Најдобра слика од двете војни

19.11.2013 09:15
Најдобра слика од двете војни

„Морам да ви честитам, не може ни да се замисли слика кoја подобро го покажува односот помеѓу двете војни“, вели професорот по историја Кристофер Кларк, коментирајќи ја со децении заборавената фотографија на која Адолф Хитлер на својот роденден на 20 април 1941 година, во возот во кој бил сместен неговиот „Главен штаб југоисток“, кај местото Менихкирхен во Штаерска, ја гледа таблата со името на Гаврило Принцип земена од Сараево, која „Време“ ексклузивно ја објави во претходниот број.

„Што точно пишува на плочата? Фотографијата ја погледнав на ајфон па не можев да прочитам...“, праша на почетокот на разговорот австралискиот историчар Кристофер Кларк. „Каде воопшто ја најдовте, до сега не сум ја видел оваа слика“.

Професорот по современа историја на Кембриџ во овдешната јавност често е претставен како најнова западна Баба Рога која ја помага ревизијата на историјата. Причината е неговата книга „Месечари“ - како Европа тргна во војна 1914, за која „Време“ веќе пишуваше (Месечарење и други катастрофи, Време 1185) и во која се допира недопирливата вистина во Србија - би имало војна како и да свртиш, а атентатот на Принцип не е ништо друго освен повод. Кларк смета дека е погрешно читан (иако многу гласни критичари не го ни читале), а дел од недоразбирањето се обидел да отстрани веќе во германското издание на книгата - таму зборот „терорист“ пред името на Гаврило Принцип секаде каде што можел го заменил со зборот „атентатор“. Кларк вели дека ја увидел оваа нијанса, бидејќи Принцип не можел да биде терорист во денешното пејоративно значење на тој збор. Интервјуто го започнавме со прашања за фотографијата.

Во филмот „Тито и јас“ малиот Зоран оди на роденденот на Јосип Броз, а неговото семејство се прашува што би можело да му подари на човекот кој има сѐ. Слична дилема би можела да важи и за Хитлер, но плочата која му оддава почест на Гаврило Принцип била идеален роденденски дар за него?

Да, не треба да се заборави дека Хитлер бил Австриец, па добро се сеќавал на Принцип (се смее). Нема сомнеж дека дел од целата трагедија била и етничката омраза која Австријците ја негувале кон Србите. Се однесувале како предатори.

Фотографијата е згодна илустрација на врската помеѓу двете војни?

Хитлер ја персонифицира таа врска, иако во последно време постојат контроверзи за неговото доживување на Првата светска војна. Историчарот Томас Вебер негира дека Хитлер тогаш бил на фронтот. Вели дека Фирерот бил некаде во позадина и дека војната не му паднала тешко. Тој став наиде на критика, зашто од други извори е познато дека Хитлер бил она што Германците пејоративно го нарекуваат Frontschwein (фронтовска свиња), борец од први редови. Нема сомнеж дека искуството од таа војна пресудно влијаело врз него, во книгата „Мојата борба“ пишува колку го потресол тој пораз. Знаеме дека во него останала многу хабсбурговска омраза кон Србите, а посебно ги мразел Чесите. Затоа Хитлер идеално го претставува континуитетот на стариот свет на Хабсбурзите и Втората светска војна.

Во Србија сте критикувани, меѓу другото, и зашто некои мислат дека насловот на книгата „Месечари“ се однесува на Гаврило Принцип и младобосанците...

(смеа) Очигледно дека не ја ни прочитале книгата. Тоа е забавно. Оскар Вајлд еднаш рекол дека никогаш не ги чита книгите кои ги критикува, бидејќи тоа му одзема премногу време. Не, Принцип и неговата дружина не биле месечари. Тоа биле добри момци, секоја мајка би можела да се гордее со нив. Биле добро воспитани, не пиеле и не трчале по проститутки, што било вообичаено за студентите. Добри момци кои несебично се предале на својата цел и станале дел од трагедијата.

Српските историчари ве критикуваат, бидејќи атентатот кој го извршиле тие добри момци сте го оцениле како причина за војната, а не како повод. Некои сметаат дека учествувате во кампања чија цел е да ја заташка германската вина и да ја обвини Србија?

Знам, српските пријатели ми кажуваа за тоа. Секако дека не сакав да ја обвинам Србија за избувнувањето на војната. Целата книга - и тоа ми е многу важно - е обид да се оттргнеме од приказната за виновниците и потрагата по виновници. Треба да сфатиме дека Европа во 1914 била опасно место, а таа опасност не доаѓала само од еден или два центри, да речеме Виена и Берлин, туку се криела секаде. На Балканот постоела сериозна регионална криза отсликана во двете балкански војни. Србија тука има своја улога, но би било апсурдно или смешно да се обвини Србија за војната. Таа треба да се смести во мозаикот од настани, но притоа не смеат да се заборават околностите во кои се нашло српското раководство.

Од сите прилики во она време кое го спомнувам во книгата, Никола Пашиќ бил во најтешка позиција. Дома е под притисок на националното јавно мислење, а истовремено се води битка помеѓу цивилната и воената власт. За Пашиќ ова било како ноќна мора. Не мислам дека посебно добро се снашол во целата криза, но со оглед на околностите, тешко дека можел да реагира поинаку. Пашиќ го гледам како трагичен јунак, а не како виновник. Во намерата да ја прошират националната територија, ако треба и насилно и со војна, Србите не постапувале поинаку од Германците или Италијаните. Сите тие се Европејци и се однесувале европски за тоа време. Не ми е блиска идејата дека Балканот е посебно насилно место.

Вашата книга многу отскокнува од она што го пишува во нашите учебници. Уште во основно училиште учевме дека атентатот на Принцип врз Франц Фердинанд бил само згоден повод за војната, додека вистинските причини лежат во интересите на моќниците. Војната, сметаат бројни историчари, секако би се случила, само во некоја друга прилика. Вие изнесувате поинаква теза?

Често ќе слушнете дека атентатот од Сараево е само изговор, или, како што ние на англиски велиме - pretext. Моето мислење е поинакво, не мислам дека тој настан е само изговор. За време на кризата пред 28 јуни 1914 во дискусиите во Виена гулабите секогаш ги победуваат јастребите, а тие јастреби и тоа како ги има - да речеме, началникот на Генералштабот Конрад фон Хецендорф повикува на војна во секоја прилика. Но, политичката хемија во Виена значајно го променила текот по сараевскиот атентат. Најмоќен заговорник на мирот е токму Франц Фердинанд, а тој повеќе не можел да зборува бидејќи бил мртов. Тогаш на сцена стапуваат јастребите. Австрискиот историчар Манфред Раухенштајнер неодамна најде документи кои покажуваат дека царот Франц Јозеф се одлучил за војна со Србија веднаш штом ја слушнал веста за атентатот на својот внук. Царот бил многу стар и се знаело дека Фердинанд наскоро ќе го наследи престолот. Иако престолонаследникот не бил омилен, тој ја претставувал иднината на монархијата, која во тој миг има безброј проблеми. Австрискиот печат не претерува нималку кога известува дека куршумите на Принцип не убиле само маж и жена, туку ја потресле и хабсбуршката државна идеја. Атентаторот погодил во центарот. И затоа мислам дека убиството не е само изговор, туку и причина за војната.

И тогаш половина свет тргнува во најголемата кланица која Земјата дотогаш ја видела. Не може сето тоа да биде последица на еден човек и еден атентат?

Во право сте, всушност Сараево е многу брзо заборавено. Еден месец подоцна еден американски дипломат од Брисел со писмо јавува во Вашингтон дека „пред само неколку дена Србија била во главна улога“, но дека сега „исчезнала некаде зад сцената“. Тоа е згодна театарска метафора. Атентатот навистина ја покренал кризата - не можам да замислам Австроунгарија да ѝ објави војна на Србија според некое друго сценарио - но потоа во игра влегуваат разни други причини. На Русите Србија им е само второстепена грижа, тие се загрижени поради своето турско прашање, летото 1914 многу се зборува за засилената турска флота во Црното Море. Германците знаат дека Австроунгарија им е последен сигурен сојузник кој не смеат да го остават на цедило. На Французите и Британците баш им е гајле за атентатот, тие имаат свои цели. Во средината на јули британскиот министер за надворешни работи Едвард Греј јасно вели - белки нема да влеземе во војна за сметка на Србија! За него тоа било гротескно. Британците не негуваат симпатии кон Србите, овдешниот печат во тоа време дури и расистички пишува за Србите. Едноставно, сите го пресметуваат ризикот од војната и можната добивка, и сите се решаваат за војна.

И дури тука доаѓаме до „вистинските“ месечари од вашата книга. Месечари се всушност сите тие крвожедни моќници кои се спремни на војна наместо на дипломатија?

Терминот „месечари“ збуни многумина, но не можев да одолеам, тоа е толку убав збор кој им значи нешто на луѓето. Ако месечарите буквално ги сфатите како луѓе несвесни за своите постапки, па не можат да бидат одговорни за тоа што го прават, тогаш секако дека метафората не функционира. Но метафорите не треба да ги сфаќаме буквално. Јас повеќе мислев на особината на месечарите да имаат одредени намери, но да не можат да ги согледаат последиците од своите дела. Мојот брат, на пример, на девет години месечареше низ куќата подготвувајќи појадок, а всушност беше три часот наутро и тој воопшто не беше во кујната. Имало нешто слично во однесувањето на актерите од 1914 година. Кога читате што правеле во тие 37 денови помеѓу атентатот и војната, посакувате да влетате, да ги протресете и да викнете: дајте луѓе, зарем не гледате каде води ова?! Би ги прашал Австријците дали навистина вредело да отфрлат сѐ во име на одмаздата кон Белград. Истото би ги прашал Германците, па тие немале ни судир на интересите со Русија, а влегле во војна со нив! Сите тие не биле способни да го препознаат она што денес е очигледно - војната на големите сили била најлошото можно сценарио, катастрофа. Нивната неспособност да ја пресметаат и вреднуваат надоаѓачката катастрофа ги прави, на некој начин, месечари.

