
Скопје одбележува редок јубилеј: поминаа точно 1900 години од неговото раѓање и непрекинато постоење. За далечното минато на градот малку дознаваме од пишаните документи. За среќа, материјалните (археолошки) остатоци се бројни и тие ни овозможија да реконструираме значителен дел од минатото). Уште позначајно е дека минатото може да се следи преку градежните остатоци и урбаните шеми. Од нив ќе тргнат и нашите забелешки, изнесени во овој прилог.
Необично е тоа што остатоците на старо Скопје лежат не на едно, туку на неколку места. Градот бил неколку пати преместуван на нови локации и граден секогаш со нови урбани вредности, со поинаква големина и форма, со други внатрешни и надворешни обележја. Меѓутоа, и покрај сите разурнувања и преселувања, во сите епохи од антиката до денес Скопје успевало да ги задржи карактеристиките на вистински град и низ целата своја историја да биде постојано најголемиот град во средно-балканските релации, помеѓу Солун на југ и Дунав на север.
Ова се навистина големи сознанија за нас, а минатото на Скопје е по многу нешта единствено. Но, на ова место ќе се задржиме само на едно прашање: на преместувањата на Скопје.
Ние денес точно знаеме за остатоците на римско Скупи на устието на Лепенец во Вардар и за доцноантичкото гратче собрано на врвот од Зајчев Рид. Знаеме и за рановизантискиот град-тврдина на падините на Водно и за средновековниот град на ритчето Кале преку Вардар. Натаму, за турскиот шехер раширен долж Серава. Да се запреме тука.
За да се изгради нов град, стариот требало да страда. И ние во нашата историска занесеност за некогашните катастрофи на Скопје ги обвинуваме варварските провали, земјотресот од 518 година, Словените, Византијците, Турците, Австријците и кого уште не. Точно е дека тие постоеле. Меѓутоа, горчлива е и вистината дека несреќите го ослободувале градот од старата лушпа во која бил заробен. Му помагале побрзо да создаде нова урбана концепција и нови градежни форми соодветни на тогашните историски промени. Градот како да не трпел компромиси и крпења на старото, туку се одлучувал на целосни промени.
Тоа е вистината. И тоа е наша голема среќа, покрај сите несреќи што Скопје го снашле во минатото, да можеме денес да ги следиме скоковите од едно место на друго и секаде да среќаваме нови форми и нови урбани вредности.
Се поставува и прашањето: дали постоел некој оригинален шаблон и форми создавани само за Скопје? Според тоа што досега е откриено, одговорот е негативен. И урбаните шаблони и архитектонските форми биле пред сѐ одраз како на постоечките градежни остварувања во светот, условени од начинот на живеење во соодветната епоха и од модата, така и од економските можности, старите Скопјани да ги прифатат светските новотии.
Останува уште да се задржиме во најкуси можни црти на урбаните концепции по кои Скопје било градено.
Првиот вистински град на ова место било римското Скупи. Градот бил оформен на ј/з падина на Зајчев Рид, во денешното Злокуќани. Позицијата била максимално изложена на сонце и заштитена од северните ветришта. Градот имал класичен римски шаблон на кардо-декуманус. Поради релјефот на почвата, замислената ориентација С-Ј и 3—И морала да отстапи кон СИ-ЈЗ и СЗ-ЈИ. Сите улици биле повлечени во права линија и биле паралелни меѓу себе, односно се сечеле под прав агол. Инсулите, блоковите меѓу улиците биле правилни, со однапред пресметан сооднос (должина-ширина).
Градот бил врамен со правоаголна рамка од одбранбени ѕидови, долга 2.500 и широка 2.000 стапки. Единствено поради стрмнините на Зајчев Рид, северниот и источниот агол на овој правоаголник биле потсечени. Внатре во градот се откопани или сондирани делови на улици и неколку јавни и приватни градби. Многу повеќе градби се начнати со случајни градежни работи на тој простор. Преку нив ние денес зборуваме дека Скупи имало класична римска урбана шема, со сјајни јавни градби и палати, со водовод и канализација, поплочени улици и тремови. Накусо, за еден голем провинциски град со богат стопански, културен и забавен живот, со своите 43 хектари Скупи било 2 пати поголемо од Стоби, пет пати од Хераклеја кај Битола или девет пати од Баргала кај Штип.
Од каде во Скупи тие строги елементи на системот кардо-декуманус, таа нехумана, праволиниска шаховска табла со пресметани инсули и улици од крај на крај на градот? И од каде таа сила и тие средства градот да се оформи наеднаш и целосно?
Одговорот лежи во историските настани: на преминот од старата во новата ера на ова место бил изграден голем војнички логор по шемата на кардо-декуманус. Неколку децении подоцна кога војската била преместена на границите на Царството, во логорот се населиле цивилите затекнувајќи веќе готови улици со комунални инсталации, низа градби и градски ѕидини. Градот бил веќе изграден! На ист начин израснале речиси сите позначајни западноевропски градови кои постојат и денес.
