Чуварот

20.11.2013 11:26
Чуварот

Пренесуваме извадок од романот „Чуварот“ од авторката Павлина Пејковска, кој неодамна излезе од печат во издание на Магор.

Раскажан со едно внимателно водено темпо на нарацијата и истенчен усет за доловување на наиинтимните чувства, романот Чуварот е потресна исповед за една човечка судбина. Романот доследно ја следи духовната димензија на човековото зреење низ љубовта и страдањата што ги носи животот. Тоа е лична биографија на нараторката во текот на неколку децении, од спомените на детството и младоста, првите љубови, па сè до семејниот живот.

Романот изобилува со референци од книжевноста, музиката, сликарството, а привилегирано место имаат референците од доменот на филозофијата. Притоа, филозофските сознанија за животот во романот не се само интертекст, туку се и неразделно проткаени во реконструкцијата на животната приказна, што на романот му дава особен шарм.

 

- Кога ќе пораснам сакам да бидам писател – му реков на дедо ми.
- А за што ќе пишуваш ти?- се заинтересира тој.
- Сказна за малото девојче што го препливало езерото до другата страна на брегот каде што ја чекал волшебникот …
- Дете мое, пишувај сега за твојата пионерска значка. Ти си Титов пионер. Имаш капа со петокрака.- внимателно, без да ме навреди, ме прекина тој.
- Дедо!!!
- Земи пишувај колку е убаво да се живее во слобода. Тито е единствен волшебник. Тој ни даде држава. Сега сите имаат парче леб. Децата веќе не одат по пасиштата. Вие сте ученици. Кога ќе пораснете нема да дигнете во рака ништо потешко од пенкало.
-Дедо, јас ја изгубив мојата значка веднаш по прославата во училиштето.
Тој ме погледна сериозно и благо ми нареди
-Немој да го изгубиш ЧЕСНИОТ ПИОНЕРСКИ ЗБОР. Тој вреди злато.

Набрзо во канцеларијата влезе курирот и го донесе најновиот број на весникот Комунист. - Тука пишува сè -додаде дедо ми. Потоа ми раскажа дека за време на Втората светска војна бил партизан и учествувал во ослободувањето на татковината. Тој беше член на Комунистичката партија на Југославија.

-Дедо, дали и Господ бил член на Коминистичката партија?
– Молчи, молчи и ѕидовите имаат уши.
- За него не треба да се зборува по канцеларии. Ќе не караат. Ќе ти раскажам дома, ми рече.

Јас бев нетрпелива. Сакав да дознаам повеќе за Господ. Па тој беше мојот чувар, зар не?

Времето што изминуваше ја плетеше полека приказната. Тој ти бил Творец на светот. Едно безвременско суштество претворено во око кое неуморно набљудува се што се случува. Тој е причина за се што постои. Почеток и крај. Живот и смрт. Живот над смртта. Вечност. Креаторот на универзумот ја разоткриваше својата суштина на љубов, добрина, креативност и биднина наспроти омразата, злото, деструктивноста и небиднината.

Творецот ни носеше и многу празнични мигови.
Убавиот Бадник секогаш имаше вкус на топло печено лепче со паричка. Тоа беше не само симбол за здравје и благосостојба на семејствата, туку и завет дека ќе се почитуваат хармонијата на космосот и врвните принципи на битисувањето. Завет дека ќе се биде добар и во добро и во зло.

Преубавиот Божиќ мирисаше на мандарини, а слатката пита со ванила имаше вкус на најслатки насмевки во очите на тие што те сакаат.

Веселиот празник влегуваше во сите домови. Комунистите, иако беа атести, во име на христијанската традиција ја отвораа вратата за небесната свеченост. Некои од нив тајно оделе во црква да запалат свеќа за здравје. Не можам да се сетам дали и дедо ми одеше во црква, но знам дека тој не подвлече црвена граница меѓу теизмот и атеизмот. Неговиот дедо бил поп и во наследство им оставил љубов спрема ближниот.

- Христијанските празници треба да се почитуваат за да го соберат семејството дома, на топло.

Најубавиот празник Велигден носеше бои на Христовата жртва. Иако бевме деца ја имавме научено лекцијата за крстот и сребрениците на Јуда. Воскреснувањето на Исус за мене беше стапнување во фантастичните сфери на мојот детскиот ум. Верував дека е вистина тоа што не се гледа. Така и дадов слобода на мојата имагинација.

Наспроти христијанската традиција гордо се вееше социјалистичкото знаме во сина, бела и црвена боја со петокраката на Маршалот Тито. Добродетелата на Семоќниот беше во корелација со идејата за братството и единството на народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Мирољубивата коегзистенција беше императив за светот, во Тито да гледа моќен државник. За нас тој беше закон за слободата. Секој поедиднец имаше право да го трасира својот животен пат. Ние младите бевме инволвирани во слободата и љубовта преку Титовата штафета на младоста. Таа беше наше легитмно право да уживаме во социјализмот. Повоените генерации на убавата Југославија беа најпривилегираните суштества во историјата на човештвото. Благодарение на кокетноста на атеизмот со религиозноста на мнозинството бевме благословени со мир.

Од денешна перспектива, сепак, ми се чини дека не беше сè розово.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото