Оптимизмот – помеѓу митот и реалноста

15.11.2013 12:00
Оптимизмот – помеѓу митот и реалноста

Накратко, оптимизмот е позитивен став кон иднината. Меѓутоа, луѓето често веруваат дека да се биде оптимист значи да се биде позитивно настроен кон сè и да се верува дека сè ќе биде како што треба. Сепак, на таквиот поглед на светот повеќе би му одговарала синтагмата слеп оптимизам. Видот оптимизам за кој психолошките истражувања покажуваат дека е корисен е реалниот оптимизам.

Генерално, реалниот оптимист негува позитивен став кон иднината, но не и убедување дека сè ќе се одвива совршено според него. Тој е свесен дека повремено го чекаат неволји, но верува дека ќе биде во состојба успешно да се справи со нив. Да речеме дека една личност боледува од рак. Извесно е дека не можат да ја излечат „среќните мисли“. Во таквата ситуација, реалниот оптимизам би се состоел во нејзината одлука проактивно да трага за лекари со добра репутација и методи за лекување кои се покажале успешни во практиката, како и верувањето дека и во нејзиниот случај лекувањето ќе доведе до позитивен исход.

Како психолозите утврдуваат дали некој е оптимист?

Еден од начините е едноставно да ги прашаат луѓето, за што на располагање им се неколку стандардизирани прашалници. Меѓу најчесто користените мерни инструменти на овој вид е Тестот за животната ориентација (Life orientation test). Тој се состои од десет едноставни прашања за интуициите на испитаникот за погледот кон иднината, а неговите одговори одредуваат дали тој им припаѓа на оптимистите или песимистите.

Друг начин е да се види што се случува во мозокот на поединецот додека мисли за позитивните, односно негативните нешта. Во овој случај, се следи мозочната активност на испитаникот, на пример, додека гледа видео клип, слуша или чита приказна со позитивно, односно негативно обоена содржина.

Општиот заклучок до кој е дојдено врз основа на таквите експерименти е очекуван: изложеноста на позитивен, односно негативен материјал, е следена со различни матрици на мозочна активност. Меѓутоа, дојдено е до уште еден, позначаен увид за психолозите: образецот на реакција на мозокот на позитивната или негативната содржина, на ниво на поединецот е релативно траен. Со други зборови, во повторениот експеримент, истиот испитаник ќе покаже иста мозочна активност доколку му се презентира иста или слична содржина. Психолозите тоа го толкуваат како предиспозиција да се реагира на одреден начин. Освен тоа, истражувањата врз основа на електроенцефалографијата (ЕЕГ) утврдиле дека позитивното расположение е следено со посилна активност на левата мозочна хемисфера. Обратно, зголемената анксиозност или стравот ги следи зголемена активност на десната хемисфера.

Мислење или дејствување?

Популарната психологија и книгите издадени со етикетата самопомош, гледаат на оптимизот како на начин на размислување. Поедноставно кажано, пораката е дека оптимист се станува со усвојување на одреден начин на размислување. Меѓутоа, тоа не е толку едноставно.

Внимателно осмислените истражувања покажуваат дека оптимизмот во голема мера е начин на дејствување. Американскиот психолог Сузан Сегерсторм извела едноставен експеримент за да ја провери оваа хипотеза. Врз основа на резултатите на тестот за животната ориентација, таа ги поделила своите испитаници, студенти по право, во две експериментални групи: оптимисти и песимисти. Потоа, секој испитаник добил задача да реши неколку анаграми, меѓу кои имало и еден нерешлив. Наод: оптимистичките луѓе подолго и поупорно се обидуваат да дојдат до решението; потешко се откажуваат. Ваквиот пристап кон проблемите, заземањето на ставот „јас можам да го направам тоа“, прилично добро може да ја објасни одамна воочената корелација помеѓу оптимизмот и животниот успех.

Сегерсторм не останала само на тоа. Дошла до идеја да го спореди имунолошкиот систем на оптимистите и песимистите. Следејќи го во подолг период имунолошкиот систем на своите испитаници, студенти по право во прва година, дошла до интересен, крајно контраинтуитивен резултат: студентите оптимисти често имале благо загрозен имунолошки систем. Сегерсторм смета дека тоа не е загрижувачки. Тоа е цената која ја платиле оптимистите за поголемиот труд и залагањата во однос на песимистите, кои ќе им се исплатат веќе во втората година.

