Новиот јазик на левицата

19.11.2013 12:47
Новиот јазик на левицата

Почнувам од едно чувство, од впечаток, кој можеби е личен, можеби неоправдан, но кој сепак го имам заради информациите со кои располагам: тоа е чувството на општа политичка немоќ. Ова што во моментов се случува во Грција е некаков вид концентрат на ова чувство.

Се разбира, храброста и тактичката инвентивност на прогресивните и антифашистичките демонстранти ја буди надежта. И покрај тоа, таквите нешта се потполно неопходни. Дали се нови? Не, ни случајно. Тоа се непроменливите карактеристики на секое вистинско масовно движење: егалитаризам, масовна демократија, смислување слогани, храброст, брзо реагирање... Сето тоа веќе сме го виделе, изведено со истиот полет – радосни и секогаш по малку напнати – во мај шеесет и осмата во Франција. Неодамна гo видовме на плоштадот Тахрир во Египет. Се разбира, истите работи веројатно се случувале во времето на Спартак или Томас Минцер.

Тогаш, да тргнеме, условно, од друга почетна точка.

Грција е земја со многу долга историја, од универзално значење. Тоа е земја чиј отпор кон последователните угнетувања и окупации има посебна историска зачестеност. Тоа е земја каде комунистичкото движење, вклучувајќи го и обликот на вооружена борба, било многу силно. Земја каде дури и денес младите служат за пример, чувајќи ја традицијата на масовниот и истрајниот отпор. Земја каде, несомнено, класичните реакционерни сили се многу добро организирани, но во која исто така постои решителен и богат ресурс на големи народни движења. Земја каде секако дејствуваат застрашувачки фашистички организации, но и левичарска партија, како што изгледа, со солидна изборна и борбена база.

Значи, во оваа земја сè продолжува како ништо да не може да ја запре целосната доминација на капитализмот, ослободен од сопствената криза. Како под команда на ад хок комисиите и сервилните влади, државата да нема друг избор освен да ги следи дивјачките анти-народни декрети на европската бирократија. Притоа, во светлото на отворените прашања и нивните „европски“ решенија, движењето на отпорот повеќе личи на тактика на одложување отколку на вистинска политичка алтернатива.

Тоа е голема лекција на ова време, која нè повикува не само со својата сила да ја поддржиме храброста на грчкиот народ, туку и да им се придружиме во промислувањето на она што мора да се мисли и да се прави, за оваа храброст да не се претвори, од очај, во бескорисна храброст.

Затоа што интересна е – пред сè во Грција, но и другаде, особено во Франција – очигледната неспособност на прогресивните сили да ги принудуат дури и на најмала отстапка економските и државните сили кои се трудат безрезервно да ги изложат луѓето на новиот (навистина одамнешен и фундаментален) закон на сеопфатниот либерализам.

Не само што прогресивните сили не напредуваат и не успеваат да постигнат барем ограничен успех, туку растат и силите на фашизмот, па уште во вештачки создадената рамка на ксенофобијата и расистичкиот национализам, сега се поставуваат како предводници на противењето на декретите од европските администрации.

Нешто ми кажува дека основната причина за оваа немоќ не се темели на инертноста на луѓето, недостатокот на храброст или мнозинската поддршка на „нужното зло“. Многу примери ни покажаа дека постојат ресурси за остро и масовно народно движење. Меѓутоа, од овие обиди не се изроди никакво ново промислување на политиката во масовен обем, никаков нов речник не произлезе од реториката на протестите, а синдикалните шефови конечно нè убедија дека мораме да ги почекаме... изборите.

Мислам дека денес станува збор за тоа дека повеќето политички категории кои активистите се обидуваат да ги користат за размислување и менување на нашата моментална ситуација, судејќи според сè, се нефункционални.

