За тепачките во автобусите

15.11.2013 12:13
За тепачките во автобусите

Вечерва претепани деца во Ченто. Секоја година, во овој период, иста катастрофа! Ќе страдаат децата, а ретко кога се фаќаат тепачите.

Е сега, веднаш ќе се јават оние што ќе бараат од Албанците да ги осудат тепачите во своите редови, или обратно. Веќе има од оние што како виновник ќе ги посочат невладините и активистите. Сте реагирале за овој, а не за оној. Видена работа, дефокусирање, допотпалување на огнот што тлее и полека нѐ гори, но никако да нѐ изгори, оти сме умни и не ја сркаме со години подгреваната иста смрдена чорба.

Го разбирам гневот, ама и овој пат како и претходно, ќе го посочам прстот не кон НВО и активистите, не кон граѓаните Македонци и Албанци, туку кон оној што треба да ги фати тепачите.

Пред некој ден МВР кажа дека имало 109 инциденти со тепачки на ученици само оваа година! Овој вечерва во Ченто ќе да е 110-ти или повеќе. А не кажаа џандарите колку од тие инциденти добиле епилог, колку насилници фатиле, колку од нив се зад решетки? Штом не кажуваат, претпоставувам дека се малку. Не се криви активистите и невладините, не се криви луѓето што стрепат за своите деца и гледаат виновник во „другите“. Ама и седењето дома и чекањето детето да ти се врати бумбар веќе не се трпи.

Во Америка, при нередите со полицијата за тепањето Афроамериканци во Л.А. (и не само таму, има и други примери), се оформија граѓански стражи и граѓанска полиција. Луѓето ги преземаа работите во свои раце. Не сакам да дојдеме во таква ситуација, ама граѓаните, и Македонци и Албанци, треба да стават прст на чело и да најдат некакво заедничко чаре, штом оваа полиција што ја имаме не си ја врши работата. Мора да ги натераме да си го одработат тоа за кое се платени. А не ги плаќаме за да исфрлаат новинари од собрание и да не им дозволуваат протести, да се силат и изживуваат врз луѓето по улици, да казнуваат, туку пред сѐ да ни го штитат животот и да ни обезбедат мирна држава.

Извор: Фејсбук профилот на авторот