Невронаучникот Тали Шарот ја поврзува темата оптимизам со (и)рационалноста. Неспорно е дека за себе мислиме дека сме рационални и темелни, но реалноста често нè демантира. Слично, никој од нас не е имун на таканаречената оптимистичка пристрасност. Истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе сметаат дека ќе заработуваат повеќе од просекот, дека нивните бракови ке бидат среќни, дека ќе ги следи добро здравје... Статистиката за личните приходи и склопените и разведените бракови го побива таквиот оптимизам.

Оптимистичката пристрасност, сметаат Шарот и бројни други истражувачи, е корисна од еволутивната точка на гледиштето, и судејќи според сè, носиме предиспозиција да ја развиеме. Пред сè, постои корелација помеѓу оптимизмот и средното очекувано траење на животот. Тоа значи дека позитивниот поглед на светот влијае на општото здравје. Една од разумните претпоставки е дека оптимистичкиот став кон животот и иднината ја намалува анксиозноста и нивото на секојдневниот стрес поврзан со чувството на неизвесност и страв, кои спаѓаат во факторите кои ја нарушуваат здравствената состојба. Освен тоа, оптимизмот е мотиватор. Како што се гледа од опишаните експерименти, оптимистите подолго се борат против проблемите и потешко се откажуваат од нивното решавање, што ги прави поадаптивни на кои било услови во животната средина.

Дали се раѓаме како оптимисти/песимисти?

Со други зборови, дали гените имаат каква било улога во тоа дали некој ќе биде оптимист или песимист? Тезата во вид на потврден одговор на ова прашање не е нова.

Генот познат како ген за транспорт на серотонинот одамна се поврзува со негативниот начин на размислување. Луѓето со кратка верзија на овој ген во просек имаат попесимистички поглед на животот од носителите на подолгата верзија од истиот ген. Една долгорочна студија, спроведена во период од 23 години, имала за цел да утврди дали носителите на пократката верзија од генот се понаклонети да развијат депресија, имајќи предвид дека таа е поврзана со негативниот начин на размислување. Првите резултати биле негативни. Подеталната анализа, пак, фрлила ново светло на наодите од студијата: на носителите на краткиот ген за транспорт на серотонинот им е потребно повеќе време да се изборат со негативните ситуации во животот, како што се тешките заболувања, смртните случаи во семејството итн. Со оглед на тоа дека подолго се извлекуваат од проблемите, тие се поизложени на ризикот да развијат депресија.

Накратко, генот нè прави поподложни на негативниот поглед на нештата, па дури и да страдаме од депресија, но неговото влијание ќе се искаже дури во интеракција со соодветните влијанија од средината – доколку животот нè соочи со реално тешки животни ситуации.

Можеме ли да ги измамиме гените?

Клучното практично прашање гласи: дали постои начин песимистот да заземе попозитивен однос кон животот? Се чини дека има научни наоди кои сугерираат дека такво нешто е можно. Имено, познато е дека песимистите страдаат од песимистичка пристрасност – им посветуваат поголемо внимание на негативните работи; доколку некоја ситуација може да има позитивен и негативен исход, веруваат дека ќе се случи ова второто. Во лабораториите за когнитивна психологија одамна е утврдено дека таквата пристрасност функционира на несвесно ниво, заради што е невозможно на неа да се делува со волјата, со позитивните мисли.

Професорката по когнитивна психологија на Универзитетот во Есекс, Илејн Фокс развила интересна техника, тренинг, чив резултат требало да биде пооптимистичкиот поглед на животот.

Испитаникот седи пред монитор на кој, за момент, му се прикажуваат две слики – една позитивна и една негативна. Од него се бара да го притисне копчето кога на екранот ќе се појави, на пример, син круг. Понекогаш компјутерот го претставува овој круг во делот од екранот на кој претходно била прикажана позитивна, а понекогаш на делот од екранот каде била прикажана негативна слика. За одредено време, преку голем број повторувања, компјутерот зачестено ја сместува метата на местото кое било резервирано за позитивната фотографија. Фокс верува, и почнува да собира докази за својата хипотеза, дека мозокот на испитаникот може да се тренира инстинктивно да го насочи вниманието кон нештата со позитивен набој.

Извор: http://akuzativ.com

ОкоБоли главаВицФото