По широките превирања во шеесеттите и седумдесеттите, влеговме во многу долг контрареволуционерен период – економски, политички и идеолошки. Оваа контрареволуција суштински ги уништи убедувањето и силата кои некогаш можеа да ја поврзат свеста на луѓето со најелементарните изрази на еманципациска политика – со зборовите како што се, да наведеме само неколку случајни примери, „класна борба“, „генерален штрајк“, „револуција“, „масовна демократија“, и многу други. Клучниот збор, „комунизам“, кој доминираше на политичката сцена од почетокот на 19 век, и самиот е осуден на некаков вид историска инфамија. Тоа што равенката „комунизмот е тоталитаризам“ се чини толку природна и општо прифатена само покажува колку сериозно потфрлиле револуционерите за време на катастрофалните осумдесетти. Се разбира, не можеме да ја избегнеме острата критика во што се претворија комунистичките партии на власт, особено во Советскиот Сојуз. Но, оваа критика би требало да биде наша. Таа треба да ги поттикне нашите теории и практики, помагајќи им да напредуваат, да не да доведува до некакво тмурно одрекување, исфрлување на политичкото дете од историски валканата вода. Тоа доведе до запрепастувачка состојба на нештата: по прашањето на историската епизода од пресудно значење за нас, ние го прифативме, практично безрезервно, гледиштето на нашите непријатели. А оние што не го направија тоа само ја сочуваа старата жална реторика, како ништо да не се случило.

Од сите победи на нашиот непријател, оваа симболичка победа е една од најважните.

Во времето на старите комунизми, му се потсмевавме на она што го нарекувавме langue de bois: празен јазик со клишеа – шупливи зборови и помпезни придавки.

Се разбира, се разбира. Но, постоењето на заеднички јазик значи и постоење на заедничка идеја. Ефикасноста на математиката во науката – а не може да се оспори дека математиката е величествен langue de bois – има врска со фактот дека таа ја формализира научната идеја. Способноста брзо да ја формализира анализата на дадената ситуација и тактичките последици на таа анализа. Ова не е помалку значајно во политиката. Тоа е знак од стратешка виталност.

Денес, една од најголемите предности на официјалната демократска идеологија е токму фактот дека на располагање ѝ стои еден langue de bois со кој зборуваат сите медиуми и секоја наша влада, без исклучок. Кој би поверувал дека термините како што се „демократија“, „слободи“, „човекови права“, „урамнотежен буџет“, „реформи“ и така натаму, се нешто повеќе од елементи на сеприсутниот langue de bois? Токму ние, милитантните без стратегија за еманципација, сме оние кои веќе долго страдаме од афазија! И нема да нè спаси сочувствителниот и неизбежен јазик на „движечката“ демократија. „Долу ова или она“, „заедно ќе победиме“, „надвор“, „отпор!“, „бунтот е право“... Така можат моментално да се соберат колективните афекти и тоа е тактички многу корисно – но прашањето за јасна стратегија останува потполно неразјаснето. Таквиот јазик е премногу сиромашен за сериозна дискусија за идното еманципациско дејствување.

Клучот за политичкиот успех секако се крие во силата на бунтот, во неговиот опсег и неговата смелост. Но и во нејзината дисциплинираност и во прогласите за кои е способна – прогласите кои се однесуваат на позитивната стратешка иднина и кои откриваат нова можност која досега била затрупана со непријателската пропаганда. Заради тоа, постоењето на орканските народни движења само по себе не нуди политичка визија. Тоа што го зацврстува движењето врз основа на личните чувства, секогаш е со негативен карактер: тоа се оние нешта кои произлегуваат од апстрактните негации, како што се „долу капитализмот“, или „запрете ги отпуштањата“, или „не на штедењето“ или „долу европската тројка“, кои немаат никаков друг ефект освен што го поврзуваат движењето со негативната слабост на неговите емоции; што се однесува, пак, до поконкретните негации, бидејќи нивната мета е прецизна и затоа што можат да соберат различни слоеви од населението, како „долу Мубарак“ за време на Арапската пролет, тие навистина можат да постигнат резултат, но никогаш не можат да ја конструираат политиката од тој резултат, како што денес можеме да видиме во Египет и Тунис, каде реакционерните верски партии ги берат плодовите на движењата со кои навистина не се поврзани.

Затоа што секоја политика станува дисциплинирано спроведување на тоа што го предложува, а не на тоа што го негира или отфрлува. Политиката е активно и организирано убедување, мисла во акција која отвора незмисливи можности. Слоганите како што е „отпор!“ секако се соодветни за собирање различни поединци, но тие создаваат ризик таквиот собир да стане само весела и полетна мешавина од историската егзистенција и политичката кршливост, која се претвора, штом непријателот ќе си дојде при себе (затоа што тој е политички, дискурзивно и владејачки подобро подготвен), во продлабочено и стерилно повторување на неуспехот.

Во ширењето на негативниот афект на отпорот нема да го пронајдеме она што ни е потребно за да изнудиме значително повлекување на реакционерните сили кои денес се обидуваат да го растурат секој облик на размислување и дејствување кој одбива да тргне по нив. Тоа ќе го пронајдеме во заедничката дисциплина на единствената идеја и сè пошироката употреба на хомогениот јазик.

Реконструкцијата на таквиот јазик е пресуден императив. Имајќи го тоа на ум се обидов повторно да претставам, редефинирам и да реорганизирам сè што се потпира на зборот „комунизам“. Зборот „комунизам“ означува три основни нешта. Прво, означува аналитичко забележување според кое во денешните доминантни општества слободата, чија демократска фетишизација многу добро ја познаваме сите, во целост ѝ е подредена на сопственоста. „Слободата“ не е ништо друго туку слобода да се дојде до сите можни производи без однапред определена граница, додека моќта „да го правиш тоа што го сакаш“ се мери исклучиво со размерите на таквото стекнување. Некој кој изгубил секаква можност да стекне нешто, всушност нема никаква слобода, што било очигледно, на пример, во случајот со „скитниците“ кои англиските либерали на надоаѓачкиот капитализам ги беселе без никакво колебање. Токму затоа Маркс во Манифестот истакнува дека сите одредби на комунизмот, во принцип, можат да се сведат на само една: укинување на приватната сопственост.

Понатаму, „комунизмот“ ја означува историската хипотеза според која не е неопходно слободата да ја одредува сопственоста и дека со човечките општества управува строга олигархија на моќните стопанственици и нивните слуги во политиката, полицијата, војската и медиумите. Можно е општеството во кое преовладува, како што вели Маркс, „слободното здружување“, каде продуктивниот труд е колективен, каде со текот на времето исчезнуваат сите големи спротивности предизвикани од нееднаквостите (помеѓу интелектуалниот и мануелниот труд, помеѓу селото и градот, помеѓу мажите и жените, помеѓу управата и работниците итн), и каде за одлуките кои се однесуваат на сите, се прашуваат сите. Би требало да ја третираме оваа егалитарна можност како принцип на размислување и дејствување и да не се откажуваме од неа.

Најпосле, „комунизмот“ ја означува потребата за меѓународна политичка организација. Тој тежнее да го поттикне инвентивното размислување кај луѓето, да конструира, на начин кој не е извалкан со постоечката состојба, постоечката сила и секоја дадена ситуација. Целта е оваа сила да биде способна да ја насочи реалноста во правец на пропишаното поврзување на принципите и активната субјективност на сите кои имаат волја да ја трансформираат дадената ситуација.

Така, зборот „комунизам“ го означува целокупниот процес во кој слободата се ослободува од својата неегалитарна потчинетост на сопственоста. Тоа што нашите непријатели толку упорно се борат против овие зборови го покажува фактот дека тие не можат да го издржат тој процес, кој навистина би ја уништил нивната слобода, чија норма ја одредува сопственоста. Ако тоа е она што нашите непријатели го презираат пред сè, тогаш нашето повторно откривање мора да почне оттаму.

Дали овие вербални вежби нè одведоа далеку од Грција и конкретната ургентност на ситуацијата? Можеби. Меѓутоа, политиката (une politique) секогаш претставува поврзување на дисциплината на идеите со изненадувањето на околностите. Мојата желба е Грција да биде универзално место на тоа поврзување за сите нас.

Извор: www.theguardian.com
Слика: Pawel Kuczynski

ОкоБоли главаВицФото