава, да не знае што му се случува? И како е можно директорот на Управата за заштита на културното наследство да е сѐ уште на работа и да соли памет? И како е можно тоа „инспекторчињата“ од Министерството, ама и некој од повисоките „глави“, уште да примаат плата?

Апсурдистан – и сѐ е можно!

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото