Заминувањето на Дорис Лесинг

21.11.2013 09:56
Заминувањето на Дорис Лесинг

Дорис Лесинг, добитничка на Нобеловата награда за книжевност, слободоумна жена позната по нејзините патувања и авторка на често дискутираната книга „Златниот бележник“, но и на многу други романи кои ги прикажуваат нејзините неверојатни доживувања низ поранешната Британска империја, почина во неделата. Имаше 94 години.

Претставник од нејзината издавачка куќа Харпер Колинс соопшти дека авторката на повеќе од 55 дела, меѓу кои се наоѓаат романи, опери и поезија починала во мир во неделата наутро. Нејзиното семејство упати повик за приватност, па затоа точната причина за смртта сè уште не е позната.

Лесинг пишуваше за најразновидни теми, од колонијална Африка до дистописка Британија, од мистеријата да се биде жена до непознатите светови на научната фантастика.

Таа ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2007. Шведската академија сакаше да го овековечи нејзиниот „скептицизам, жар и визионерската моќ“. Кога ја доби веста за наградата во нејзиниот дом надвор од Лондон, таа едноставно рече: „Ох, Боже!... Воопшто не ми е гајле.“

Одговорот е сосема типичен за избувливата, независна Лесинг која никогаш не го ограничуваше својот жар само на страниците на нејзините книги. Цели на нејзиниот гласен бес во последниве години беа и поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, „бедниот свет“ и модерните жени – „самодоволни и вообразени“. Предизвика и контроверзии кога изјави дека нападите врз САД од 11 септември 2001 и „не се толку ужасни“.

Таа е најпозната по „Златната бележница“, книга во која хероината Ана Вулф користи четири бележници за да ги соедини различните делови на нејзиниот живот кој полека се распаѓа. Во романот се обработени многу карактеристични женски состојби чие претставување претходно беше обележано како целосно незамисливо – меѓу кои и менструацијата, оргазмите и фригидноста – што ја направи Лесинг една од иконите на женското ослободување. Но книгата привлече толку големо внимание и беше толку многу дискутирана што таа подоцна ја опишуваше како „неупех“ и „целосно промашување“.

Објавена во Британија во 1962 година, книгата не беше преведена во Франција и Германија цели 14 години, бидејќи беше сметана за премногу контроверзна. Кога беше објавена во Кина во 1993, за два дена беа продадени 80.000 копии.

„Таа го разби реализмот одвнатре“, вели Лорна Саж, академик кој ги проучува делата на Лесинг уште од 1970-те. „Лесинг ги отфрли конвенциите со кои порасна во чин на целосен бунт – славејќи ја дезинтеграцијата како репрезентативното искуство на генерацијата – во моментот кога она што се очекуваше од нас беше да се прибереме.“

Меѓутоа, за некои читатели и критичари книгата беше недобредојдено изложување на женските неупеси.

Лесинг продоложи да добива критики за нејзините дела во текот на целиот живот. Иако не престана да пишува, објавувајќи нешто ново барем секоја втора година, нејзините последни дела не привлекоа многу внимание и беа често критикувани како дидактички и непристапни.

„Ова е чиста политичка коректност“, изјави американскиот критичар Харолд Блум во 2007, откако Лесинг ја доби Нобеловата награда. „Иако госпоѓата Лесинг на почетокот на нејзината писателска кариера имаше неколку восхитувачки квалитети, нејзините дела во последниве 15-тина години се речиси нечитливи... четвртокласна научна фантастика.“

Додека Лесинг го објаснуваше својот интерес за научната фантастика како начин за истражување на „социјалната фантастика“, и таа беше иронична во однос на добивањето на Нобеловата награда. По излегувањето од едно такси во Лондон, со торбите храна во рацете, беше опкружена од новинари кои постојано ја прашуваа дали е возбудена заради наградата. „Не можам да кажам дека сум премногу изненадена“, рече Лесинг. „Имам 88 години, а бидејќи не можат да му дадат Нобелова награда на некој што е мртов, веројатно помислиле дека е подобро да ми ја дадат сега, пред да умрам.“

Како што интернационалните медиуми ја опкружуваа нејзината градина, таа се орасположи кога еден новинар ја праша дали мисли дека Нобеловата награда ќе го зголеми интересот за нејзините дела.

