Европскиот културен идентитет

15.11.2013 10:13
Европскиот културен идентитет

Луѓето кои се занимаваат со мојата професија вложуваат огромни напори да ги избегнат конгресите, симпозиумите и интервјуата за опсесивната тема на европскиот идентитет. Ова прашање не е ново, но стана горливо последниве години, во време на често негирање на постоењето на овој идентитет.

Многумина од оние кои го отфрлаат европскиот идентитет главно се неоптоварени со културен багаж, освен речиси вродената ксенофобија која би сакала да го види континентот поделен на парталчиња од ситни татковини. Тие не се свесни дека тоа е идентитет кој настанувал од основањето на Универзитетот во Болоња (1088) и „скитачките свештеници“ од сите фели, кои талкале по континентот од универзитет до универзитет - од Упсала во Шведска до Салерно во Италија - комуницирајќи на еден заеднички јазик кој го знаеле, латинскиот. Европскиот идентитет, како што се чини, го гледаат само образованите луѓе. Тоа е жално, ама и тоа е некаков почеток.

Во врска со тоа, би сакал да цитирам неколку пасуси од Прустовото „Повторно најдено време“. Сцената се одвива во Париз во време на Првата светска војна. Ноќе, градот е во страв од цепелините кои лебдат над покривите. Луѓето ги обвинуваат омразените Шваби за разни стравотии. Па сепак, овие страници на Пруст дишат со германофилски дух кој се провлекува низ разговорот на протагонистите.

Шарли е германофил, иако неговото одушевување од Германците, судејќи според сѐ, нема толку врска со културните афинитети колку со неговите сексуални склоности: „Нашиот восхит од Французите не значи дека треба да ги омаловажуваме своите противници; така се навредуваме себеси. Вие не знаете каков војник е германскиот војник, вие кои не сте го виделе како мене, додека маршира на парада. Враќајќи се на идеалот на машкоста за кој ми зборуваше во Балбек... ми рече: Видете, врвен и стамен е тој швапски војник, силно, здраво суштество, кое мисли само на славата на својата земја, Deutschland über alles.“

Да го оставиме Шарли и книжевните реминисценции од неговиот прогермански говор и да преминеме на Сен-Лу, храбар војник кој подоцна загинува во борба. „Сен-Лу, обидувајќи се да ми предочи одредени спротивности на светлината и сенката кои беа 'волшепства на неговото' утро... не се плашеше од алузии на некои страници од Ромен Ролан, или од Ниче, со независност каква што се среќава кај луѓето кои беа во рововите, и кои, за разлика од оние кои останува во позадина, никогаш нималку не се плашеа да изговорат некое германско име... Сен-Лу ми зборуваше за некоја мелодија на Шуман, ми го даде насловот само на германски и веднаш ми рече, без да се воздржува, дека во зората кога го слушнал првиот цвркот на птицата од работ на шумата, бил одушевен како оваа птица да му зборувала 'за оној величествен Зигфрид', кој се надева дека ќе го слушне по војната“.

Или: „Дознав дека Робер де Сен-Лу е убиен два дена по враќањето на фронтот, штитејќи го повлекувањето на неговите луѓе. Немаше човек кој помалку од него се хранеше со омраза на цел народ... Последните зборови кои ги слушнав од неговата уста, шест дена претходно, беа оние од почетокот на песната на Шуман која ми ја пееше на скалите, на германски, но поради соседот морав да го замолчам“.

И Пруст забрзано додава дека ни тогаш во француската култура ништо не забранувало проучување на германската култура, која можела да се следи со малку претпазливост: „Еден професор напиша извонредна книга за Шилер, и за тоа пишуваа весниците. Но пред да проговори за авторот на книгата, рецензентот напиша, како да е тоа дозвола за објавување, дека бил на Марна, во Верден, дека има пет одликувања и дека му загинале два сина. Потоа го пофали јасниот стил и длабочината на книгата за Шилер, кој може да се опише како 'голем' само ако наместо 'тој голем Германец' напишете 'тој голем Шваба'“.

Тоа е она што ја сочинува основата на европскиот културен идентитет: трајниот дијалог меѓу литературата, филозофијата, музичкото и драмското творештво. Тоа не е нешто што една војна може да го избрише. И токму тој идентитет е темел на заедницата која се спротивставува на најголемите бариери, оние јазичките.

Извор: L’Espresso/Presseurop

ОкоБоли главаВицФото