Натамошниот расцут на Скупи бил обезбеден. Во 84 (или 85) година од н.е. императорот Домицијан населил тука голем број ислужени војници (ветерани од VII Клаудиева легија) и на градот му доделил најголеми самоуправни права. Се родила Colonie Flavia Scupi. Тоа е роденденот на нашиот град.
Во оформениот шаблон Скупи живеело 4 века. Во меѓувреме се измениле историските услови и статичната шема почнала да му пречи на градот. Во неа тој бил заробен како школка во својата лушпа. Следеле хунските разурнувања на Балканот, по кои градскиот живот речиси целосно згаснал. Преживеале само неколку најголеми градови (Константинопол, Солун, Салона, Атина).
Доцноантичкото Скупи се обновило и се собрало на врвот од Зајчев Рид, на површина 10 пати помала од римскиот град. За неговата структура ништо не знаеме. Во земјотресот од 518 година и Скупи било разурнато. Хроничарот Марцелин Комес, кој ова ни го соопштува, вели дека Скупјаните избегале од градот непосредно, но пред земјотресот, исплашени од група варвари што ги нападнале.
Во ова соопштение се крие вистинскиот одговор за нас. Каков бил тој град што не можел на своите одбранбени ѕидини да пречека еден безначаен грст непријатели каков што биле варварите во 518 г.? Значи дека Скупјаните немале ниту сила, ниту желба да ги бранат старите ѕидини и веројатно бедните живеалишта, штом ги препуштиле на немилост на пљачкашите. Звучи на изглед апсурдно, меѓутоа точно е дека катастрофата од 518 година им помогнала на Скупјаните целосно и бесповратно да се ослободат од стариот град кој само им пречел.
Деценија-две подоцна, големиот цар Јустинијан ја започнал својата гигантска градежна дејност во која и на просторот на Источен и среден Балкан биле изградени близу 300 утврдени места. Како наследник на Скупи сега израснала силна тврдина-гратче (опидум), искачена на падините на Водно, 300 м. високо над Вардар.
Фортификационите елементи на ова место навистина нѐ импресионираат. Силни одбранбени ѕидини, околу 40 големи кули и внатрешни прегради што го делат просторот во 3 тераси. Кулите имаат сосемa нова форма. Тоа се тригони и пентагони, способни да ги одбиваат проектилите на опсадните машини. Челото на акрополата, со агол од 45 степени, како клун од кораб се наднесува над најопасниот пристап до градот. Клунот бил зајакнат со огромен осмоаголен бастион. Од Водно била спроведена вода за пиење и акумулирана во 2 цистерни на акрополата. Уште една се наѕира и на средната тераса.
Цистерните на акрополата собирале најмалку 2.400 м3 вода. По своите димензии и монументална изведба тие немаат аналогии во нашата земја. Изненадуваат и внатрешните мерки, соодноси и агли во целиот опидум. Во сето тоа јасно се гледа однапред замислена концепција. Очигледни се новите решенија, креирани од генијалниот воен архитект на Јустинијан, Анонимус од Визант.
Она што било најсовремено во светот во тоа време, било применето кај нас. И средствата за изградба на овој гигант очигледно биле државни. Вака замислен и изграден новиот центар требало да се спротивстави на суровите воени настани на крајот од антиката.
Кога Словените целосно ги населиле овие краишта оформиле свое упориште долу крај Вардар, во центарот на денешниот град. На ритчето Кале израснало средновековното Скопје, поправо неговиот Горни град. Најстарите археолошки наоди и градски ѕидини упатуваат на X век. Тоа се бурните настани под Самоил.
Не помалку бурни за Скопскиот град ќе бидат и следните 4 века во кои градот многу пати ќе ги смени своите господари. И натаму доминира фортификационата архитектура. Традициите од времето на Јустинијан биле оживеани, усовршени со нови технички и естетски вредности под Комнените, а и подоцна. Набргу израснал и Долниот град, во подножјето на Кале, крај Вардар. Уште не знаеме кога точно се оформила и отворената Чаршија источно од градот.
За урбаната шема на средно-вековниот град сосем малку знаеме. Градбите и улиците ги следеле основните линии на градските ѕидини, кои кривеле следејќи го релјефот на теренот. Остатоците на оваа шема се зачувани до денес, макар во еден нејзин дел во старата чаршија.
Со турската окупација на нашите земји израснал и нов турски град, шехер Скопје. Бил лоциран надвор од ,,каурскиот" град, раширен долж Серава на значителен простор. По идеите на големото турско царство, овој град немал потреба да се стега и затвора зад градските ѕидини. Меѓутоа, во низа основни елементи и тој ја продолжил наследената византиска традиција.
Извор: А, списание за култура на просторот, број 2, 1985 г.