1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Скопје, 16 ноември 2013
Неформална група велосипедисти вчера одржа протестно возење на патеката на кејот на Вардар во Скопје, разочарана што меѓуетничките тепачки меѓу младите се случуваат само во автобусите.
„Секогаш кога излегувам да возам велосипед низ Скопје, се надевам дека од некој агол ќе се стрча непознат човек или група која ќе ме нападне само затоа што сум од различна националност. За жал, тоа никогаш не се случува“, вели 25-годишниот велосипедист Гоце Педалковски.
Тој додава дека и покрај овој тажен факт, нема намера да го замени велосипедот со автобус, само за да биде истепан. Сепак, велосипедот е неговата најголема љубов, вели Гоце.
Неговиот пријател, 23-годишниот Арбен Бициклиу, исто така е разочаран од односот на тепачите, но и на власта.
„Веќе е здодевно да бидеш секојдневна мета на возачите на автомобили. Етничкиот ќотек е вистинската возбуда. Секој ден се надевам дека мојот велосипед ќе заврши на ремонт, а јас на трауматологија, ама ништо од тоа“, резигнирано раскажува Арбен.
„Ако е точно дека тепачките се случуваат по нарачка на власта, апелирам да обрнат малку внимание и на велосипедистите, за да престане оваа срамна дискриминација“, апелира младиот Бициклиу.
Експертите за сега немаат одговор на прашањето зошто велосипедистите се игнорирани во тепачките, но се согласуваат дека тоа е загрижувачки тренд.
„Македонија треба да ги негува различностите. Власта треба да покаже дека ова општество има палка, нож или боксирач за секој велосипедист, без разлика на полот, верата и нацијата. Особено нацијата“, вели аналитичарот Ацо Двотркалчев во разговор за Пара вести.
Судејќи според бавното одвивање на важните процеси во македонското општество, не може да се очекува дека наскоро ќе биде спроведена децентрализација на тепачките од автобусите.