Каде Хитлер ја испратил плочата на Принцип

Каде и меѓу што се нашла плочата која по окупацијата на Сараево германските војници му ја однеле како подарок на Хитлер за неговиот 52 роденден, а на која пишува: „На ова историско место Гаврило Принцип ја навести слободата на Видовден, 15 (28) јуни 1914“?

Хитлер веројатно се зачудил кога офицерите од балканскиот фронт му го донеле тој трофеј. Некогашниот австриски каплар и тогашен фирер на Третиот Рајх можел да помисли дека конечно се исправа историската неправда, која „на српскиот терорист“ краткорочно му доделила улога на патриот и борец за слобода. Можеби помислил дека, ете, и на овој симболичен начин ја одмаздил монархијата К&К. Сепак, не ја сместил плочата во некоја од своите резиденции - главната во Берлин или идиличната на Алпите, во Берхтесгаден, која ја нарекол „Орлово гнездо“. Учтиво им се заблагодарил на дарителите, но кога заминале, наредил: „Носете го тоа во Арсеналот...“

Арсенал - на германски Zeughaus - е најстарата зграда на централниот булевар во Берлин Unter den Linden (Под липите). Иако прилично настрадала за време на бомбардирањето во Втората светска војна, однадвор е обновена во стариот стил.

Кнезот Фридрих Вилхелм Бранденбуршки уште во 1667 година со политички тестамент наредил да се изгради Арсеналот - завод за чување на сѐ што е поврзано со воената вештина. Започната 1695 година, изградбата била комплицирана, а во 1699 одеднаш се урнал еден дел. Дури во 1706 година зградата е целосно завршена. На влезот е поставена позлатена биста на прускиот крал Фридрих Велики со натпис: „Како признание за оружената победа, за застрашување на непријателот, а на своите народи и сојузници како знак на заштита, Фридрих Први, возвишениот и непобедлив крал на Прусија, го изгради овој Арсенал за чување на алатките на војниците, воениот плен и трофеите, за глорификација на воената вештина, а во слава на суверенот“.

Фасадата на зградата е украсена со бројни споменици, така што станува збор не само за архитектонско, туку и за скулпторско ремек-дело.

Во тој воен музеј се наоѓа и квадратен двор со големина 38 на 38 метри. Откако во 1933 година ја преземал власта, Хитлер секој март во него држел говор сеќавајќи се на паднатите германски јунаци низ вековите (Heldengedenktag), војниците загинати во Првата и тековната војна. Тука за малку, по еден од неговите последни настапи, на 21 март 1941, не го стигнала „клетвата на Принцип“: во зградата, во чијшто подрум седела спомен-плочата на српскиот атентатор Гаврило Принцип, за малку полковникот Рудолф фон Герсдорф не извршил атентат на Хитлер. Тоа бил еден од вкупно трите обиди за атентат врз Хитлер.

Сѐ било спремно. Хитлер по говорот под стаклениот покрив во внатрешниот двор на Арсеналот требало да ја обиколи изложбата на запленетото советско оружје во приземјето на зградата. Кустос требало да изигрува Фон Герсдорф, кого го врбувале противниците на Хитлер. Било планирано Фирерот да ја разгледа изложбата дваесетина минути. Герсдорф веќе активирал две британски мини од музејскиот арсенал и ги ставил во џебовите од мантилот. Се држел што поблиску до Хитлер. Простиот временски детонатор требало да предизвика експлозија за десетина минути. Меѓутоа, Хитлер нервозно само протрчал низ изложбата, се задржал едвај две минути. Герсдорф панично ги деактивирал мините во тоалетот. Доживеал длабока старост.

Откако зградата по војната се нашла во источниот дел на Берлин, Централниот комитет и партијата SED (Обединета социјалистичка партија) ја реставрирале зградата однатре, но надворешните ѕидови се зачувани. Во неа е сместен музејот на германската историја со марксистичко-ленинистичко толкување. По обединувањето на двете германски држави во 1990 година, стариот Арсенал добива ново име, Германски историски музеј, и неговата постојана изложба на четири ката на 8.000 метри квадратни е отворена на 2 јуни 2006 година.

Во музејот се следи историјата на Германија и Германците од битката кај Тевтобуршката шума до падот на ѕидот кој го одвојувал источен од западен Берлин - со други зборови, од 9 година по Христос, до 1989 година - значи, осумнаесет векови.

Денешната постојана поставка е посветена и на развојот на културата и културното наследство во шеснаесет различни одделенија, но и понатаму покажува околу 20.000 парчиња разно оружје и околу 30.000 примероци од таканаречената „милитарија“, како што се знамиња, униформи, ордени и медали. Редакцијата на Време ќе се обиде да ја следи трагата на спомен-плочата на Гаврило Принцип која се губи во стариот Арсенал.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото