Култен и мрзоволен дизајнер кој сѐ уште никој не го надмина

19.11.2013 13:31
Култен и мрзоволен дизајнер кој сѐ уште никој не го надмина

Бидејќи Михајло Арсовски според сопственото дејствување негува многу особен, често негативистички и ирониски пристап, за некои претставници на помладите генерации неговиот лик и дело попримија речиси митски обележја, пишува Јасна Гаљер во уводот на новата книга посветена на делото на особениот дизајнер.

Навистина, Арсовски меѓу денешните генерации ужива култен статус. Во јавноста веќе долго не се појавува, комуницира само со ретки луѓе и одбива добар дел од нарачките кои доаѓаат на неговата адреса.

Погледот на неговото дело Јасна Гаљер го завршува со крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Од тоа време датира и црно-белата фотографија на дизајнерот: Арсовски стои на снег покрај камион, потпрен на ретровизорот, насмевнувајќи се кон авторот на фотографијата.

Се противел на изложбата

Од периодот кој е застапен во книгата до денес, малку се знае за дизајнерот, има малку фотографии, малку дела, уште помалку изјави на авторот. Пред две години Хрватското дизајнерско друштво на Михајло Арсовски му додели награда за животно дело и му приреди изложба во галеријата SC, местото каде ја имал последната голема изложба во 1972 година. Не се појавил на изложбата и не дошол да ја подигне наградата. Уште повеќе, се противел на тоа воопшто да му се приреди изложба и да му се додели награда.

За среќа, изложбата не е откажана и уште еднаш се запознавме со богатството на визуелниот јазик на Арсовски, кој уште повеќе се препознава и вреднува од денешна перспектива. Неговиот јазик е подеднакво модерен денес како и во шеесеттите години.

Суптилна критика

Но, наместо со компјутер, за своите шаренолики, но добро осмислени колажи, користел ножици и лепак и се служел со cut-paste методот за да рециклира разни глетки. И тоа е делот од неговиот опус на кој најмногу се фокусира Јасна Гаљер.

На еден од колажите кои Арсовски ги работи во текот на студентското движење од 1968 година, ги користи боите на државното знаме. Во тие бои ги сместува глетките од драматичните исечоци од улиците, фотопортретите на млади жени, љубовните парови, младичот кој носи очила за сонце со ѕвезда петокрака. На друг колаж, пак, од 1964 година, под документацијата од работна акција како противтежа се гледа лице на девојка со очила за сонце. За Меѓународниот фестивал на студентски театар, пак, ги спојува овие различни елементи: трамвајска карта од загрепскиот електричен трамвај, фотографии од протагонистот на тогаш многу популарната група 4М, со цитати од „Ќелавата пејачка“ на Јонеско...

Михајло Арсовски е роден 1937 година во Скопје, во семејство на предвоен левичар и револуционер. Студирал историја на уметност и архитектура во Загреб. Многу од неговите дела од шеесеттите, ако се читаат внимателно, се суптилна критика и отпор кон владејачката идеологија. Но, она што Јасна Гаљер го покажува во својата книга е како дизајнерот во своите дела успеал да ја избегне замката на пропагандата и да се фокусира на ангажманот.

Гаљер како пример за критичност ја наведува и глетката која го демистифицира култот на личноста на Јосип Броз Тито, на насловната страница на Студентски лист од 1965 година. Насловната страница го прикажува младиот и цврст водач, загледан во далечината, како што е тоа вообичаено за тоа време. Но, во горниот десен агол пишува: Ви го честитаме роденденот, другар Претседател. Вакво непосредно обраќање кон авторитетот не било баш типично за тоа време, и како такво претставува тивок отпор, пишува Гаљер.

Психоделична уметност

Арсовски не се ограничувал само на еден вид дизајн: го креира визуелниот идентитет на авиокомпанијата Пан Адрија, ги дизајнира весниците Телеграм, Студентски лист, Полет и Поп Експрес, кој е специфичен по графичкото обликување со директни референци на психоделичната уметност и халуциногените дроги, обликува дури и амбалажа за парфеми, заедно со Александар Срнец го обликува ентериерот на еден бутик во загрепскиот премин Небодер...

Во &TD го осмисли единствениот пример на тотален дизајн: наместо традиционални програмски книшки, испечатени се разгледници, а влезниците се копија на тогашните железнички карти, така што на влезот во салата редарите ги перфорирале картите како кондуктери во возовите... Главната фестивалска награда била железничка спојка пресечена на два дела.

Извор: Јутарњи лист

ОкоБоли главаВицФото