„Би била многу задоволна ако добијам некои нови читатели“, рече таа. „Да, тоа е многу добро, не помислив на тоа досега.“

Родена како Дорис Меј Тајлер на 22 октомври 1919 година во Персија (денешен Иран) каде што нејзиниот татко работел како менаџер на банка, Лесинг се сели во Јужна Родезија (денешен Зимамбве) на возраст од 5 години и живее таму до нејзината 29 година.

Неверојатно упорна уште како дете, ги читала делата на Чарлс Дикенс и Радјард Киплинг и пред да наполни 10 години и живеела според мотото „Јас нема“. Посетувала католичко училиште за девојки во Салисбери (денешен Хараре), но го напуштила пред да го заврши средното образование.

На 19 години, се мажи за нејзиниот прв сопруг, Френк Висдом со кого добива ќерка и син. По неколку години го напушта нејзиното семејство и му се приклучува на Левичарското здружение на читатели, група комунисти и социјалисти вљубеници во книжевноста, предводени од Готфрид Лесинг, кој ќе стане нејзиниот втор сопруг и таткото на нејзиното трето дете.

Но Лесинг се оддалечува од комунистичкото движење и во 1949 година, на возраст од 30 години, го напушта нејзиниот втор сопруг и се сели во Британија. Заминува со нејзиниот помлад син Питер, пакувајќи го и ракописот од нејзиниот прв роман „Тревата пее“. Овој роман, кој преку приказната за една жена заробена во несреќен брак ја портретира сиромаштијата и расизмот во Јужна Родезија, е објавен во 1950 година и достигнува голем успех во Европа и САД.

Потоа Лесинг се посветува на пишувањето на првиот од нејзините пет длабоко автобиографски романи – од „Марта Квест“ до „Градот со четири порти“ – дела кои се објавени во рамки на серијата „Деца на насилството“.

Во нејзините нефикционални дела се вклучени најразновидни книги, од „Враќајќи се дома“ од 1957 година каде зборува за нејзиното враќање во Јужна Родезија до книгата за нејзините миленичиња – „Особено мачки“ од 1967 година.

Во 1950-те, Лесинг станува почесен член на група писатели познати како Бесните млади мажи, за кои се смета дека внесуваат радикална нова енергија во британската култура. Нејзиниот дом во Лондон станува центар не само за писателите, драмските автори и критичарите, туку и за непронајдените и осамениците.

Самата Лесинг отсекогаш одрекувала дека е феминистка, изјавувајќи дека не била свесна дека пишува нешто особено контроверзно додека работела на Златната бележница.

„Ги слушав жените како зборуваат за нивните проблеми и за мажите. Но откако ги запишав овие приватни разговори луѓето беа вчудовидени. Како она што жените го велеа да не постоеше пред да биде запишано“, изјавила таа.

Првите романи на Лесинг ја опишуваат деколонизацијата на црните Африканци од белите колонијалци и го критикуваат апартхејдниот систем во Јужна Африка, што резултира со забранување на нејзините книги од страна на владите во Јужна Родезија и Јужна Африка во 1956 година. Подоцнежните влади ја негираат оваа одлука. Во јуни во 1995 година, истата година кога добива почесна диплома од универзитетот Харвард, таа се враќа во Јужна Африка за да ја посети својата ќерка и внуците.

Лесинг често ги претставуваше жените – а и себеси – како суетни и дефанзивни. Во предговорот кон изданието на „Златниот бележник“ од 1993 инсистира дека книгата „не треба да се сфати како повик за женското ослободување“.

„Мислам дека женското движење е претерано романтизирано“, изјави таа во едно интерјву за Асошиејтед Прес во 2006 година. „Што и да направат жените се претставува како голема победа за феминизмот – без разлика колку и да е лошо. Ми се чини дека воопшто не сме самокритични.“

Во 2001, за време на Единбуршкиот книжевен фестивал, таа изјави дека модерните мажи се „управувани“ од жените.

„Не можат да се спротивстават“, рече таа. „А време е да го направат тоа.“

Лесинг е надживеана од нејзината ќерка Џин и внуките Ана и Сузан.

Извор: The Hollywood Reporter